2win800x200

Наставник по ликовно во Битола цела година одел на работа без да му кажат дека добил отказ – држел настава пишувал оценки до вчера

Мај 22, 2026
наставник Стефан Поповски - фото А.Блажевска наставник Стефан Поповски - фото А.Блажевска

 

Наставник по ликовно во Битола цела година одел на работа без да му кажат дека добил отказ – Одел на настава до вчера кога му ја затвориле вратата. Претходно цела 2025 година досега држел часови, имал пристап до е-дневникот, пишувал оценки, одел на Наставнички совет се потпишувал за присуство, водел евиденција, се како што прават и редовно вработените наставници. 

 

Наставникот по ликовно образование Стефан Поповски од Битола цела учебна година одел на работа во подрачно основно училиште во Битолско без да му се каже дека добил отказ уште лани во јануари, без да знае дека не е на платен список и нема договор за работно ангажирање.

Настаникот ангажиран во три училишта со цел да оформи полн фонд на часови, ниту претпоставувал дека бил тргнат од списокот за исплата на плата од подрачното училиште во Горно Оризари при ООУ „Тодор Ангелевски“ Битола. Во ова училиште одржувал по 4 работни часа неделно (во шесто и осмо одделение), секоја ден доаѓал на работа, на настава, се ангажирал не само околу наставата туку и околу  училишните активности, праќал деца на натпревари, на ликовни конкурси, добивал награди, цртал мурали, но за жал не знаел дека е отстанет од платниот список на училиштето и се што му следува по закон за работни односи. Тоа го увидел неодамна и реагирал. 

„Веќе два месеци си ја барам правдата, си ги барам одработените пари и стажот, но добивам пораки дека ако ова стигне во јавноста никогаш веќе нема да работам во образование. Вчера крајно бев избркан од работа, дојдоа директорката на ООУ „Тодор Ангелевски“ Битола и подрачната директорка и ми забранија влез во училиштето. Правдата ќе ја барам на суд, судот нека одлучи, а не молкот“, вели Поповски во разговор за АПЛА и доставува документи.

  

35f06ad6 e051 4642 976a 0665f8969c9e

 

 

Всушност младиот наставник, некаде во 2020 година, напочеток бил ангажиран во три училишта, во ООУ „Гоце Делчев“ и ООУ „Коле Канински“ Битола и ООУ „Тодор Ангелевски“ Битола, се било регуларно и со согласности од МОН и Општината. Но, како се менувале директори во ООУ „Тодор Ангелевски“ Битола, Стефан бил тргнат од платниот список на наставниот кадар без да биде информиран. Училиштето сега му доставува документ за наводен отказ на кој тој не е потпишан, а за да биде симптоматично на документот нема печат ни од бившата директорка, туку само потпис. Со решение за престанок на работен однос бившата директорка напишала дека Стефан Поповски на работа е ангажиран заклучно до 29 јануари 2025 година и не му се продолжува договорот за работа. Меѓутоа Стефан тврди дека вакво решение лани не добил, сега прв пат го гледа и затоа нема потпис од негова страна на решението.

 

решение за отказ непотпишано од Стефан

 

 

За да биде небулозата поголема, Стефан за цело време уредно држи часови во училиштето.

„Јас не знаев дека сум добил отказ, напротив продолжувам да држам часови, имам пристап до е-дневникот, пишувам оценки, одам на Наставнички совет се потпишувам за присуство, водам евиденција, се како што прават и редовно вработените наставници. Одам со децата по натпревари, пред два дена со ученичка добивме награда. Се до вчера кога откако си ги побарав правата директорката ми забрани пристап до школото. Сега се прашувам на крај на учебна година сме дали оценките што ги напишав на полугодието се валидни или не за децата?“, прашува младиот Стефан во разговор за АПЛА.

Стефан реагира веќе два месеци до надлежните дека нешто не е во ред со неговата плата и стаж.

„Во подрачното ООУ ,Тодор Ангелевски' бев ангажиран подолго време и цело време одев на работа. Платата ми се исплаќаше во проценти помеѓу трите училишта каде што бев ангажиран. На почетокот на учебната година зедов извештај од банката дека ми се исплаќани само 16 наставни часа, наместо 20. Утврдив дека од ООУ ,Тодор Ангелевски' прекинале да ми исплаќаат плата и стаж. Бев кај благајничката и тогаш ме извести не постојам на платен список од 29 јануари 2025 кога директор беше Наташа Швигир и новата директорка Гордана Јоначиќ не ми исплаќала плата и ме избришла од списокот на вработени. Јас одговорно тврдам дека одев на работа како и сите други колеги за што имам сведоци", изјави за АПЛА, наставаникот Поповски.

 

барање од Стефан

 

На 28 април испратил барање до училиштето во кое наведува дека од септември 2025 не прима плата за 4 наставни часа неделно, иако е ангажиран.

„За се има доказ јас сум пишан во распоред на часови, Годишната програма на училиштето... и затоа писмено побарав да ми се исплатата ретроактивно платите за целиот изминат период, додатоци на плата и да ми се надомести стажот во спротив ќе се докажам на суд“, вели Стефан.    

На ова негово барање од ООУ„Тодор Ангелевски“ Битола добил кус одговор на 6 мај овој месец во која се наведува дека училиштето проверило дека на 29 јануари 2025 година е прекинат работниот однос со решение од истиот датум и толку. Во изјавата на училиштето не стои зошто тогаш Стефан бил на распоред на часови, зошто бил во Годишната програма, зошто водел електронски дневник, зошто пишувал оценки?

 

одговор од Училиштето

 

 

Стефан Поповски веќе покренува постапка против училиштето, а за неговиот случај е информирано и ОЈО Битола.

АПЛА се обрати и до правните застапници на Поповски Адвокатското друштво „Илиевски, Петровски, Христовски и Додовски“ од Битола од каде што добивме информација дека се преземаат сите потребни мерки за поведување на соодветни постапки се со цел заштита на правата на Стефан Поповски, во интерес на постапката не откриваат детали.  

За случајот, АПЛА побара став и прати порака и до директорката на ООУ „Тодор Ангелевски“ Битола. До објавувањето на текст не добивме повратен одговор штом го добиеме ќе биде пренесен во целост.  

Градоначалникот Тони Коњановски за случајот со наставникот Стефан Поповски објави став - 
 
-Сакам да ја информирам јавноста дека внимателно ги следам случувањата со наставникот од ОУ „Тодор Ангелевски“ кој денеска преку медиуми информираше за неговиот случај со работното ангажирање.
Дадов налог до општинскиот инспектор за образование да ги провери наводите изнесени од страна на наставникот и доколку се утврди дека се точни и вистинити, ќе покренам постапка за разрешување на директорката на училиштето.
Сепак, да оставиме работите да се одвиваат согласно процедурите, објави Коњановски.

 

87de01a8 ab34 42e6 8e89 675d804ac03b

 

Текст и насловна фотографија Анета Блажевска 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани