АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пред стартот на летото, во вештачката акумулација „Стрежево“ собрани се 105 милиони метри кубни вода што е рекорд во последните години. Јавното претпријатие „Стрежево“ кое стопанисува со акумулацијата, подготвено ја дочека сезоната за наводнување на земјоделските површини во Пелагонија, а без проблем ќе обезбеди и вода за индустриските капацитети и за водокорисниците од градот преку лето доколку Водовод има недостиг на вода од сопствените извори.
„ЈП ‘Стрежево’ подготвено ја дочекува оваа сезона. Со оглед на тоа дека најголемиот проблем што се случи во 2015 година, свлечиштето на главниот канал кај местото Драгарино, е санирано и годинава сите водокорисници кои користат вода за наводнување и индустријата ќе добиваат вода во максимални количини според потребата. Акумулацијата ‘Стрежево’ е полна со 105 милиони метри кубни вода. Ова е една од рекордните години во собирање вода. Придонес да се наполни оваа количина даде рационалното трошење и планското испуштање на водата во изминатиот период“, изјави директорот Менде Граматковски.
Сезоната за наводнување во Пелагонија започна на први јуни годинава. Граматковски ги повика сите водокорисници на вода од акумулацијата „Стрежево“ да потпишат договори со јавното претпријатие. Потпишувањето договори започна од 31 мај и ќе тре до 1 јули годинава.
„Оваа година цената за испорачаната вода до потрошувачите нема да биде покачена. Останува иста како во последните години. Процентот на наплата е на задоволително ниво, земјоделците редовно ги плаќаат побарувањата. Доколку утврдиме дека некои земјоделци или индустриски капцитети немаат доволно средства за да платат им излегуваме во пресрет и правиме договори со цел да нема тужби и непотребни трошоци“, рече директорот.
Воедно претпријатието успеа да ги наплати и побарувањата од ЗК „Пелагонија“ за испорачната вода во 2015 и 2016 година.
Со оглед на поволната хидролошка година, во изминатиот преиод објавена и реализирана е продажба на електрична енергија од хидроцентралите. Старувано беше со добра пазарна цена, зголемена за 38 проценти за разлика од ланската и од постоечките 2,3 денари, сега цената изнесува 2,9 денари. Хидроцентралите работат со полн капацитет, а планирано е производство на електрична енергија од седум до осум милиони kwh.
„Тоа ќе значи дека ќе имаме и зголемен приход од производство на електрична енергија“, додаде Граматковски.
Со домаќинско работење и рационално и наменско трошење на средствата во изминатиот период намалени се непродуктивните трошоци за 8 милиони денари споредбено со периодот на претходното раководство.