2win800x200

Претседателката на Советот на Општина Битола го обвини градоначалникот за диктатура, а тој неа за психички мобинг

Август 23, 2023

Уште повеќе се заостри реториката меѓу претседателката на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска од независната советничка група „Поинаку“ и градоначалникот Тони Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Илиевска на денешната седница на Советот го обвини Коњановски за диктатура зашто до неа стигнал допис од секретарот на Општината дека доколку бара информации до општинската администрација, треба да ги достави до нив, што таа го оквалификува како обид за запирање на информациите. Градоначалникот пак, кажа дека постапуваат според законските одредби, Статутот и Деловникот на Општината во однос на обврските на службите и нема да дозволат врз администрацијата да се врши психички мобинг.

 

Новата конфронтација настана откако Илиевска побара од раководителите на сектори и одделенија во Општината да ѝ се достави писмено образложение по предлог точките што ги имаат доставено за 30 седница на Советот.

„До мене стигна допис од секретарот на Општината со кое ми налага како на советник и претседател на Советот доколку сакам да добијам било каква информација морам да се обратам до нив притоа не смеам да се обратам до ниедна од другите служби зашто за тоа немам надлежност. Ми беше кажано дека вакви лични услуги, да се испраќа известување до претседателката на Советот, нема веќе да ги вршат службите, а замислете имаме служба за поддршка на Советот. Градоначалник, ова е класична диктатура, која никогаш нема да ја дозволам и да кажите дали ќе го отповикате дописот“, рече Илиевска.

Од Општина Битола одговорија дека се испочитувани законските одредби во однос на обврските на општинските служби. Согласно Законот за локална самоуправа, оној за административни службеници и Статутот на Општината, градоначалникот и секретарот раководат со општинската администрација, па барањата за информации треба да бидат доставени до нив, па тие понатаму да ги проследат до соодветните сектори и одделенија. Велат во случајот се барало дополнително писмено образложение по точките кога за истите биле изготвен и доставени материјали, а доколку има потреба предлагачите од редот на општинската администрација на соодветните работни тела или на самата седница даваат стручни образложенија или мислења.

„Општинската администрација и секретарот се на располагање на Советот и граѓаните и тоа јасно сите го имате на увид, тука не треба дискусија, секојдневно сме во контакт и со советниците и со граѓаните и со претседателката на Советот и се она што треба да го добие. Меѓутоа, нема да дозволам психички мобинг врз административните службеници од било кого, вклучувајќи ја и претседателката Советот“, рече Коњановски.

Веќе неколку месеци се нарушени односите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Поинаку“ откако се распадна советничкото мнозинството во битолскиот Совет.

Ж.З. 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани