АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Тактилната публикација „Мозаик Нартекс-Хераклеа Линкестис“ вчера беше промовирана пред членовите на Здружението за слепи лица од Битола, кои овој настан го доживејаа со многу емоции. Преку тактилната претстава лицата со оштетен вид сега можат да ги допрат, да ги доживеат и да се запознаат со мозаиците во античкиот локалитет.
Хераклеа Линкестис е позната по своите подни мозаици, а сo своите технички, уметнички, иконографски, стилски и симболични карактеристики, се издвојува претставата на мозаикот од нартексот на големата базилика, како извонреден пример на ранохристијанската уметност. Токму тоа e причината, овој мозаик, кој зафаќа површина од преку 100 квадратни метри, да биде прикажан преку тактилна публикација
Тактилната претстава на мозаикот е со димензии 120 х 30 см и истата е изработена на специјална тактилна хартија.
Описниот текст е отпечатен на Брајово писмо, а изработена е и аудио верзија која е поставена на веб страната на НУ Завод и музеј Битола.
Публикацијата е двојазична на македонски и англиски, со намера во иднина истата да биде преведена и на други јазици.
-Со оглед на тоа дека се работи за културно наследство од Македониија кое е уникатно и интересно за публиката од целиот свет, во наредниот период е планирано публикацијата да биде бесплатно диструбуирана до светските библиотеки и здруженија кои имаат можност да изработуваат ваков вид на публикации, велат од Завод и музеј-Битола.
Автор на публикацијата е Јове Парговски , а истата е изработена во рамките на проектот „Ние во музеј“ поддржан од Mинистерство за култура на РМ. Раководител на проектот е Ирена Ружин.
Во изработката на публикацијата помогнаа: Балканска музејска мрежа, Ресурсен центар за ученици со оштетен вид – Битола, Радио 106 Битола, Здружение на слепи лица Битола и стручните соработници Тесалија Жирова и Силвана Петрова Насух. Во текстуалниот дел искористени се делови од публикациите: „Од раката на нашите мајстори – Мозаиците на Хераклеjа Lинкестис 4-6 век“ автор: Србиновски Пецо и „Хераклеја Линкестис – водич“ автор: Гордана Ц. Томашевиќ.
Од битолскиот Завод и музеј најавуваат изложба на тактилни слики и музејски копии за наредната есен.