2win800x200

СТЕФАНОВСКА-ДАВКОВА: ОД БИБЛИОТЕКА ДО СТРАТЕШКА ИНСТИТУЦИЈА НА ОБРАЗОВАНИЕТО И КУЛТУРАТА

Февруари 06, 2026

 

Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола во изминатиот период се профилира како современа, отворена и национално значајна институција во областа на високото образование и културата. Под раководство на директорката Емилија Стефановска-Давкова, Библиотеката реализираше бројни програмски, издавачки и инфраструктурни активности со јасна развојна визија. Интензивната дигитализација, унапредените електронски услуги и подобрените услови за работа значително ја зголемија достапноста и користењето на библиотечните ресурси. И покрај финансиските и кадровските предизвици, институцијата обезбеди стабилно функционирање преку рационално управување и вложување во човечкиот потенцијал. Со јасно дефинирани приоритети и меѓународна соработка, Библиотеката продолжува да ја зацврстува својата улога како активен чинител во националниот и регионалниот културен и академски простор.

Јавност: Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола во изминатата година реализираше низа активности и проекти кои ја зацврстија нејзината позиција како современа установа од национално значење во областа на високото образование и културата. Кои ги издвојувате како најзначајни постигнувања и што, според Вас, најмногу ја дефинира библиотеката како институција од национален интерес?

 

Стефановска-Давкова: Најнапред, би сакала искрено да Ви се заблагодарам Вам и на Вашиот медиум за можноста, уште на почетокот на оваа година, да дадам отчет за сработеното во првата година од мојот директорски мандат, кој официјално го започнав на 28 јануари 2025 година.

Како најзначајно достигнување од изминатата година, несомнено го издвојувам одбележувањето на големиот јубилеј – 80 години од основањето на Националната установа – Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола. Овој значаен јубилеј беше одбележан со внимателно осмислена и повеќедневна програма, затоа што богатата традиција, културната мисија и општествениот придонес на Библиотеката не можеа да бидат опфатени во една единствена свечена церемонија.

Програмата започна со панел-дискусија со учество на истакнати библиотекари-советници, ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, проректорот за наука, градоначалникот на Општина Битола, како и нашиот најзначаен хроничар на градот, поранешниот проректор проф. д-р Александар Стерјовски, заедно со други еминентни гости.

Следниот ден беше целосно посветен на поранешните вработени, на кои им беа врачени благодарници за нивниот долгогодишен труд и придонес во развојот на институцијата. Во исто време, беа наградени и најпосветените читатели, најдобрите библиотечни приказни, како и роднокрајните автори.

Во рамки на јубилејната програма беше одржана и промоцијата на книгата „Елисиски ехо: Поезијата на меморијата на слободата“, на која имав чест да бидам промотор. Потоа следуваше промоцијата на публикацијата „Факсимили на роднокрајни автори“, членови на Друштвото на писатели на Македонија, како и каталогот посветен на Горан Стефановски, промовиран во читалната што го носи неговото име.

Кулминацијата на јубилејните активности се одржа на 28 март, во свечената сала на Офицерскиот дом, со Свечената академија по повод 80-годишнината од основањето на Библиотеката. Настанот беше проследен со исклучителна посетеност и присуство на бројни истакнати личности од државниот, културниот и академскиот живот, меѓу кои и претседателката на Република Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиски и Новозеландски г. Петар, градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски, ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, проф. д-р Игор Неделковски, како и бројни професори, научници, културни работници, писатели и граѓани.

Во рамки на Свечената академија беше промовирана и публикацијата „НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола: Историја и развој (1945–2025)“, чиј автор сум јас, а промотор беше проф. д-р Елка Јачева-Улчар. Дополнително, беа изложени калиграфии од глаголски ракописи од Слепчанскиот манастир „Св. Јован Претеча“.

Како втор значаен момент ја издвојувам свечената промоција на луксузната Монографија по повод 80-годишнината од постоењето на Библиотеката, од авторките м-р Емилија Стефановска-Давкова и д-р Анита Ангелевска, одржана на 17 септември 2025 година. Со ова издание, Библиотеката остава траен печат во културната историја и ја потврдува својата улога како чувар на писменоста и активен чинител во современиот културен и научен живот.

Како трет значаен настан, на 5 декември 2025 година, Библиотеката го одбележа својот патронен празник, при што беа промовирани бројни изданија што ја заокружуваат осумдецениската традиција и ја претставуваат институцијата како динамична и продуктивна установа.

