2win800x200

IN MEMORIAM-За зборовите

Октомври 19, 2021

Редакцијата на апла.мк, во чест на новинарот Никола Талевски кој почина денеска во 81 година од животот,  ја објавува оваа рецензија и предгoвор  на  историчарот д-р Александар Литовски од февруари  2015 година, за  книгата  „Ветрокази" чиј автор е Талевски       

 

Природата му дарила на Човекот две прекрасни нешта – разумот и зборот! Споени во едно, претворени во – разумен збор, тие се најдоброто, најубавото и најблагородното од милениумското човечко постоење како homo sapiens! А најдоброто, никој не смее да го задржи за себе и во себе, оти онаа убавина, добрина, љубов кои се сочувани, кои не се дадени и подарени, кои друг не ги запознал и вкусил, кои се неистрошени, се нематеријализирани, неосуштествени и неповратно загубени! Нив како никогаш и да ги немало и никогаш нема да ги има! Едноставно, сакам да кажам дека убавината на зборот, впрочем, како и секоја друга убавина, постои само доколку има некој кој ја познава и љуби! Убавината на зборот трае само доколку има некој што ѝ се восхитува и ужива во неа! Убавината на зборот вреди само доколку има некој што ќе пека и жали по неа откако ќе се изгуби!

Велам дека зборовите се најубавото и најдоброто нешто на овој свет, ама морам да предупредам дека тие, пред сè, треба правилно да се разберат и протолкуваат. Така е и со афоризмите, за да се ужива во нив, треба да се разберат. Афоризмите, кои се кратки, мудри, поучни мисли, честопати искажани на еден шеговит и духовит начин, треба особено внимателно да се прочитаат, да се обмислат, да се „дешифрираат“, да се постават во опкружувањето на нивните историски контексти. И, секако, за да може да се разберат во нивната полна смисла, за да може да се сфатат нивните алузии, за да може да се открие оксимороничноста кај голем дел од нив, треба оној кој ги чита да има завидна интелектуална и историска интуиција! Фактички, преку зборовите, афористичарот, кој е репрезент на целата духовна, културна и политичка стварност, во една лаконска форма наречена афоризам („Афористичарот штеди на зборови, а раскошен е во паметот“, вели Никола Талевски), ги излачува најважните, најзначајните и најударните моменти и му ги предава на светот, на општеството, на средината во која живее. И, секако, му ги остава на иднината, како непорекливо сведоштво за сегашното постоење! Затоа, сосема оправдано и вистинито, во книгата „Ветрокази“ е запишано: „Добар роман може да има десетина мудри мисли. Добар афоризам стотина романи!“

 

litovaski

Разумните зборови се најголемата сила и моќ што светот на човештвото ги познава. Отсекогаш низ историјата, сè што е голема човечка акција, започнала со зборови! Сè што е вредно и добро започнало и се градело со зборови. Но, за жал, дури и најдеструктивните феномени, како што се војните и масовните убиства, пред да бидат изведени, прво биле договарани, преговарани, обмислувани... со зборови! Сакам да кажам дека живееме во време во кое зборовите многу често се алатка за манипулација и криминални дејства. Клучните зборови добиле криво значење, па луѓето не се сигурни што тие означуваат. Зборовите се до апсурдност искривоколчени и до максимум злоупотребени. Земете го како пример зборот „демократија“ и направете макар и една површна анализа, па ќе видите дека најчесто го употребуваат и на него се повикуваат држави и општественоекономски системи кои во својата основа се ненародни, елитистички, кои продуцираат нееднаквост и дискриминација по разни основи. Човек скоро и да не може да се посомнева во афоризамот: „Демократија е империја на медиокритети“! И, што е најстрашно, светот е толку емоционално зомбиран и интелектуално униформиран и оглупавен, што луѓето се претворени во „збунето стадо“ (Волтер Липман), кое не ја сфаќа огромната дискрепанца меѓу зборовите и стварноста. Живееме во време кога општествениот систем, преку сите видови медиуми (а, кои владејачите ги контролираат директно или индиректно преку финансирањето), смислено продуцира безбројно многу, мали и големи, лаги! Тоа се такви „уверливи лаги“, во кои дури и оние кои ги создаваат, вероподанички „веруваат“ во нив. Сите оние кои се заразени со „уверливите лаги“ од неолиберализмот како доминантен глобален општественополитички систем, се способни „искрено да го игнорираат“ секој факт кој за нив е „незгоден“. Едноставно, денешниве политички менаџери сфатиле дека за да ги контролираш луѓето не ти се потребни средства за физичка контрола и принуда, туку, пред сè, треба да постигнеш контрола на мислите. Целта е да ги убедите луѓето дека „вистината“, односно „уверливата лага“, која ја пропагираат и со која се самокитат владејачите е онаа правата и единствена „вистина“. Затоа, Талевски луцидно забележува: „Ме прашувате: ‚Што мислам?‘, а сè уште не се изјаснил лидерот.“

