2win800x200

Националните паркови и годинава ќе добијат пари од буџетот, ќе градат пристаништа и инфо центри

Април 07, 2025
фото Зелена берза фото Зелена берза

Четирите национални паркови во земјата и оваа година ќе добијат средства од државниот буџет. Во годишната програма за природа на Министерството за животна средина се обезбедени 20 милиони денари, или околу 325.000 евра кои ќе треба да се наменат за активности со кои ќе се унапреди нивната работата и ќе се обезбеди потребната инфраструктура за поуспешно да функционираат. Според најавите од Министерството, националните паркови „Пелистер“ и „Шар Планина“ ќе добијат нови инфо центри, „Галичица“ ќе биде поддржана во набавка на опрема за подобра контрола и мониторинг на островот Голем Град, а „Маврово“ ќе добие опрема за уредување на туристички локалитети.

„На национално ниво ќе се реализира и активност за проценки од штета на пожарите и настанати штети на живелишта и видови во сите национални паркови и препорката за реставрација на уништениот простор. Ќе биде спроведена и национална кампања на јавните медиуми преку тв спотови, едукативни видеа за природните вредности, постови по социјални мрежи, настани во живо за промоција на уникатното значење и природните вредности на сите национални паркови како и едукативна онлајн платформа со информации за образовни цели за млада популација“, велат од Министерството.

Од националните паркови „Галичица“ и „Шар Планина“ велат дека во тек е довршувањето на проектите кои ги започнаа минатата година. На Галичица се работи на уредување локалитет за посетители на кој се градат дрвени маси и клупи, а ќе се постават и штанд за продажба на сувенири и вендинг машини за кафе и храна. Проектот за годинава, пак предвидува изградба на понтонски пристаништа во Преспанско езеро, со кои ќе се овозможи подобра контрола на островот Голем Град.

„Проблемот со повлекувањето на Преспанското езеро ги остави пристаништата на суво, па секогаш кога вработените во паркот одат во контрола на островот немаат каде да го остават пловилото. Со изградба на понтонско пристаниште многу ќе ни се олесни комуникацијата, а со тоа и контролата на Голем Град, велат од НП „Галичица“.

На Шар Планина во моментов во тек се ланските проекти, започната е кампањата за воведување на електронска наплата за влез во паркот и за поставување на урбана инфраструктура. Со средствата кои за овој парк ќе се одвојат годинава од буџетот ќе треба да се направи инфо центар на Попова Шапка.

„Проектите од минатата година ќе треба да се завршат, заради што ќе бараме продолжување на договорот со Министерството. Што се однесува до проектот за оваа година, прво ќе треба заедно со општината Тетово да ја утврдиме локацијата каде ќе се грди новиот инфо центар, за да може да се внесе во урбанистичката документација“, посочуваат од НП „Шар Планина“.

Од таму ја поздравуваат практиката од буџетот да се одвојуваат средства за националните паркови, но посочуваат дека е попрактично тие да не се строго наменски и да можат да се искористат и за оперативните трошоци. Националните паркови се институции со многу обврски, а е предвидено да се одржуваат со самофинансирање.

И во „Маврово“ се во тек проектите кои се започнати минатата година. Тоа се трите рампи кои ќе се постават на високопланинските локации Аџина река, врвот Меденица на Бистра и на Кораб. Тие ќе овозможат приход на паркот со продажба на билети, поголема безбедност и контролирање на бројот на туристи и посетители. Се очекува да почне и промотивната кампања, а поставен е и електронски билборд. Со средствата од годинава се планира да се уреди излетничко место.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани