АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Северџан Касум, жител на битолски Баир, конечно стана газда на своето. Тој деновиве го подигна решението за легализација на неговиот дом. По триесет години живот во истата куќа, која макотрпно ја изградил татко му, конечно и на хартија стана сопственик. Од септември како газда на легализиран имот му се отвора голем можност да аплицира до Фондот за реновирање.
Северџан Касум: „Си го легализирав домот, станав свој на своето“
Фондот за реновирање на домаќинства на ромско население во населба Баир ( HRF) е овозможен преку проектот „БАИР-Здружена акција на Битола за вклучување на Роми“ финасиран од ЕУ, реализиран од COSV, Преда Плус Фондација и Општина Битола, кој успеа во последните години да направи коренити промени на Баирот кон подобро. Овој пат, фондот ќе обезбеди средства за Ромите кои имаат легализирани објекти да направат градежни интервенции врз домовите, од поставување на ПВЦ дограма, обновување на фасата и реконструкција на покриви.
„Живеам на улица Љубојно број еден. За имотен лист за куќата, татко ми имаше поднесено барање пред неколку години, дури сега се реши. Имаше флаери низ баирските улици дека организацијата Баир посредува за имотен лист. Се обратив кај нив и тие ме упатија да одам во Општина. И таму ми излегоа во пресрет и го зедов имотниот лист за мојата куќа. Ми беше важно да знам дека куќата се води на мене, дека постои , дека покривот над главата е мој “, вели Касум.
Упатува апел до останатите Роми кои имаат поднесено барања за легализација, а процесот не им е уште решен, да се обратат до канцеларијата на „Баир“ во месната заедница „Димитар Влахов“ за помош, а таа понатаму во соработка со Општина Битола, зашто се партнери во проектот „Баир –Здружена акција“, ќе им излезат во пресрет.
„Ромите да се потрудат за куќите да имаат и имотен лист. Да бидат сигурни на своето“, додава тој.
Фондот ќе ги подобри условите за домување на Баир- Канцеларијата отворена за поддршка
Фондот за реновирање ќе биде можност за подобрување на условите за домување и животниот стандард на ромското население на Баир. За апликацијата ќе можат да се обратат до Тимот за логистичка поддршка предводен од Ремзи Медик кој и понатаму ќе му помага, исто така и за процесот на легализација на домовите.
„Фондот за реновирање ќе биде наменет за оние објекти кои веќе се легализирани. Го потенцирам тој момент зашто според критериумите кои ќе бидат зададени за користење на овој фонд ќе бидат за семејства кои имаа легализиран дом и имаат имотен лист. Ние како тим за поддршка ќе им бидеме на располагање од 9 до 17 часот секој работен ден. За целиот процес планирани се инфо сесии на неколку локации во населбата Баир претежно онаму каде е сконцентрирано ромското население со цел сите информации да ги добијат од прва рака и целата потребна документација за да аплицираат да им биде подготвена“, вели Ремзи Медик.
(Инфо сесии низ населбата Баир за запознавање на жителите со можностите од новиот Фонд)
Проблем е што дел од населбата не е во ГУП и ДУП
За време на досегашната поддршка. група граѓани пријавиле во канцеларијата дека се соочиле со административни проблеми и манипилации при легализацијата на објектите.
„Во процесот за легализација се соочувавме со ред проблеми кои ги истакна самата заедница. Прво административни бариери бидејќи дел од населбата Баир не е во Генералниот и Деталниот урбанистички план. Имаше и манипулации од поединци кои го искористија моментот да се стекнат со пари, им ветиле дека ќе им обезбедат елаборати, им наплатиле за тоа и не им дале никаков документ со кој ќе можат да докажат дека поднеле барање за елаборат и дека платиле“, додава Медик.
16 барања за легализација на Баир позитивно завршени
Од Општината соопштија дека во соработка со проектот „Баир-Здружена акција“ моментално има 16 позитивно решени барања за баирската населба, а се надеваат дека со текот на времето таа бројка ќе биде зголемена. Но, можат да се решаваат само оние предмети за кои веќе е поднесена комлетна документација. Во моментов нема ново законско решение за легализација.
„Согасно законските регулативи не се поднесуваат нови барања за легализација на бесправно изградени објекти. Општина Битола постапува единствено по веќе поднесени барања за легализација и тоа само барања кои се веќе комплетирани. Со новите законски измени во 2021 година се продолжи рокот за следните пет годиони само за веќе поднесени и комплетирани барања. Во Општина Битола поднесени се 17 543 барања за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, објекти кои се наоѓаат на земјоделско земјиште и за тераси. Во определен момент застој во однос на процесот , но постапките почнаа да течат и веќе се решени над 2000 предмети“, вели Стефанија Боцевска, советник во Одделението за имотно –правни работи во Општина Битола.
Активностите се дел од Кампањата за подигање на свест кај ромското население за легализација, во склоп на проектот “БАИР-Здружена акција на Битола за вклучување на Роми”, финасиран од ЕУ, реализиран од ЦОСВ, Преда Плус Фондација и Општина Битола.