Значи, зборовите ѕидаат и разѕидуваат, спојуваат или делат! Ингениозниот и од светската интелектуална јавност неоправдано запоставуван Мирослав Крлежа, за да ја објасни ваквата онтолошка дихотомија на зборовите, има запишано дека „Зборовите... ги спојуваат луѓето како мостовите, создавајќи во исто време меѓу човек и човека непремостивости, кои се, многу често, подлабоки од најмрачната бездна.“ Жален е фактот дека многумина кои немале и немаат талент да создаваат, имале и имаат јазик да рушат и уништуваат. Тоа го прават преку опскурно малограѓанско озборување, ситносопственичко нихилистичко завидување и злонамерно кодошење. Можеби затоа во ова наше време и во оваа наша средина, скоро и да нема „филозофи“. Или можеби е поправо и пооправдано ако се каже дека „филозофите одат со наведната глава“ и молчат! Овој и сличните афоризми на Никола Талевски се само едно сведоштво (од многуте) за евидентната декаденција на општеството во кое сме приморани да егзистираме! Но, тоа не е само наш „специјалитет“! Ете, францускиот филозоф Жан Пол Сартр одамна зборуваше за „дрдорливо молчење“, под кое ги подразбираше разните форми на неодговорно и неангажирано пишување и зборување. За него беше смешна работа интелектуалците да пишуваат и зборуваат како другите треба да се борат, а самите тие да не прават ништо од тоа!? Логично, на подолг рок, „дрдорливо молчење“ води кон криза на реториката, криза на јазикот, криза во која зборовите губат од вредноста и, на крајот, се случува бесмисленост на пишувањето и зборувањето: не само што се пишува неангажирано и неполезно, туку и без стил и знаење, односно се говори за да не се рече ништо! Празнотијата при зборувањето и пишувањето во една средина, празното ломотење и бесмисленото шкрабање, укажуваат на постоење на празна и бесмислена егзистенција, а тоа е најлошото што може да им се случи на едно општество, на еден град, на еден човек. Затоа книгата на Талевски војува со плиткоумноста на својата средина, предупредува да не судиме пребрзо, да го вреднуваме умот и знаењето и да ги цениме мудрите и писмените. Оттука, тој порачува и препорачува: „Додека не проговориш, не знам колку ти тежи умот.“

Ако речам дека општество, град, институција... кои ги фаворизираат и наградуваат полтроните и медиокритетите, односно кои не ги ценат и не се грижат за вистинските интелектуалци, па умниот, креативен и добар збор нема одек во политиката и стварноста (односно, во време кога без да се погреши, може да се каже: „Светот не е толку лош. Тој е бетер“), немаат иднина, фактички, тоа го правам затоа што сакам да му изразам почит на авторот Никола Талевски, кој имаше храброст да ја напише и објави книгата „Ветрокази“! Велам, храброст, бидејќи живееме во време кое не поднесува критика, кое не ги трпи и цени интелигентните, кое не ги наградува и почитува работливите. Уште повеќе, живееме во средина во која не само што го потценија и обесмислија, го деградираа и испоганија – Зборот (оти „секогаш ќе најдат такви кои пишуваат како тие што сакаат“), туку го наметнаа стравот и автоцензурата во мислењето! А, што е зборот ако е бесмислен и никој не го разбира? Ништо! Исто како што е безвредна и мислата која, заради страв, е недомислена и неискажана!

