2win800x200

Коњановски - Лажи опозицијата за наводно прифаќање на мигранти во Битола, ниту мигранти ниту шатори за мигранти ќе има

Декември 29, 2025

Ја осудувам лажната кампања од опозиција за наводно прифаќање на мигранти на територијата на Општина Битола, порача денеска од советничката говорница градоначалникот на Битола Тони Коњановски. 

Како градоначалник на Битола ја осудувам лажнат кампања и манипулацијата од опозицијата за невистини кои се пласираат за наводно прифаќање мигранти и иградба на мигрантски кампови на територијата на Општина Битола. 

Ве уверувам, ниту мигранти ниту шатори за мигранти ќе има. Да бидете мирни, нашата и вашата безбедност и сигурност секогаш е на прво место, порача Коњановски од советничката говорница.

 

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ ГО ПРЕТСТАВИ БУЏЕТОТ ЗА 2026 ГОДИНА

На 4-та седница на Советот на Општина Битола се обрати градоначалникот Тони Коњановски, кој го претстави буџетот за 2026 година и проектите.
„Денес, на прагот помеѓу една завршена календарска година и на почетокот на нов инвестициски развоен циклус, само два месеци по повторно добиената доверба од граѓаните, врз цврсто поставени темели, силно мотивирани и посветени, со љубов кон Битола, продолжуваме заедно да ја градиме нашата заедничка иднина.
Оваа симболична споредба, во суштина значи дека на денешната седница, со точките кои се на дневен ред го отвораме патот во еден нов циклус на инвестиции, на развоен буџет кој става силен акцент на инфраструктурата во преден план, спортот во срцето на заедницата, формирање ново јавно претпријатие за управување со спортските објекти и му дава стабилност и иднина на спортот, како симбол на заедништво, успех, напредок и цврст дел од идентитетот на Битола.
Но, за да продолжиме со успех, потребно е да ги елиминираме сите фактори кои ни создаваат несигурност, дилеми или на било каков начин ја вознемируваат јавноста.
Затоа, со мојот збор и со одлука на овој Совет сакам да расчитиме една груба дезинформација за која нема место во нашето секојдневие.
Како градоначалник на Битола ја осудувам лажната кампања и манипулативното дејствување на опозициски политички субјекти, преку кои во јавноста се пласираат невистини и инсинуации за наводно прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови на територијата на општина Битола.
Почитувани битолчани, ве уверувам: Ниту мигранти, ниту шатори за мигранти ќе има. По однос на ова прашање, можете да бидете мирни и спокојни, затоа што Вашата безбедност и сигурност, секогаш е на прво место, а само така можеме да продолжиме да ги реализираме нашите планови за поубава Битола.
Во делот на спортот, како што споменав, големи се инвестициите на општината, во спортската инфраструктура.
Тука би сакал да се осврнам и на одлуката која денеска ќе ја разгледувате, а се однесува на основање на ново јавно претпријатие за управување со спортски објекти.
Општина Битола во изминатиот период се соочи со голема градежна експанзија во изградба и реконструкција на спортски објекти и сето тоа битолчани го увидоа, а нашата заложба отсекогаш била Битола да биде спортски град. Но, она што се гради треба и да се одржува. Токму затоа, потребно ни е ова јавно претпријатие. Во однос на функционирањето на претпријатието, сакам да потенцирам дека многу е едноставно: претпријатието ќе функционира од сопствени приходи кои што ќе може да ги обезбеди со изнајмување на сите објекти кои ќе бидат под негова надлежност. Потребата за основање на јавно претпријатие за спортски објекти се оправдува и со листата на објекти кои Општина Битола ги има во делот на спортската инфраструктура во сопственост. Дел од нив се градскиот стадион “Петар Милошевски” заедно со ќумурното игралиште кое е тренинг центар за младинските школи, тениските терени, спортската сала “Боро Чурлевски”, објектот Соколана, односно популарната сала за гимнастички спортови, фудбалските терени во Кравари, Лавци и Г. Оризари, затворениот базен кој е пред завршување, сместен во дворот на ОУ Даме Груев Битола, центарот за спорт и рекреативни активности, односно салата за боречки спортови која е во изградба и ќе биде пуштена во употреба во текот на 2026 година, како и Олимпискиот базен и ракометното игралиште кои во моментот се под концесија.
Секако дека, меѓу главните приоритети во периодот пред нас, останува инфраструктурата и капиталните проекти кои ги најавивме, но и оние за кои веќе сме во напредна фаза на реализација.
Минатата година започнавме со интензивни градежни активности, дополнително зголемени и со првиот повик на Владата за проекти со средства од унгарскиот кредит, каде додадена вредност за нашата општина имаат и проектите од вториот повик, со што бевме општина со најголем број добиени проекти и одобрени финансиски средства.
Значи пред нас е година во која ќе имаме многу работа, а тоа се потврдува и со тригодишната развојна програма.
Со насоките за подготовка на буџетите на општините за 2026 година, Министерството за Финансии не информира дека максималниот износ на сопствените приходи на Основниот буџет за Општина Битола за 2026година ќе изнесува 784.327.579,00 денари. На овој износ се додаваат и средствата од пренесениот вишок на приходи (во износ од 138.605.607,00 денари) и средствата кои општината ќе ги добие како приходи од ДДВ за 2025година (176.737.659,00 денари). Дополнително се планираат средствата кои општина Битола треба да ги добие по основ на склучени Договори со Министерство за транспорт, Министерство за образование и наука и Министерство за спорт во вкупен износ од 537.745.719,00.
