ЗАПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА СПОРТСКИ ИГРАЛИШТА ВО ОУ „ДАМЕ ГРУЕВ“
На уште една локација почна да се работи во новата градежна сезона. Станува збор за изградбата на спортски игралишта во дворот на ОУ „Даме Груев“, што е проект од вториот владин повик, преку министерството за образование и наука.
Денеска локацијата ја посетија градоначалникот на Битола Тони Коњановски, претседателот на Советот Бојан Бојкоски и секретарот на општината Борче Димитровски, а од одговорните за проектот беа информирани со текот на работите.
Станува збор за отворени повеќенаменски игралишта во училишниот двор и тоа терени за ракомет, кошарка и одбојка со вкупшна површина од 1311 м2.
Проектот предвидува поставување и на тартан подлога со дебелина од 13 милиметри, а вкупната асфалтна површина ќе биде на 2081 м2.
Околу терените ќе биде направена и пешачка патека во бехатон на површина од 294 м2, асфалтирање на пристапниот дел до игралиштата, паркинг простор, хортикултурно уредување и поставување на урбана опрема.
Вкупната сума на проектот е 15.507.414 денари.
И ова училиште се приклучува кон другите основни училишта кои ќе имаат нови спортски терени, што е заложба на општината учениците да имаат модерни и современи услови за спортските активности.