АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
По повод 100 годишнината од завршувањето на Првата светска војна, денеска започна дводневната конференција „Социо-културни аспекти на Првата светска војна“ во организација на НУ „Завод и музеј“-Битола и ЗРАТ Љубојно. Целта на оваа Конференција е да се подигне свеста на јавноста за различни аспекти на Првата светска војна со што ќе им се оддаде почит на сите индиректни учесници и цивилни жртви кои останаа неспоменати во сите воени и историски документи.
-Методите и алатките на поединечните научни дисциплини и индивидуалниот пристап на научниците, истражувачите, музејските работници и др., ќе обезбедат сознанија и популаризација на поединечни теми, согледани од нивни различни аспекти. На тој начин ќе може да откриеме важни елементи од индивидуалниот и колективен живот на населението долж фронтовската линија, но и во нејзината заднина. Сеќавањата и нивната трансмисија се исклучително важни сегменти на индивидуалната и колективна меморија и според тоа тие се од исклучителна важност во овој контекст, велат организаторите.
Теми на дискусија на конференцијата се –„Местото и улогата на жената во Првата светска војна„ Студенстки сесии на разни теми поврзани со Првата светска војна, остатоци од Првата светска војна- кажувања, снимки, фотографии кои се зачувани во различни архиви, литература и култура, односно претстави, песни и приказни, потоа материјални остатоци и можности за туризам, како и Музеите и Првата светска војна.
-Со учество на професионалци од земјите учеснички во Првата светска војна, оваа Конференција има карактер на меѓународна средба за размена на идеи, не само меѓу нив, туку и со публиката, а идејата за активно вклучување на студентите како учесници, дава додадена вредност на настанот, посебно поради фактот што е реткост во нашата држава да се организираат студентски конференции. Исто така, тоа е можност студентите заедно со професионалците да разменат современи гледишта на одредени теми, во случајот за Првата светска војна, велат организаторите
На денешното отворање се обратија Мери Стојанова, директор на НУ „Завод и музеј“-Битола, Александра Атанасовска, претставник од ко-организаторот ЗРАТ Љубојно, Гала Ивановска, претставник од АЛДА и претседавачот на Советот на Општина Битола, Валентин Груевски
Конференцијата е финансирана од Асоцијацијата на агенции за локална демократија АЛДА во рамките на програмата „Сеќавања на македонскиот фронт 2018“, поддржана од Регионот Нормандија.
Конференцијата „Социо-културни аспекти на Првата светска војна“, продолжуваат и утре, петок, 14 декември.