ПЕЦО-хумореска на Панде Петровски

Март 13, 2023
Автор на карикатурата: Панде Петровски Автор на карикатурата: Панде Петровски

Афоризми

Ми велат дојди утре, а не ми кажуваат кое утре.

Графитите по зидовите се слики за нашите неприлики.

Си правеше кариера, со рушење бариера по бариера.

 

 

 

Хумореска

ПЕЦО

Го среќавав многу пати по улиците и затоа не можам да речам дека не го познавам. Обичен човек, наш сограѓанин, од истата маала, но сепак по малку, а понекогаш и по многу од другите поразличен, дури и необичен. Никој не му беше сличен. Не му го знаев точно ни името, а да не зборуваме и за презимето. Децата го викаа Песо, а возрасните, мислејќи дека тие грешат, го завикаа Пецо. Тоа мене не ми пречеше, како сака човекон нека си се вика, не ми беше тоа важно, но сепак во еден момент тоа ми стана поважно и од најважно.

Се враќав доцна дома, во малите саати што се вели. По цела улица како што се знае одамна нема ни една здрава светилка. Жива темница. Само некоја слаба светлина, колку да ги прави уште погрди сенките, допира од некое прозорче на становите во кои очигледно живеат пензионери на кои кој знае од кога им е скршен сонот, а утредента не мора ни да стануваат рано за на работа. Глетката по улицата како измислена но и создадена за снимање хорор филм. Сто најпознати сценографи и осветлители вака не можат да ја подготват. Одам така сам, кога од левата страна ми се втурна еден пес. Од другата гледам, уште не знам колку усти озабени. Не знам повеќе ни да бројам, ни да собирам или вадам, а камоли да множам. Се размножиле кучињата, крај им нема. Ми замрзна крвта, се здрвив, не се вцрвив, оти обледнав, платно се сторив. Не стигнав ни да се преслушам на кој толку сум му згрешил, па Господ што ме казни вака да завршам. И токму еден пес од суријата кога ме зграпчи за левата нога, само што не се онесвестив оти знаев дека сега и сите други ќе ми се нафрлат, да ме зграпчат и да ме раскинат, кога за среќа, како од небо да падна, еве го Пецо, да гледаш, а да не веруваш. Не знам дали нешто им викна, оти јас бев веќе во кома, дали само што тие го видоа се собраа околу него, јас не им бев повеќе интересен; ме оставија како да не сум ни коска ни месо, се вртат околу него, мрдаат весело со опашките, гледам и се чудам, како да не е таа истата глутннца. Сто режисери ова да го режираа, вака немаше да испадне.

Сакав човекот спасител да го прегрнам од благодарност.

–Фала ти Пецо, му велам, а тој тивко ми возвраќа:

–Јас не сум Пецо, јас сум сиромавиот Трпе, а со другариве, верните пријатели – кучињата, се запознавме пребарувајќи ги контејнерите.

 

Панде Петровски фото 1

Панде Петровски: Ликовен уметник и педагог, карикатурист и хуморист. Роден е 1939 година под Пелистер, во село Брусник, Битолско. Во 1963 година завршува Педагошка академија (ликовна насока) - Скопје, со студиски престој во Италија. Сликарство учеше од: Павле Павловски, Мамер Сулејманов, Иван Мелников, Менде Ивановски, Пепи Пашанко, Тоде Ивановски, Борислав Траиковски и Вангел Коџоман. Член е на ДЛУБ (Друштво на ликовните уметницина Битола), ДЛУМ (Друштво на ликовните уметници на Македонија) и МНД (Македонско научно друштво). Соработува со повеќе весници и списанија, а застапен е и во Антологиите на македонскиот и балканскиот афоризам. Добитник е на наградите: „4 Ноември“ на Општина Битола 1987 година и Специјална награда на 37. Светска галерија на „Остен“ 2009 година.

 

По избор на Александар Литовски

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани