АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Постојат размислувања и сомнежи кои во иднина дополнително и детално ќе треба да се истражат дека во Битола се снимало уште пред 1905 година, односно пред браќата Манаки да ја купат прочуената „Камера 300“.
Филмофилот, познавач на делото на првите сниматели на Балканот и еден од иницијаторите за создавање на Фестивалот на филмска камера во Битола, Стевче Хаџи Антоновски вели: „Постојат согледувања, не можам да ги потврдам со целост дека и порано Манакиеви се занимавале со камера, но да оставиме истражувачите тоа да го докажат“.
Доколку оваа дилема се испитува во иднина, ќе треба да се истражи дали тоа биле браќата Манаки со некоја друга камера или пак можеби бил некој друг снимател. Дознаваме дека во старите снимени и зачувани материјали за Битола од почетокот на 20 век, има снимка од погреб на свештено лице во Битола за која се смета дека е од 1903 година, значи две години пред браќата да ја купаат „Камера 300“. Останува проучувачите на делото на Манаки, кинематографери, историчари и други експерти да ја истражат темата.
Инаку , познато е дека Јанаки Манаки во 1905 година патувајќи низ неколку европски градови, од Лондон ја купил филмската камера и ја нарекол „Камера 300“ според серискиот број на неа. По враќањето дома, браќата со таа камера ја снимиле нивната 114 годишна баба Деспина како преде пред куќата во родното село Авдела, Костурско. Тоа биле и првите снимени кадри на Балканот.