АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На 22.12 .2023 во Офицерскиот дом во Битола се случи една поинаква битолска училишна приказна. Покрај стандардниот начин на подготовка на училишна приредба со многубројни драматизации, литературни читања, оркестар и сл, за првпат се случи нешто поразлично. Наставниците од ОУ „Даме Груев“ – Битола покажаа дека сакаат да пеат. Овојпат учениците во својот хор беа рамо до рамо со своите наставници. Мотивирани и распеани во еден глас ја покажаа својата љубов кон училиштето и кон својот роден град.
На Патрониот празник на којшто се опеваше Битола низ времињата и патрониот херој Даме Груев, училишниот хор од наставници и ученици под диригентската палка на наставникот по музичко образование и училишниот оркестар ја изведоа и битолската химна „Битола – мој роден крај“, а потоа песната „Чаирска романтика“ стана „Баирска романтика“ придружена од „битолските фраери“. Кулминацијата во атмосферата во Офицерскиот дом се достигна кога песната „Чаирска романтика“ стана „Баирска романтика“ придружена од „битолските фраери“. На малку духовит начин малку се измени романтичниот хит на Владо Јаневски и се „побитолчи“. Громогласниот аплауз и бис беа доказ дека прекрасната енергија се пренесе и на публиката. Учениците беа пресреќни што што пеат и играат придружувани од своите наставници, а наставниците уживаа потсетувајќи се на своите училишни хорски денови.
„И наставниците пеат“ така деновиве се слушаше низ ходниците во нашето училиште. Групи ученици шушкаа меѓусебно, возбудени дека заедно ќе настапуваат со наставниците. Изненадувањето и жарта во очите на учениците кога слушнаа за идејата ни беа доволен мотив.
Вообичаено е за овој период од годината кога се во тек подготовките по повод Патрониот празник на ОУ „Даме Груев“ – Битола да се спремаат драматизации, хорски изведби, танцувачки точки и сл. Секогаш учениците настапуваат, а наставниците ги подготвуваат, даваат насоки, суфлираат и креираат. Овојпат беше повеќе од тоа. За првпат се случи една поинаква енергија крената како феникс од пепелта на секојдневието, политичките збидувања, зачмаеноста, сомнежот во системот и немотивираноста во образованието. На овој настап имаше интеракција и од наставниците во повеќе точки.
Гостинскиот настап на дувачкиот оркестар на Средното музичко училиште од Битола беше прекрасна увертира на сè она што следеше. Силна порака испратија најмладите ученици дека „животот е како кула од песок и дека останува само оној кој има кој да држи за рака“.Наратор беше нивниот наставник по историја, којшто ги покажа своите нараторски и актерски способности. „Денес од овие дечиња научивме многу важна лекција. Нештата на коишто трошиме многу енергија се кули изградени од песок, коишто еден обичен бран ќе ги однесе, но остануваат само оние кои имаат некој да држат за рака.“
„Ако одам во Битола“ беше пропратена со рециталот под водство на наставниците по македонски јазик во кој се опеваше Битола, Широк Сокак, кафеаните, пајтоните, серенадите, локумот и романтичната душа на градот низ минатото во изведба на повеќе ученици облечени во прекрасни староградски носии.Се појави и Даме Груев којшто упати силна порака дека „минатото зборува со јазикот на сегашноста...“ и дека треба да пееме гласно, песна од радост, зашто ние сме вистината слободна, светла, чиста...
Се изведе љубовната сцена на битолските Ромео и Јулија – Елени Каринте и Кемал Ататурк („Балканот не е мртов“ – Дејан Дуковски, музика Кирил Џајковски). Љубовниот жар во очите на младите изведувачи предизвика громогласен аплауз. Мошне импресивно беше тоа што ученици успеја да ја пренесат оваа љубов од шекспирови размери со голема страст.
Потоа нашата Битола се појави како олицетворение на прекрасно ведро девојче кое раскажува за легендарните ликови на градот. За момент го видовме и европскиот допир со Битола низ делата на битолскиот професор Драги Михајловски во изведба на 4 јазици (македонски, англиски, германски и француски).
Училишниот хор од наставници и ученици ја изведоа и битолската химна „Битола – мој роден крај“. Насмевки, ведрина и пеење од секое ќоше зад и на сцената.
Уште го слушаме ехото на „да ми дојдеш на романтика“. Учениците не престануваат да прашуваат дали ќе имаме следна проба и што би било следно. По овој настап започнавме да размислуваме и за други проекти од ваков карактер. Би сакале овој настап да биде почеток на една нова и поинаква ера во училиштето.
Појдовната точка беше да се доближиме до учениците и да нè запознаат во едно поинакво светло и да почувствуваат дека всушност ние сме еден тим. Всушност, интеракцијата на наставниците со децата не е новина во нашето училиште. По повод Патрониот празник се одвиваат многубројни активности, меѓу кои и спортски натпревари меѓу наставници и ученици. Најголемиот мотив за нас наставниците е тоа што учениците нè прашуваат што ќе биде следно, а и кај останатите наставници се побуди интерес за учество на вакви настапи.
надеваме дека ваквите импулси во образованието ќе бидат вистински вреднувани и ценети. Сепак, во образованието работат и вистински професионалци кои навистина си ја сакаат работата. Би сакале нашите ученици почесто да посакуваат да бидат наставници кога ќе пораснат и во нас да можат да гледаат идоли. Искрено се надеваме дека конечно ќе започне една нова ера во образованието каде што наставникот ќе биде качен на врвот од општествената и социјалната скала, затоа што ние ја градиме иднината.