АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
БИТОЛА – „Политичарите треба нас да нѐ молат, времињата се менуваат“.
По оваа порака на актерката Лабина Митевска ќе се памети отворањето на годинешното 44. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола. Остри стрели и нескриен револт упатија филмаџиите до политичарите на синоќешното свечено отворање на фестивалот што го засени музичко-сценскиот спектакл со битолски печат.
Многу емотивен и впечатлив говор одржа Митевска, лауреат на фестивалот додека од сцената спроти неа во публиката седеше министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска, министри, пратеници, градоначалници и неколку амбасадори на странски држави.
Фестивалот започна со проекција на македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ по сценарио и во режија на Горан Столевски, а во продукција на „Лист“. Фестивалот годинава е под мотото „Прекрасното непознато“, а најавено е присуство на 400 гости.
За време на свеченоста, на годинешниот лауреат, оскаровецот Питер Бижу му беше врачена наградата „Златна камера 300“ за животен опус.
„Благодарам! Многу сум среќен што сум тука во Македонија и што сум добитник на ова прекрасно признание на браќата Манаки“, рече Бижу.
Филмот „Домаќинство за почетници“ се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале.
На Фестивалот, што ќе се одржи до 29 септември, ќе бидат прикажани повеќе од 70 филмови, распоредени во неколку натпреварувачки програми.
Во главната програма се 12 филмови, кои наспроти доминацијата на технологијата денес, раскажуваат егзистенцијални човечки приказни.
Револтот и гневот на филмаџиите за кратењето на финансиите од страна на Министерството за култура за Агенцијата за филм не можеше да сокрие. Годинава само фестивалот „Браќа Манаки“ е покус за 25 илјади евра државни пари.
„Времињата се менуваат. Да. Ние уметниците не зависиме од политичарите. Нема да ги молиме да создаваме врвна уметност, тие треба да дојдат кај нас да нѐ молат, бидејќи времињата се менуваат. Културата е потреба на сите нас.“, порача Митевска, по врачувањето на наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија.
Митевска најпрво рече дека 30 години е дел од филмската индустрија во државата, а потоа во иронија кажа дека филмската фела се многу „чудни луѓе“ –„ние уживаме во нашето креативно страдање“, рече таа и ја започна „лекцијата“ до политичарите.
„Да се создаде врвно дело потребни се два предуслови. Првиот е да ги сакаме нашите автори, да ги цениме, да им овозможуваме да создаваат слободно. Да креираат без цензура. Трендот во Европа е дека уметноста не е веќе привилегија, таа е потреба, како водата. Вториот предуслов е континуитет. Без тоа не можеме да создаваме врвна уметност. Не можеме ако размислуваме дали ќе имаме воопшто средства, дали ќе снимиме еден, два, или можеби ниеден филм оваа година“, рече Митевска со емоции.
Пред неа и режисерот Игор Иванов-Изи, претседател на Друштвото на филмски работници на Македонија, не го пропушти моментот да испрати порака до присутните политичари.
„Продуцент од Хрватска ми кажа - Ја знаеш ли најважната максима на нашиот филмаџиски род? Велам-Не, кажи ми. Ние кои ја создаваме најголема лага на светот, никогаш не лажеме. И овие зборови, ѕвонат во мојата глава сите овие години, а доказ дека овој суд е вистинит сите вие филмаџиите. Друштвото на филмските работници продолжува со својата сизифовска борба, да обезбедиме подобри услови за филм. Да имаме подобар стандард како филмаџии и подостоинствен живот. А, она што останува на нашата генерација е стандардизирање на буџетот за филм во државниот буџет и кончено решавање на статусот на филмските работници. На мајките кои ги растат своите деца, додека се по 12 часа на сет, а немаат ни пензиско, ни здравствено осигурување и ниту еден ден стаж. Секој ден сме поблиску до решение и колку и да звучи невозможно, ќе се случи“, рече Иванов.
Директорот на фестивалот Симеон Дамевски суптилно им даде поддршка на колегите започнувајќи со зборовите дека „во животот и во уметноста не постојат граници“ и порачувајќи дека „токму тоа е нашиот фестивал , место на слободната мисла на филмските уметници“, рече Дамевски.
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, не возврати на вперениот прст од филмаџиите, туку само поита да го прочита напишаниот говор почнувајќи со „Добре дојдовте во мојата Битола“.
„Ви благодарам на сите на кои овој празник на Битола им е сѐ Министерството за култура е и секогаш ќе биде ваш почитувач и пријател“, рече министерката.
И водителите Сашко Коцев и Јелена Јованова не ги заобиколија политичарите, а се пошегуваа и на сметка на директорите, и тоа не само на директорите на фотографија, туку и на оние назначени од политичките партии.
Двајцата меѓусебно се прашуваа – „Дали знаеш дека вечерва овде има најмногу директори, ама не такви што седат на меки кожни фотелји, туку на тврди столчиња што се вртат“.
Анета Блажевска