АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Настаните од минатото да бидат наша опомена во денешнината- да не дозволиме трагедиите да се повторуваат, беше пораката упатена на денешната комеморација по повод 79 годишнината од депортацијата на битолските Евреи во логорот на смртта Треблинка.
На Споменикот на жртвите од холокаустот, цвеќе положи и Шели Леви Друмар, внука на Евреинот Хаим Абраванел, првиот интернист во Битола, чие име денес го носи Здравствениот дом во градот. Познатиот лекар Абраванел(1896-1984) од Пирот, за време на Втората светска војна го спасил Арслан Резниќи, жител на Ѓаковица, тогаш Кралство на Југославија, денес Косово. Неговото име се наоѓа на списокот на „праведници меѓу народите“ и според некои извори им помогнал на 43 еврејски семејства. Му бил благодарен на Абраванел зашто му ги излекувал децата од тифус. По војната докторот живеел во Битола. Но, во 1963 година во катастрофалниот земјотрес во Скопје ги загубил ќерката, синот и зетот, па му останала само внуката Шели. По ова со сопругата и внуката се преселиле во Израел.
„Драго ми е да бидам повторно во Битола по периодот со ковид кога немавме никакви настани и се враќаме сега во нормален живот. Се надевам дека ова е само почеток на комеморациите што ќе следуваат, а се подготвуваме за идната година кога ќе биде 80 години од депортацијата на Евреите во Битола и цела Македоинија ќе направиме голем настан“, рече Шели Друмар..
Израелската амбасадорка Симона Франкел рече дека е првпат во Битола и дека е ова многу емотивен настан за неа.
Градоначалникот Тони Коњановски упати апел да не дозволиме трагедиите од минатото да се повторуваат во денешницата.
„Се сеќаваме на еден трагичен настан од историјата на Битола од 1943 година кога 7144 Евреи од цела Македонија, а меѓу нив и 3 351 битолски Евреин беа депортирани и завршија во логорот на смртта Треблинка. Сеќавањето на овој ден значи одавање почит кон загинатите наши сограѓани, но и наша опомена во денешнината- да не дозволиме трагедиите да се повторуваат, да се губат човечки животи и да се изгуби создаденото. Со меѓусебна соработка и разбирање да се насочиме кон негување на вредностите и создавање услови за напредок“, рече Коњановски.