АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битола како турска касаба, ни патот од Прилеп за Битола, ни влезот во градот не доликуваат на современата цивилизација, реагираат граѓани и стопанственици од регионот кои со децении наназад бараат модерно автопатско решение и нов сообраќаен пристап до градот.
Човек треба да е многу искусен возач за да може да се справи со севкупната ситуација во која се наоѓа патот Прилеп - Битола, а уште повешт за да го „погоди“ влезот на Битола од страната на Прилеп.
Прво, патот е двосмерен, нерамен и со пукнатини во асфалтот што го прави несигурен на дозволена брзина од 100 километри на час, а згора на тоа наместа изостанува сообраќајната сигнализација, нечист по краевите, кал и песок, патната сигнализација „закопана“ во треви и смет и без видливо ограничување до каде е коловозот.
„Независен“ беше на терен, а нашиот искусен возач Љупчо Дојчиновски забележува:
„Цело време колата игра на асфалтот и покрај тоа што има добра амортизација, патот е несигурен, а не знаеш од каде ќе ти излезе трактор од кое колско патче ќе се вклучи на асфалтот. Секаде во Европската Унија прават испитувања колку патот е безбеден врз база на починати лица на таа делница, и тоа е клучната работа поради која вложуваат во патиштата. Овде кај нас за жал се бројат многу жртвите. Дозволено е 100 километри на час, а се вози над 120 км на час, што е одговорност на возачот. Патот е двосмерен, се прават лоши проценки при претекнување и при судар последиците се катастрофални“, вели Дојчиновски.
Патот го продолжуваме до клучката каде се разделуваат патиштата: еден кон Битола, друг кон обиколницата над Битола за Охрид, а тука е и патот за Кичево преку Демир Хисар. Несоодветно обележано, уште повеќе неисчистено, покриено со високи треви и шамаци, ни патот се гледа, ни сообраќајните знаци и таблите.
„Да треба странец да го најди влезот за Битола, за во градот, тешко дека ќе успее, на клучката е толку збунувачко на надвозникот, што ни навигација не ти помага. За Битола треба да завртите десно во круг, а дури при искачувањето е поставен патоказ кој упатува дека десно е Битола и границата со Грција, а лево Кичево. Тука се вртите за 360 степени и тој што не знае ќе зафати накај обиколницата за Охрид или во некое село“, забележува Дојчиновски.
По клучката, државниот пат пред влезот за Битола по ништо не потсетува дека води кон град со над 80.000 граѓани, напротив личи на запустен коловоз и предворје на селска средина. Сликата е уште подраматична ноќе, кога прст предочи не се гледа и нема улично осветлување до пред влезот кај населбата Стрелиште. Осветлувањето доаѓа од прозорците на околните куќи и толку. Со еден збор кажано влезот на Битола од Прилеп е темнило.
Темница е од клучката до влезот на Битола и првата градска населба. Асфалтот е бетер од оној на сообраќајницата за Прилеп, со дупки и нерамнини, необележан покрај, без сигнализација, со земја и вирови од насобрана вода, со неискосени треви, расфрлано ѓубре и наместа диви депонии од градежен шут и отпад на самата ивица од коловозот.
„Влезот на Битола од страна на Скопје делува како влез во град од постсоветска ера. Првиот патоказ е на 2 км од клучката и возачите, кои ја посетуваат Битола се чудат дали можеби го погрешиле патот. Хоризонтална сигнализација не постои, осветлувањето воопшто го нема од излезот на магистралниот пат до населеното место Горно Оризари. Патот го користат голем број жители од Пелагонискиот регион и е еден од најфреквентните во државата и во секој случај не прилега на град како Битола, кој заслужува да има репрезентативни влезови“, вели Филип Димитровски, возач од Битола.
Лево и десно од таблата на која Општина Битола ви посакува „Добре дојде“ на само метар до два од коловозот „никнати“ се стотици (диво)градби. Брзината на движење се намалува на 50 до 30 км на час, а на коловозот пешаци се однесуваат како да се на корзо. Преминуваат од едната на другата страна на патот како ќе им текне, пешачки на овој потег нема, а возилата се паркираат покрај работ на коловозот, што одвивањето на сообраќајот го прават уште повеќе небезбеден.
Целиот потег нема пешачки патеки, па пешаците се движат по работ на сообраќајницата. Малку подолу на патот каде се вклучуваат споредни патишта за околните населби има два пешачки премини, но без семафор, па по долго чекање, чиста среќа е ако возило ви застане да поминете.
„Тука на пешачки не може да се премине, ако не се смилува возачот, пред два дена имавме нова сообраќајка, пред две недели, една кола застана другата зад него го собра пешакот. Неосветлено, необележано, небезбедно стравуваме за децата а и за нас возрасните“, вели Ѓорги Николовски жител на Горно Оризари.
Од соседната продавница, вработената вели дека се сведоци на многу трагични ситуации.
„Многу лошо е овде, посебно на пешачкиот, се нижат сообраќајка по сообраќајка, ние сето тоа го гледаме пред наши очи. Никаде нема знак дека има пешачки, а бојата на пешачкиот избледена и во темницата тешко на луѓето“.
Од СВР Битола потврдуваат дека „сообраќајните незгоди се најчесто во вечерните часови и тоа на потегот од Кукуречанска раскрсница до влезот на Битола каде е неосветлено, коловозот стар и лизгав.“
Бившата локална власт направи проширување и реконструкција на влезот на Битола, но тоа сообраќајно решени е само над населбата Стрелиште, проширувањето на патот тука завршува поради не спроведена експропријација, а проширувањето завршува со агол баш во куќите покрај патот.
Општина Битола најавува комплетна реконструкција на влезот на Битола од страната на Прилеп, до населбата Дулие со реализација за две до три години. На оваа локација сега се градат два големи трговци центри германската инвестиција „Лидл“ и трговскиот центар „Блис“ сопственост на домашни инвеститори. Од тука на Битола и е потребно ново комплетно сообраќајно решение со оглед на тоа каква сообраќајна фреквенција може да се очекува по отворањето на маркетот и трговскиот комплекс кој се гради на површина од 20 илјади квадратни метри.
„Проектот опфаќа 5 фази: атмосферска канализација, водовод, улично осветлување, коловоз во должина од 1.3 километри во вкупна вредност од 82 милиони денари. Исто така потребно е да се спроведе експропријација во вредност од околу 37 милиони денари и дополнителни активности за проширување на пропустот на Раштански порој во висина од 23 милиони денари. Вкупно сите фази: 180 милиони денари за што нашата општина направи целосна проектна документација“, изјави градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
Новото автопатско решение од Прилеп до Битола и до грчка граница со децении наназад го посакуваат пелагониските стопанственици. На неодамнешната средба на Стопанските комори од Битола и Прилеп, бизнисмените се пожалија дека фирмите бројат загуби, со намален извоз само заради лошите патишта во регионот. За споредба до 1998 година, овој регион даваше 22 проценти од БДП, со 250. 000 тони јаболка, 90.000 тони пченица, 15.000 тони тутун, а сега придонесува само со 13 проценти од БДП.
„За жал 30 години бараме автопат, немаме. Имаме скап транспорт. Има компании кои испорачуваат дневно и по пет шлепери со производи, но не се конкурентни. Инвестицијата во автопат ќе се исплати за пет години со оглед на тоа дека кон овој регион гравитираат 10 милиони граѓани од кај нас, Грција и Албанија. И овој ќе биде многу користен коридор“, рече Мирко Велковски, претседател на Регионалната комора во Битола.
Анета Блажевска