АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Дамјан Наумовски од Битола е прогласен за најдобар дипломиран студент на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при УКИМ во Скопје за академската 2022/2023 година. Дамјан тренира ракомет и досега настапувал за повеќе клубови во дражавта, сега е дел од тимот на „Еурофарм Пелистер“
Колку еден студент треба да се вложи, за да успее да биде првенец?
Желбата за спортот и за овој факултет, тлееше во мене уште од основно образование. Кога дојде време немаше двоумење, отидов во Скопје, само со цел да го студирам и завршам она што го сакам, а резултатот дојде сам по себе. Навистина беше тешко да комбинирам: тренинзи, утакмици, спортски живот и студии на факултет, но кога нештото го правиш со голема љубов и со напорна и посветена работа, не постои препрека. И јас самиот, бев изненаден кога добив информација дека сум избран за најдобар студент, зашто мене не ми беше цел да се натпреварувам со колегите, едноставно учев за да го знам нештото. Знаењето треба соодветно да се искористи, затоа што тоа е пасија, а не хоби.
Што значи да се работи со мали деца и да се подучуваат на здрав живот?
При крајот на студирањето и со праксата во училиштата, видов колку децата во денешно време се зависни од технологијата и водат нездрав живот. Уште тогаш, во мене се роди идеја дека сакам да работам со дечиња и да им го покажам правиот пат. Кога се вратив во Битола, не размислував и веднаш го отворив мојот „Центар за правилен раст и развој – Наумовски“. Среќен сум и задоволен, што има родители кои ја сфатија суштината и значењето на ова и ми ги доверија нивните деца за заедно да растеме и да се развиваме во духот на здравиот и правилен начин на живот. Ова е голем предизвик за мене, ама се радувам и исполнет сум, кога го гледам нивниот напредок.
Кои активности треба да ги прават малите деца и од која возраст за да имаат здраво тело, оти знаеме дека повеќето имаат проблеми со сколиози и дебелина?
Малите дечиња не се свесни што е здрав, а што е нездрав живот и затоа се тука родителите, да ги насочат и поттикнат како понатаму. Од најрана возраст треба да се учат на: здрава храна, одмор, спортска активност, со цел да се спречат: деформитети, болести, дебелина и последици од нив.
Дамјан е дел од тимот на Еурофарм Пелистер. Што значи тоа за тебе? Како стигна до таму?
Моите почетоци во ракометот, беа во Ракометниот Клуб „Еурофарм Пелистер“. Првите чекори, првите тренери, првиот гол, беа токму во овој клуб, но мојата љубов кон спортот ме однесе на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во Скопје, каде што ја продолжив мојата ракометна кариера. Најпрво во Ракометен Клуб „Аеродром“, Ракометен Клуб „Кичево“, Ракометен Клуб „Металург“, Ракометен Клуб „Јехона“ од Гостивар и кога завршија тие 4 години, јас повторно се вратив дома, да ги бранам боите на нашиот „Еурофарм Пелистер“. Желбата на секој спортист е да ги брани боите на домашниот клуб и таа желба, мене ми се оствари. Среќен сум што има луѓе кои се професионалци, го видоа мојот квалитет и ме вратија назад како поискусен и позрел.
Каде ќе се движи твојот професионален живот и која е твојата животна желба?
Во моментот сум навистина среќен, задоволен и исполнет, бидејќи сѐ што работам е поврзано со спорт, а така ќе биде и понатаму. Мојот факултет нуди многу правци и насоки. И пред било кој предизвик да се најдам, нема да се двоумам да се надградувам, да работам и да бидам успешен. Секогаш верувам во подобро утре.
Интервјуто го водеше проф. Александар Адамовски, колумнист и соработник на АПЛА.мк