
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во Основниот суд Битола денеска продолжи судењето за екс директорот на РЕК „Битола“ Пеце Матевски и уште шестмина вработени од комбинатот како и на три службенички од Бирото за јавни набавки од Скопје заради незаконитости во тендер за ископ на јаловина поврзан со изборот на битолската фирма „РУД КОП“-Битола во 2022-2023 година.
ОЈО Битола по пријава од Управата за финансиска полиција и по спроведена предистражна постапка поднесе обвинение против 10 лица, истите спротивно на Законот за јавни набавки во име на РЕК „Битола“ ја отфрлиле како неприфатлива понудата на „Гранит“-Скопје за ископ на јаловина, иако била со најниска цена. По спроведена електронска аукција договорот за јавна набавка му го доделиле на „РУД КОП“-Битола кој понудил пониска цена по м3 во споредба со цената понудена од „Марковски компани Борче“-Битола (инаку вториот учесник на електронската аукција), цената сепак била повисока од отфрлената понуда на „Гранит“-Скопје. Понудата била отфрлена иако како доказ за професионално техничката способност „Гранит“ доставил потврди за ископани јаловински маси во бараните количини, при работа на изградбата на автопатот Кичево-Охрид. Комисијата за спроведување на јавни набавки во РЕК „Битола“ иако имала потврди кои докажуваат дека „Гранит“ го има ископано потребното количество на јаловина барано согласно тендерската документација, сепак одлучила да го исфрлат од „игра“ заради тоа што работите на автопатот Кичево-Охрид не биле се уште завршени, па доставените потврди не биле доказ за позитивна референца. Притоа, како резултат на исфрлањето на „Гранит“, на фирмата „РУД КОП“ му е исплатен износ од 849.577.984 денари за извршениот ископ на јаловина во РЕК „Битола“ (иако цените понудени од „Гранит“ за истата количина би биле 671.207.665 денари, што е разлика од 178.370.319 денари). Токму овој износ е определен како износ на штета за РЕК „Битола“ односно незаконита имотна корист за „РУД КОП“-Битола поради што во судницата беше присутен и сопственикот, бизнисменот Кирил Билјановски. ОЈО Битола бара конфискација на тој износ од фирмата на Билјановски (износ кој во моментот е привремено замрзнат).

фото А.Блажевска
На обвинителна клупа денеска седнаа Пеце Матевски, кој веќе е ослободен од притвор во предметот „Адитив“ и има определени мерки на претпазливоста за обезбедување на присуство на судењата и за кого се води и друга кривична постапка за неговото директорување. Обвинети од РЕК „Битола“ се: Димитар Петковски, Благојче Ѓорѓиевски, Тони Ангелевски, Снежана Макаријоска, Анита Кузевска и Љупчо Стефановски кои исто така имаат определена мерка на претпазливост од 2025 година. Со обвинението се опфатени и Александра Маџевска Сараќинчева, Аземина Учкан и Добрила Јордановска сите три од Бирото за јавни набавки во Скопје.
Судскиот процес го води судијата кривичар Горан Димовски од Основен суд Битола, а обвинението го застапува Оливера Нечаковска од ОЈО Битола.
Во моменти кога обвинителката прашуваше, обвинетите почнаа гласно да зборуваат и да се смеат, па судијата Димовски ги предупреди – „Не сте на кафе“.
Денеска сведочеше вештото лице Татјана Кузмановска ангажирана од обвинетите.
На прашање на одбраната Кузмановска рече дека одлуката потпишана од екс директорот Матевски, „РУД КОП“ да ископува јаловина била со претходно обезбедени средства од АД ЕСМ, дека станува збор за рамковна спогодба каде количините за ископ се ориентациони, а не фиксни. Додека пак, подоцна склучениот анекс за исплата на дополнителни средства кон битолската фирма бил одобрен со одлука на тогашниот Управен и Надзорен одбор на АД ЕСМ.
Кузмановска пред судот кажа дека не направила математичка пресметка колку пари се платени за колкава количина ископана јаловина оти количините биле ориентациони, па рече важно е дека вредноста на договорот и Анексот не е надмината. Сепак Кузмановска потврди дека математички точна е пресметката на вештото лице Ирена Нешковска ангажирана од ОЈО Битола која наведува дека за количините јаловина кои се ископани од „РУД КОП“, доколку не се исфрлеше понудата на „Гранит“, РЕК „Битола“ би платил помалку 178.370.319 денари (или помалку околу 3.500.000 евра).
Дополнително, вештото лице на прашање на обвинителката Нечаковска потврди дека единствен критериум за избор на најповолен понудувач е најниската цена, економичност при спроведување на јавните набавки и трошење на јавните средства, како и дека согласно важечките правила договорот кој бил склучен помеѓу РЕК „Битола“ и „РУД КОП“, требало да трае се до исцрпување на средствата определени за истиот или до претекот на времето за кое бил склучен, зависно од тоа која околност прва ќе се случи. Во конкретниот случај, согласно времените ситуации за извршен ископ и исплатени средства на „РУД КОП“ износот на средства бил потрошен пред склучување на Анексот кон Договорат за јавна набавка (и со таа математичка пресметка на вештото лице ангажирано од ОЈО Битола се согласи на расправата и техничкиот советник ангажирана од одбраната).
Во обвинителниот акт, Нечаковска подетално наведува дека во периодот од август 2022 година до август 2024 година, во Битола, заедно договорени како службени лица: обвинетиот Матевски - како и обвинетите Димитар Петковски член на Стручната комисија за спроведување на отворена постапка за јавна набавка и тогаш раководител на основно производство при Рудници во РЕК „Битола“, Благојче Ѓорѓиевски член и тогаш главен инженер во служба за производство и рударска подготовка, Тони Ангелевски член на Стручната комисија, Снежана Макаријоска како претседател на Комисијата за јавни набавки за спроведување на отворена постапка за јавна набавка и Анита Кузевска и Љупчо Стефановски како членови, презеле службени дејствија спротивни на Законот за јавни набавки.

