АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Од кредитот за изградба на улици во поранешната касарна што го подигна бившата локална власт во висина од 2 и пол милиони евра, сега останале пари, па новата локална власт ќе прави уште десет нови улици во новата населба Златен рид. Независната советничка Габриела Илиевска на говорница побара градоначалничката Нашата Петровска да образложи дали од оваа дистанца задолжувањето било наменско.
-Дали денес вршиме проширување на одлуката на онаа „селска“ или Светска банка што ја нарекувавме кога бевме заедно во опозиција за подигнување на кредит. Би сакала да го цитирам колегата кој тогаш рече „ако ова е во ред зошто тогаш не се нацрта Владимир Талески , туку вас ве пушта по вода“. Денес го имам истото прашање –Зошто денес ако ова е во ред и ако овие пари од кредитот се во ред не се нацрта Наташа Петровска , туку вас ве пушта по вода ? Горда сум што сум гласала против ваков кредит и се уште сметам дека не требаше , бидејќи тогаш еден од колегите од опозицијата кој сега е директор рече: зошто не побаравме позајмица од Владата без камата? Би сакала некој од власта да кажи сега дека Владата на Р. Македонија и дала позајмица на Општина Битола без камата, рече независната советничка Илиевска.
Освен Илиевска никој друг не ја коментираше новата одлука.
-Бидејќи никој не бара збор ја заклучувам точката и одлуката за дополнување на одлуката со која од првично предвидените ќе се изградат 10 нови улици во поранешната касарна, ја ставам на гласање, рече претседателот на Совет, Валентин Груевски. За одлуката се гласаше едногласно и од советниците од власта и од двајцата советници од „Поинаку“. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ пред тоа ја напуштија седницата.
Врз основа на член 20 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа („Сл. Весник на РМ“ бр.61/04, 96/04, 67/07, 156/09 и 47/11), член 4 од Законот за јавен долг („Сл.Весник на РМ“ бр.62/05, 88/08, 35/11 и 139/14) и член 36 од Законот за локална самоуправа („Сл. Весник на РМ“ бр. 5/02), Советот на Општина Битола на седницата одржана на 00.00.2018 година, донесе:
О Д Л У К А
за дополнување на одлуката за долгорочно домашно задолжување на Општина Битола во рамки на Проектот за подобрување на општинските услови (МСИП)
Член 1
Со оваа Одлука се врши дополнување на Одлуката за долгорочно домашно задолжување на Општина Битола во рамки на Проектот за подобрување на општинските услови (МСИП), („Сл. Гласник на Општина Битола“ бр. 00) на начин што во членот 1 по зборовите „Рокдаил“ се става запирка и се додаваат следниве улици: СРУ6, СтУ5, П28 и СРУ6А, именувани како „Илија Николовски – Луј“; СтУ2 именувана како „Тодор Скаловски“; СРУ7 именувана како „Рокдаил“ и СтУ1 и СтУ 1.1 именувани како „Григор Прличев“.
Во истиот член по зборовите „Св. Јован Кукузел“ се додаваат следните улици: СтУ9, СтУ10 и СтУ10А именувани како „Митрополитска“.
Член 2
Одлуката влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во Службен гласник на Општина Битола.
Владимир Талески, заминува од градоначалничката фотеља, оставајќи ја поранешната касарна како големо градилиште наместо ветената урбана населба. Три асфалтирани улица, незатворени шахти, ископано – незавршено, земјени пристапи, кал и ѓубре, вака накусо може да се опише моментната слика во новата населба, која уште на самиот почеток доби холивудско име „Златен рид“.