Поголема безбедност во сообраќајот кај обиколницата за учениците од ОУ „Коле Канински“ Битола, бараат родители пред почетокот на учебната година.
Ова барање особено се однесува на влезот во училиштето од страната на обиколницата која го заобиколува училиштето , а е дел од магистралниот пат А3 Битола -државна граница со Грција.

Родителите велат дека на влезот на училиштето од страната на обиколницата треба да се постават смирувачи на сообраќајот, особено што на обиколницата сообраќаат поголема фреквенција на автомобили и тешки товарни возала.
„Бараме од надлежните да помогнат околу безбедноста во сообраќајот на нашите деца на влезот на училиштето од страната на обиколницата, но и од другата страна кај Социјалното каде има голема фреквенција на возила. Безбедноста во сообраќајот да не остане само на пешачките премини и на семафорите“, реагираат родители до АПЛА.

Од Општина Битола велат дека на оваа локација ќе постават вибрациони ленти за забавување на сообраќајот или познато како звучни ленти, но и покрај тоа што е обиколница од магистрален пат на коловозот може да се постават и „легнати полицајци“, постапка за која е потребно подолго време заради спроведување на проект и целокупниот процес на набавка.
Општина Битола од почетокот на оваа година инвестира 3.734.877 денари за поставување на смирувачи на сообраќајот на осум локации, вклучувајќи: вештачка издаденост – издигнат пешачки премин, гумирана вештачка испакнатина, флексибилни ретрорефлектирачки гумени столбчиња, како и сообраќајни знаци за: издаденост на патот, обележан пешачки премин, зона школо, знаци за завршеток на зона школо, како и знаци за зона во која е ограничена брзината и завршеток на зоната во која е ограничена брзината.
Сообраќајната сигнализација и смирувачите на сообраќајот, беа поставени пред основните училишта „Стив Наумов“, „Гоце Делчев“, „Климент Охридски“, „Тодор Ангелевски“, „Даме Груев“, „Трифун Пановски“, „Ѓорѓи Сугарев“ и кај средното општинско училиште „Таки Даскало“.
Минатата година, за првпат од страна на општината беа поставени смирувачи на сообраќајот на четири локации од двете страни на улицата „Булевар 1 Мај“, кај Државното средно музичко училиште, Гимназијата „Јосип Броз Тито“, Економското училиште „Јане Сандански“ и Основното училиште „Д-р Трифун Пановски“.
Со поставените смирувачи на сообраќајот на наведените локации, пред се, се става акцент на зголемена безбедност на учениците како најмлади учесници во сообраќајот, велат од Општина Битола. Текст и фото Анета Блажевска