Советникот на Левица од Битола, Горан Велевски бил фатен од сообраќајната полиција да вози автомобил со 2.15 промили алкохол во крва. Инцидентот се случил во 2021 година.
Случајот денеска го обелодени ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Битола поврзувајќи го случајот со судската пресуда во која Велевски беше осуден за клевета изречена врз Бојан Бајкоски заменик градоначалник, па ВМРО-ДПМНЕ прашува дали и за возењето пијан на Велевски му се виновни судиите.
„Миленикот на Димче Апасиев и претседател на Левица во Битола на 24.09.2021 во 23:44 на ул. 'Партизанска' бил фатен пијан како управува со ПМВ МЕРЦЕДЕС со 2.15 промили алкохол. Да, точно читате 2.15 промили алкохол, дувнал на дрегерот или шо викаме по битолски “дроп пијан возел бее брааат”!
И сега пак криви му се судиите?
Да го потсетиме советникот од Левица дека согласно новите измени на законот за безбедност во сообраќајот со ваква количина испиен алкохол е предвидена казна затвор!
Јавно го прашуваме Горан Велевски од Левица дали во моментот има активна забрана за управување со моторно возило?
Дали доколку има забрана за управување со моторно возило кога ја предал возачката дозвола во полициска станица, а доколку не ја предал во полициска станица кога планира истото да го направи?
Горан Велевски, советникот на Левица за „Апла“ не го негираше изнесеното од ВМРО- ДПМНЕ и изјави дека ова е чин на „малограѓанштина“ дека тогаш кога се случил настанот не бил политички функцинер.
„Ова се случува пред локалните избори кога јас не бев политички функцинер, ниту лидер на локалниот огранок на партијата, ниту пак советник на Советот на општина Битола. Добро е партијата на власт да се занивама со себе да види што направи од градот“, вели Велевски за „Апла“.
А.Блажевска