Настанот беше заокружен со доделување плакети и благодарници, меѓу кои и постхумно доделената плакета за проф. д-р Александар Стерјовски, која ја прими неговиот син Гого, во емотивен момент што силно ја одбележа свеченоста.

IMG 0726

 

Јавност: Со интензивирање на процесите на дигитализација, проширување на електронските услуги и подобрување на пристапот до научни и академски ресурси, библиотеката значително ги унапреди условите за работа на студентите, истражувачите и пошироката јавност. Како овие активности придонесоа за прилагодување на библиотеката кон современите потреби на корисниците и кон глобалните трендови во библиотекарството?

Стефановска-Давкова: Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола располага со современи дигитални читални, кои во текот на изминатата година дополнително ги збогативме со нова компјутерска опрема, бесплатен интернет и мултимедијални содржини. Од самиот почеток на мојот мандат, интензивно работиме на дигитализација на старите и ретки книги, кои претставуваат значајно културно и историско наследство.

Библиотекарите континуирано вршат селекција на изданија кои, согласно законските прописи, се прогласени за културно наследство и се под посебен режим на заштита. Нашата цел е тие да бидат соодветно конзервирани, заштитени и дигитално достапни, но и презентирани во рамки на Музејската поставка на Библиотеката, за која веќе е изготвен проект за доопремување.

Посебно внимание посветуваме на дигитализацијата на првите дела објавени на македонски јазик по неговата кодификација, со што директно придонесуваме кон афирмација на националниот идентитет, јазикот и културната традиција.

Во однос на студентската популација, реализирани се повеќе промотивни активности за фондот и услугите на Библиотеката, како и значајна набавка на стручна и научна литература. Просторите се целосно дигитализирани, климатизирани и пријатни за работа, што резултираше со значително зголемена посетеност.

Во иднина, планираме уште поинтензивна поддршка на студентите и истражувачите, особено при подготовка на семинарски, дипломски, магистерски и научни трудови. Библиотеката, како национална, универзитетска и депозитна институција, има клучна улога во наставно-научниот процес и континуирано работи на јакнење на соработката на национално и меѓународно ниво.

 

Јавност: Кои конкретни предизвици и ограничувања го одбележаа работењето на Универзитетската библиотека во текот на годината и на кој начин тие ја обликуваа реализацијата на проектите и услугите?

Стефановска-Давкова: И покрај сложените финансиски, кадровски и инфраструктурни предизвици, Универзитетската библиотека успеа да обезбеди стабилно функционирање и континуитет во квалитетот на услугите, благодарение на внимателно планирање, рационално управување и силна мобилизација на човечките ресурси.

Во такви услови,неопходно беше да се пристапи кон рационализација и пренамена на веќе одобрените средства според законските прописи, па во првите 6 месеци од мојот мандат, реализиравме пренамена на средства од претходно аплицирани, но нефункционални и неитни проекти како што беше хортикултурно опремување и набавка на дрвени рафтови, наместо зголемување на безбедноста и магацински простор за правилно и безбедно чување на библиотечниот фонд. Извршивме набавка на нови ПП апарати, систематски преглед на вработените, ставање во функција на сите хидрантски мрежи, обука за спасување и заштита на вработените и слично. Дополнително, беа обезбедени и донации. Со тоа се создадоа услови за уредување на целосно нов магацински простор наменет за архивскиот и задолжителен примерок на монографските публикации. Во рамки на овој процес, беше инсталирана нова електрична инсталација со контролирано осветлување кое не го оштетува библиотечниот материјал, набавени беа метални конзолни рафтови и носечки столбови, а сите вработени, без исклучок, активно се вклучија во реализацијата. Со тоа, конечно се надминаа сериозните проблеми со кои ги затекнав на почетокот на мандатот, како што беше несоодветното чување на книгите во картонски кутии, по клупи и во несоодветни влажни простории. Дополнително, повторно аплициравме за обезбедување уште еден магацински простор, наменет за монографски публикации за издавање, кој ќе ги исполнува сите релевантни меѓународни стандарди. За реализација на овој, како и на другите неопходни инвестициони проекти, очекуваме поддршка од Министерството за култура и туризам.

Во однос на кадарот, значителен дел од вработените беа вклучени во специјализирани обуки во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, со што се зајакнаа нивните стручни и професионални капацитети. Посебно радува фактот што постои високо ниво на мотивација и подготвеност за континуирано стручно усовршување.

Јавност: Преку активна соработка со универзитетите, културните установи и локалната заедница, библиотеката се наметна како важен партнер во развојот на образовниот и културниот живот, зголемувајќи ја својата видливост и општествена улога.
Колку ваквите партнерства придонесоа за зајакнување на позицијата на библиотеката и какви резултати произлегоа од таа соработка?