Веќе сугерирав дека книгата „Ветрокази“ е во интерпеденција со времето и средината во која е создадена (затоа објаснува: „Време сегашно: кради и пушти и другите да крадат“)! Па каква би била една книга со афоризми, ако не е актуелна, ако не се фати во костец со непосредната стварност, со најтешките и најсложени проблеми, со најлошите и најлицемерни феномени на денешницата („Моралното дно – нема граници)?! Никаква, површна, неинтересна, лицемерна...! Книга со афоризми која нема да го „коментира“ она што е актуелно во моментите кога е пишувана, е штура, половична, саката, сиромашна, недоречена, нецелосна... Затоа, „Ветрокази“ удира врз нашата стварност со силна иронија и многу сарказам, што пак ја прави „достојна“ да ја вброиме во редот на добрите афористички книги. Во овој контекст, не можам, а да не споменам, и со тоа да ги акцентирам, барем неколку афоризми, кои го отсликуваат нашето време и средина: „Додека ви ја полнат главата, политичарите си ги полнат џебовите“; „Каде да тргнат овците кога ни овчарот не го знае патот.“; „Парламентаризам: И за голема и за мала пратеничка група – ќотекот е ист.“; „Слободните медиуми денес: ‚Како газдата ќе каже‘.“ Но, изборот за цитирање е толку голем и податлив, што човек не може да избере што е добро за да го истакне!

 

talevski

Морам да речам и дека ова што е пред нас со наслов „Ветрокази“ е – книга на животот! Оти во неа се обмислени и „прокоментирани“ најегзистенцијалните проблеми на луѓето. Таа е и книга на една „поделена“ генерација. Генерација која живееше во два века, во два сосема различни општественоекономски системи. Така произлегува, на пример, афоризмот: „Го пропаднавме надежниот социjализам. Со гнилиот капитализам не ни оди.“ Или оној кој гласи: „Ако социјализмот го следеше бирократија, транзицијата ја мачи клептократија“. Впрочем, заради ваквите „идеолошки“ мисли, оваа книга со афоризми не е книга на „едно време“, туку книга што одбележува и меморира „две времиња“ и „две идеологии“. Таа книга е и – еретичка книга! За неа нема нешто недозволено, нема нешто свето, нема нешто што „не смее“, нешто од што „се плаши“, нема ништо на овој свет што таа не може да го „допре“! Затоа вели: „Пендракот е единица мера за демократија“, или „Капитал – колку тоа јаремски звучи?!“, па дури: „Поповите водат политика, политичарите попуваат“ и „Има слобода. Секој сам го избира својот господар“! Како што може лесно да се забележи, таа е книга која е незадоволна од животот и светот во кој се наоѓаме, па ги критикува, ги опоменува, се труди да ги поттикне кон промена на подобро... Интересно е дека книгата е без содржинскотематски шаблон, формула, калап...! Таа е мала по обем, но бесконечно голема по опфатот на теми и дилеми! Можеби затоа таа е книга без патетика, но со невообичаена интелектуална суровост. Таа не се труди да остави впечаток врз читателот и не се труди да стане славна. Напротив. Целта ѝ е да го поттикне на размислување и акција, па дури и тоа да е преку своевидна навреда, суровост и вулгарност! Токму заради таквата своја просветителска мисија, дури и хуморот и смеата во неа не се површни и празни, туку преку нив авторот праќа тешки и длабоки пораки! Пораки, кои секој писмен, а со свест и совест, и покрај тоа што на моменти и ќе се насмее, сепак, ќе се замисли и возбуди! Впрочем, не напразно и не случајно, Талевски го запишал афоризмот кој гласи: „Кој читајќи афоризам бара смеа, си го губи времето!“

Можеби најзначајната карактеристика, најзначајниот квалитет на книгата „Ветрокази“ е впечатокот дека таа е во своевиден екстатичен, спојувачки и восхитувачки однос со вистината! Впрочем, секоја „вистинска книга“, а особено онаа која го набљудува и толкува самиот живот, мора да има таков „љубовен“ однос со вистината! Па не напразно големиот Ромен Ролан во својата „Декларација за независност на духот“ од 1919 година, како основна и незанемарлива должност на секој вистински интелектуалец ја определил должноста – да ѝ служи на вистината! Секако, да не остане недоразјаснето и недопрецизирано, тој истовремено запишал дека на вистината може да ѝ служи само човек со „слободен дух“, таков кој ќе е наспроти владејачките догми и заблуди. Ваквите тези во книгата на Никола Талевски се потпрени врз афоризмот кој гласи: „Подобро сам со вистината, отколку со сите во лагата“!

На самиот крај: оваа наша средина која интелектуално и морално наликува на пустина, е жедна за печатење, промовирање и читање на книгата „Ветрокази“! Но, јас би ви препорачал кога ќе стигнете до читањето, прифатете го прашањето од авторот, кое, фактички, е умен совет: „Читаш ли афоризми? Прави го тоа како да е Свето писмо!“ 

 

 

 Рецензија и предговор за книгата афоризми „Ветрокази“ од авторот мр Никола Талевски                                                                          февруари 2015 година

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани