АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
ОУ „Стив Наумов“ годинава го одбележа својот патрон празник во знакот на екологијата. Учениците на ликовниот и литературниот конкурс твореа на тема „Кажи ѝ гласно на планетата Земја“, со цел внимание да се сврти кон свесно размислување за тоа колку и како може да се продолжи животот на планетата Земја.
Наставничкиот колегиум за одбележување на патрониот празник организираше бројни активности кои се реализираа цела недела, од 21 октомври до денес
Почнувајќи од најмалите и најбројните оваа година, првачињата, во соработка со нивните мајки и баби, се одржа работилница за зачувување на културните вредности , рачна изработка на предмети со раскажување и пренесување на искуствата на најмладите.
Дел од наставниците и учениците учествуваа на работилница во НУУБ "Св. Климент Охридски“ каде гледаа едукативен цртан филм за грижата на околината, селектирање и рециклирање, како и во Завод музеј-Битола каде се запознаа со минатото и богатата историја.
Така, преку бројни еко- работилници, учениците се доближија до поимите селектирање на отпадоци и рециклирање. Беше реализирана и практична активност на селекција на отпад во кругот на училиштето.
Не изостанаа спортските активности реализирани од наставниците по физичко воспитание во соработка со нивните колеги од другите училишта.
Наставникот Владо Кузмановски одржа историски час со учениците и положија цвеќе на бистата на Стив Наумов.
На 24 октомври, во училиштето се одржа и приредбата на која се претставија учениците, хорот и оркестарот на училиштето, со драматизации, забавни содржини, а беше претставена и „ Македонската сликовница“, изработена од страна на Ана Динковска Божиновска и Габриела Мамакис Петковска. Беа доделени и заслужените награди за ликовниот и литературниот конкурс во рамките на училиштето.
Наставниците и учениците испратија јасна пораката : Сите да се грижиме за нашата планета Земја, бидејќи резервна немаме.
E.M.