фото А.Блажевска
Обвинетите Петковски, Ѓорѓиевски и Ангелевски, со овластување да извршат евалуација на понудите од аспект на професионалната способност, професионално-техничката способност и техничката понуда, ја извршиле евалуацијата на доставените понуди на економските оператори „Марковски компани Борче“, „Гранит“, „РУД КОП“ и „ТОПЛИНА Подмолје“- Охрид, доставени по Оглас за јавна набавка, спротивно на начелата на економичност, конкуренција и еднаков третман и недискриминација, се вели во обвинението. Доставиле техничко мислење во август 2022 година во кое не ги прифатиле потврдите за извршен ископ на земјени работи доставени од „Гранит“ како доказ за исполнување на условот на тендерот. Констатирале дека понудата на „Гранит“ е неприфатлива и се отфрла од понатамошна евалуација. Образложението им било- „Понудувачот ‘Гранит’-Скопје има доставено документ за извршено услуги за ископ на минимум 4.000.000м³ јаловински маси кумулативно за последните три години, но работите на автопатот Кичево-Охрид, Кичево-Подвис и автопатот Кичево-Охрид, Подвис- Пресека, не се завршени и според тоа нема ископано минимум 4.000.000 м³ јаловински маси кумулативно за последните три години”.
Обвинителството наведува дека членовите на комисијата не смееле да ја отфрлат понудата на „Гранит“, во исто време понудата на „ТОПЛИНА Подмолје“ не била отфрлена по овој основ, иако и оваа фирма како доказ доставила слични потврди за извршен ископ на јаловина на автопатот Кичево-Охрид.
Обвинетите пак, Макаријоска, Кузевска и Стефановски, како членови на Комисијата за јавни набавки го прифатиле техничкото мислење на Стручната комисија со кое од понатамошна евалуација се отфрла „Гранит“, па го изготвиле Извештајот за избор на квалификувани кандидати за е-аукција по отворена постапка со кој на аукција ги поканиле само „РУД КОП“ и „Марковски компани Борче“. По спроведената електронска аукција на која била постигната најниска цена од 2.595 денари од „РУД КОП“ (цена сепак повисока од првично понудена од „Гранит“ од 2.040 денари), изготвиле и до обвинетиот Матевски доставиле извештај во кој предлагаат склучување на рамковна спогодба со „РУД КОП“ за цена од 2.595 денари, наведува обвинителката.
По ова според обвинението, износот на средства од 708.000.000 денари со ДДВ, определен во Одлуката за јавна набавка од јули 2022 година не е доволен за ископ на бараните 2.400.000 м3 јаловина. Па, Матевски на 21.9.2023 година склучил и Анекс бр.1 кон Договор од 3.10.2022 година со кој вредноста на јавната набавка е зголемена за дополнителни 20%.
ОЈО наведува –„Наместо да се изврши дополнителна анализа обвинетиот Пеце Матевски, го склучил Договорот, a потоа, го склучил и Анексот бр.1, со кој вредноста на јавната набавка е зголемена за дополнителни 141.600.000 денари со ДДВ со што е овозможено ‘РУД КОП’-Битола да изврши ископ и на дополнителни 378.538 м3 јаловина надвор од предметот на спроведената јавна набавка за што е исплатен паричен износ од дополнителни 138.231.236 денари.“
ОЈО Битола додава „Доколку понудата на ‘Гранит’ не беше незаконски отфрлена и истиот учествуваше на електронската аукција, тогаш и Буџетот на АД ЕСМ-Подружница РЕК Битола немаше да претрпи имотна штета во износ од 178.370.319 денари.“

фото А.Блажевска
Во Скопје, обвинетите Александра Маџевска Сараќинчева- раководител на одделението за управна контрола при БЈН, Аземина Учкан-виш соработник за управна контрола и Добрила Јорданова-помлад соработник пропуштиле должен надзор.Трите обвинети требало да утврдат дека понудата на „Гранит“ е незаконски отфрлена па да му наложат на РЕК „Битола“ да изврши повторна евалуација на понудите. Тие дале инструкции да продолжи постапката за јавна набавка, со што овозможиле Матевски да пристапи кон склучување на договорот со „РУД КОП“-Битола.
За овој случај обвинителката Нечаковска доставила и посебен предлог за одземање на прибавена имотна корист од 178.370.319 денари од фирмата „РУД КОП“ управувана од бизнисменот Билјановски –„Замрзнување на парични средства од февруари 2025 година со траење се до донесување на првостепена пресуда во предметот оформен во ОЈО Битола.“
Текст и фото Анета Блажевска