Стефановска-Давкова: Партнерствата со универзитетите, културните установи и локалната заедница значително ја зајакнаа позицијата и видливоста на Библиотеката, профилирајќи ја како отворен и релевантен центар за образование, култура и научно истражување.

Како составен дел на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Библиотеката оствари продлабочена соработка со факултетите и наставно-научниот кадар, што резултираше со зголемена искористеност на ресурсите и поактивно вклучување на студентите.

Особено значајни се четирите меѓународни соработки реализирани во изминатиот период – со Националната централна библиотека во Рим, Универзитетската библиотека во Кемниц, Националната библиотека на Малта и Градската библиотека „Марко Марулиќ“ – Сплит. Овие соработки поставија цврсти темели за идни заеднички проекти и ја потврдија улогата на Библиотеката како мост меѓу културите.

Јавност: Со јасно дефинирани стратешки цели и развојна визија, Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола продолжува да се позиционира како отворен и иновативен центар на знаење, усогласен со потребите на современото општество.
Кои се клучните приоритети и планови за наредниот период и каква е Вашата визија за идниот развој на библиотеката?

Стефановска-Давкова: НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола во изминатиот период организираше огромен број на настани и работилници, неколку донации на книги во институции кадешто им е најпотребно, настани со професори, граѓански здруженија, истакнати мотивациски говорници, писатели, психолози, првата меѓународна конференција, 20тата јубилејна средба на роднокрајни автори според што следува Зборникот, како и после 10 години еднонеделен саем на книгата насловен Саем на книгата 2025 „Светот во страници“, каде беа понудени сопствени изданија, 150 тома од македонската книжевност и ѕвездите на светска книжевност, историски книги со аудио-визуелни CD-а, наслови достапни и на англиски jaзик за странци, а посетеноста беше огромна.

За 2026 г. ние аплициравме со нови 80 проекти, во делот на библиотечната дејост, издаваштвото, меѓународната соработка, како и инвестициите. Во овај дел, јас како директор сум носител на проект за санација на кровна покривка- старото крило на Библиотеката кое е во склоп на Широк Сокак, како и проектот за санација на фасадата,која е уникатна и е под Закон за заштита на културното наследство. Клучните приоритети и планови за наредниот период се насочени кон систематска заштита на културното наследство,инфраструктурата, збогатување на фондот и понатамошно отворање на Библиотеката кон академската заедница, културната јавност и пошироката општествена средина.

IMG 2264

Еден од приоритетните проекти е откупот на стари и ретки книги, со што ќе се зајакне и збогати библиотечниот фонд со стари, ретки и значајни книги, кои се ограничени и ќе се обезбеди нивно трајно зачувување во рамки на институцијата, што е суштински значајно за заштита на националното книжевно наследство и за негово систематско интегрирање во научноистражувачките и културните процеси.

Значаен е и проектот за 2026г. за доопремување и унапредување на Музејската поставка на Библиотеката, која има потенцијал да стане важен дел од културно-туристичката понуда на Битола и Македонија. Преку овај проект, посетителите ќе имаат можност да се запознаат со автентични ракописи, како и со посебната просторија посветена на св. Климент Охридски, како една од најзначајните личности во македонската културна и духовна историја. На тој начин, Библиотеката ќе ја зајакне својата улога како мост меѓу културното наследство, образованието и туризмот.

Дополнително, планирано е повторно активирање и функционално уредување на просторијата за музикалии, која подолг временски период била користена за административни цели. Со нејзиното ставање во функција, ќе се создадат услови за активно користење на некнижниот фонд: аудио-записи, CD, винил плочи и други носачи на звук со што би се привлекле студентите од Музичката академија, учениците од средното музичко училиште, како и сите љубители на музиката. Во таа насока, планирано е и дополнително стручно усовршување на дел од вработените преку обуки за обработка и заштита на некнижниот библиотечен материјал.

Мојата визија за идниот развој на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола е таа да се развива како современа, отворена и мултифункционална институција – чувар на културното наследство, поактивен партнер во високото образование и истражувањето,како и динамичен културен центар достапен за сите генерации. Библиотеката треба да биде место каде што традицијата и современите технологии се надополнуваат, каде што знаењето се чува, но и активно се споделува, со јасна ориентација кон националната, регионалната и меѓународната културна и академска сцена.

 

Интервјуто е преземено од неделникот ЈАВНОСТ 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани