АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битолското село Кравари доби нова детска градинка, која има капацитет да прими 40 деца на претшколска возраст. Градинаката ќе работи во состав на ЈОУДГ „Естреја Овадија Мара“, а за оваа намена опремени се 2 детски занимални.
„ Оние деца кои што од оваа населба доаѓаа во градинките во Битола, ќе имаат можност да бидат сместени во своето место на живеење. Од друга страна пак, се ослободува простор во градинките во кои досега престојувале и на тој начин се овоможува да имаме поголем опфат на дечиња во градинките во нашата општина. Но она што сакам да го најавам е дека со оние милион денари кои што ги одвои Општина Битола за доопремување на три занимални, процесот е во завршна фаза и наскоро и тие ќе бидат ставени во функција, така што за една година имаме сериозна бројка на опфат на деца во градинките, што беше и наша заложба пред изборите“, рече градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.
Министерката за труд и социјана политика Мила Царовска, која присуствуваше на отворањето, рече дека Владата работи на зголемување на опфатот за сместување на деца од предучилишна возраст.
„Децата од Кравари ќе имаат можност да добијат квалитетно предучилишно образование, а нивните родители подобро вклучување во пазарот на труд, што значи правиме две добра. Ја реализираме нашата определба како Влада за проширување на опфатот на деца од предучилишно образование и од сегашните 30% планираме да стигнеме до 50% од опфат на деца. Со одлука на Владата и врз основа на склучениот договор со Светска Банка во наредните четири години ќе инвестираме 16 милиони евра во зголемување на инфраструктурниот капацитет за сместување на деца со предучилишно образование. За година и пол, опфатот за сместување на деца го зголемивме за 1.300 и тоа навистина е голема инвестиција“, посочи Царовска.
Во адаптацијата на просторот за новата градинка во Кравари помогнаа и битолските јавни претпријатија „Нискоградба“ и „Комуналец“, а посебно за градинката целосната ограда во различни бои и апликации од детските анимирани ликови, ја изработија вработените во ФОД Битола.
„Денес нашата установа е побогата за уште еден објект, деветти по ред. Огромно задоволство ми е да го поздравам овој чин, но и слухот са нашата работа за квалитетно образование и воспитување. Се надевам дека соработката со Министерството за труд и социјајна политика и Општина Битола ќе продолжи онака како и што започнавме, а наскоро ќе ги имаме и трите нови занимални, со што ќе се намали бројката на листата на чекање“, истакна директорката Лидија Тфирст Митревска.
Министерката Царовска, заедно со директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски беа дел од Саемот за кариера, на кој присуствуваше и градоначалничката Наташа Петровска. На презентација, во оргнизација на МКЦ Битола, тие пред младите во Битола ја презентираа новата мерка од Оперативниот план за вработување што се однесува на брзорастечките иновативни бизниси.
Министерката Царовска, придружувана од градоначалничката Петровска, го посети и новоотворениот Регионален ресурсен центар за слепи лица, наменет за лицата од петте општини во регионот, Битола, Ресен, Демир Хисар, Могила и Новаци.