АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Само неколку години по Втората светска војна, на 30 ноември 1948 година, во бурни времиња на обнова на државата, со висока еколошка свест на тогашните структури, Пелистер е прогласен за национален парк. Тој бил прв национален парк во тогашна Југославија и 13-ти по ред во Европа. Ова ремек дело на природата има разновиден растителен и животински свет, а најголема вредност има моликата-автохтон вид на петтоигличест бор со терцијарна старост, кој што расте на само неколку планини на Балканот. Најстариот национален парк во државата „Пелистер“, денеска одбележа 70 години од своето постоење.
- Националниот парк „Пелистер“ е дом на повеќе ендемични и ретки видови од растителниот и животинскиот свет, а покрај тоа, на ова подрачје има и голем број историски, културни и архитектонски вредности, кои ние како јавна установа имаме обврска да ги сочуваме. Но, и покрај ограничените финансиски и кадровски можности, ние правиме напори оваа состојба да ја одржуваме стабилна и да ја подобриме. За тоа треба ангажман и од пошироката општествена заедница. Пелистер со својата местоположба, клима и природното богатство е идеално место за развој на планинскиот туризам и другите форми на алтернативен туризам, поради што ги повикам потенцијалните инвеститори да вложуваат во одржлив туристички развој, рече директорот на НП „Пелистер“, Ахмет Алиу.
Тој посочи дека и на меѓународен план НП „Пелистер“ е отворен и ги подржува сите иницијативи за прекугранична соработка, а членува во европски асоцијации кои бараат високи еколошки критериуми.
-Во тек е подготовка на нова студија за организација и изготвување на менаџмент план по европските директиви каде се ангажирани домашни и странски експерти од Финска и Литванија, со што ќе се утврдат мерки и активности за развој во наредните 10 години, рече Алиу.
Посетеноста на НП „Пелистер“ во просек годишно се движи меѓу 30 до 35 илјади посетители, а посетеноста на инфо-центарот се движи меѓу 7 и 10 илјади посетители, а 10 проценти се странци.
-Ние сме задоволни од посетеноста, но сметаме дека постојат големи можности за развој од туристички аспект. Проблем е што НП „Пелистер“ не располага со свои објекти за таа намена, не го развивал туризмот како посебна дејност и претежно се трудиме да работиме на заштитатат и конзервацијата, а во наредниот период посебно внимание ќе треба да посветиме на мониторингот, затоа што сега сме пилот подрачје за Натура 2000 се вршат истражувања во моментот и доколку Македонија влезе во ЕУ ќе бидеме една од подрачјата во кои ќе има области со Натура 2000. Тоа значи дека одредени видови на животни, растенија и живеалишта кои што постојат во ЕУ мора де се чуваат и во земјите членки. Така што кога ќе влеземе во ЕУ ќе треба истите видови да ги заштитуваме и да овозможиме прогрес. Не смее да се дозволи нивно оштетување и загрозување, рече Пеце Цветановски, од НП „Пелистер“.
Градоначалничката Наташа Петровска рече дека се одбележува значајна годишнина од тогашната свесност и размислување, дека овде, во непосредна близина на Битола, има вистинско богатство.
„Распределен низ Баба Планина, со разновидна флора и фауна, Националниот парк Пелистер во себе крие невидена убавина. Повозрасните битолчани се сеќаваат како ентузијастички се правеле првите објекти, жичарницата, на Лазо вилата, Хотелот Молика.....таа љубов кон планината се пренесувала и се пренесува од колено на колено. Така и сега, речиси секој викенд може да се видат семејства како пешачат по планинските патеки, одејќи кон Копанки, Широка, Јоргов Камен, похрабрите и до Црвени стени, Големото и Мало Езеро. Во овој современ начин на живеење, кога се помалку сме свесни за богатствата кои што не опкружуваат, треба и мора да ја знаеме вредноста на Националниот Парк Пелистер. Мораме сите заедно да го чуваме, да се грижиме за него, да не го загадуваме. Само така, ќе им послужи и на нашите деца и на идните генерации“, рече Петровска.
Пред присутните се обрати и претставник од Министерството за животна средина, кој ја посочи важноста на НП „Пелистер“ за Македонија. Градоначалникот на Општина Ресен Живко Гошаревски потенцираше дека Преспа го има НП „Пелистер“ како богатство, кое уште повеќе треба да го промовира овој регион. На крајот, од страна на НП „Пелистер“ беа доделени посебни плакети и благодарници за соработниците и вљубениците во овој национален парк.