АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На денешен ден, 31 октомври 1942 во Битола е убиен Јонче Мурџевски, припадник на македонското националноослободително и комунистичкото движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.
Роден во селото Ѓавато, Битолско, на 5 мај 1920 г. По професија земјоделец. Од пред Втората светска војна е симпатизер на прогресивното комунистичко движење, а честите и блиски контакти со Тодор Ангелевски и Трајан Белев-Гоце се една од главните причини политички да се активира. Најнапред стана член на југословенската младинска комунистичка организација (СКОЈ), секретар на нејзиниот комитет во родното село, а потоа и член на КПЈ. Еден од раководителите и најактивните комунисти во Ѓавато, а неговата куќа беше редовно место за одржување на партиски состаноци и криење на илегалци. Покрај редовните партиски должности, одржува и контакти со Партизанскиот одред "Даме Груев".
Учествува во организирањето на нападот од овој одред врз бугарскиот полициски подучасток во селото Кажани на 18 август 1942 г. По големата провала во врска со оваа акција, на 22 август 1942 г. беше уапсен од бугарската полиција и затворен во Битолскиот затвор. Тука беше подложен на долготрајна физичка тортура. Во октомври 1942 г. бугарскиот суд го осуди на смртна казна со бесење и таа набрзо беше реализирана во Битолскиот затвор.
********************************************************************
НА ДЕНЕШЕН ДЕН 31 ОКТОМВРИ во 1919 година, во селото Болно, Ресенско, е роден Димитар /Мите/ Богоевски, истакнат припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија. Основно училиште завршил во родното село, прогимназија во Ресен во 1935 г., а учел во Трговската академија во Битола во периодот од 1935 до 1937 г. Бил поет, кој уште во училишните денови во Ресен ги напишал првите песни на македонски јазик.
Во Трговската академија во Битола во 1937 г. станал член на југословенската младинска комунистичка организација СКОЈ. Истовремено, бил член на управата на Литературната дружина "Иван Гундулиќ". Како студент на Високата комерцијална школа на Белградскиот универзитет станал и член на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) во 1939 г. Поради недостиг на материјални средства, бил принуден да се врати во родното село во 1940 г. Тогаш станал член на Месниот комитет на КПЈ во Ресен во 1940 г. Бил уапсен од српската полиција во Битола на 16 септември 1940 г. и спроведен во затворот Главњача. По бугарската фашистичка окупација извесно време работел во Општината во селото Јанковец, а се пројавил како еден од главните организаторите на антиокупаторската и антифашистичка борба во Преспанско. Бил секретар на Околискиот комитет на КПЈ за Преспа и дејствувал како илегалец.
Учествувал во формирањето на Партизанскиот одред "Даме Груев". Загинал во борба со бугарската полиција, заедно со народниот херој Стеван Наумов-Стив на 12 септември 1942 година. Прогласен бил за народен херој на Југославија на 2 август 1949 г.