Висината на основниот Буџет на Општина Битола за 2026 година ќе изнесува 1.650.166.707,00 денари. Заедно со приходите од самофинансирачки активности, дотации, донации, вкупниот буџет на Општината Битола ќе изнесува 3.107.580.972,00денари.
При подготовка на буџетот за 2026 година се почитуваат начелата на економичност и рационалност во трошењето на буџетските средства, зголемувањето на фискалната одговорност, отчетност и транспарентност, подобрување на буџетското планирање и извршување преку дефинирани програми и потранспарентно планирање и искористување на капиталните расходи, како и спроведување на дисциплинирана буџетска потрошувачка во насока на рестриктивна и ригорозна контрола на помалку продуктивните трошоци, без да се наруши нормалното функционирање на буџетските институции.
Даночните приходи во 2026 година се планираат во износ од 635.759.783,00 денари, и најголем дел од нив се Даноци од специфични услуги или во процент дури 51,17 проценти, а на второ место со 32,73 проценти се даноците од имот.
Во оваа прилика сакам да истакнам неколку капитални расходни, односно големи проекти кои се отпочнати и се во тек и оние кои ќе започнат да се реализираат.
Капиталните расходи во најголем дел се однесуваат на изготвување на проекти, изградба на улици и патишта, водовод, канализација во урбаниот дел на општината, како и во руралниот дел на општината.
Најголем дел дури 890.912.125,00 се за други градежни објекти.
Тригодишната развојна програма со измените изнесува 1.845.013.734,00 денари има вкупно
53 реконструкции на коловози (улици и локални патишта ) во градот и во населените места на општина Битола, како и изградба на 6 паркинг простори.
Нови паркинзи ќе има кај „Овчи Пазар“, кај „Ат пазар“, комплексот болници, на улицата „Браќа Џаферови“, позади зградата позната како „Кифлата“, на просторот кај местото викано кај „Хеликоптерот“.
Во делот на спортот и рекреацијата, се вбројува подготовката на проектна документација за мултифункционалниот спортски комплекс, изградба на атлетска патека и борилиште на стадионот „Петар Милошевски“, тука се наоѓа и изработката на физибилити студија за изгрaдба на гондола, изградба на центар за спорт и рекреативни активности.
Во делот на јавното осветлување за улицата „Довлеџик“ преостанатиот дел од страната на влезот од Охрид, потоа улицата „8-ми септември“ влезот од страната на Прилеп. На улиците „Никола Тесла“, „11-ти март“ и „Панде Николов“, во АРМ четврт 1, улично осветлување кај комплекс болници и на уште пет други улици.
Со оваа развојна програма продолжува и изградбата на детска градинка во АРМ, како и доизградбата на противпожарната зграда, капитални проекти кои бараат подолг рок за реализација, но на кои сме целосно посветени, за што побрзо завршување.
Ќе работиме и на изградба и реконструкција на системи за одведување и прочистување на отпадни води на 25 локации, потоа изградба и реконструкција на систем за водоснабдување исто така на 25 локации.
Во делот на сообраќајната сигнализација ќе се реализира поставување на семафори на пешачките премини кај „Камен мост“ и „Епинал“ и поставување на хидраулични столбчиња во Старата чаршија.
Во капиталните расходи за основното образование, продолжуваме со нашата визија за подобри услови за учениците, поради што претстои комплетирање на проектите: Реконструкција на објектот на спортската сала во Бистрица и изградба на три типски училишни спортски сали во ОУ „Стив Наумов“, подрачното училиште во Долно Оризари и во ОУ „Тодор Ангелевски“.
На почетокот на следната календарска година ќе започне изградбата на 6 спортски игралишта во училиштата „Гоце Делчев“, „Даме Груев“, „Коле Канински“, училиштето во Раштани, во „Гоце Делчев“ (поранешното турско училиште), во „Тодор Ангелевски“, како и реконструкцијата на 3 спортските игралишта во „Климент Охридски“, „Трифун Пановски“, „Ѓорги Сугарев“.
Секако, има уште многу проекти кои се во тек на реализација, како што се улици кои тековно се работат, но и капитални проекти од типот на новиот ГУП кој очекувам многу скоро да биде донесен, но не би должел повеќе, а како и секогаш тука сум за вашите советнички прашања.
На крај, во овие претпразнични денови, би сакал да потенцирам дека Битола, деновиве зрачи со новогодишна светлина.
Нашата „Зимска приказна“, не е само традиционална предновогодишна програма. Таа е одраз на заложбата на локалната самоуправа за туристичко заживување на Битола во зимскиот период, поддршка и можност за локалните угостители, ракотворци, мали бизниси, поддршка и промоција на битолската и македонската музичка и културна сцена, заедничка соработка помеѓу општината и општествено одговорните компании, со заедничка интенција: убави празнични денови за сите битолчани.
Ви посакувам успешна работа на денешната седница, донесување на одлуките кои го трасираат патот исполнет со визија која носи резултати и Ве поканувам сите да уживаме во претпразничната програма на „Зимска приказна“, во новогодишниот амбинет на нашиот град и сплотени на 31 декември да ја испратиме старата и да ја дочекаме новата 2026 година, заедно со нашите сограѓани на Платото пред Офицерскиот дом“, рече во своето обраќање градоначалникот на Битола.

 

 

 

 

А.Блажевска  

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани