АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
-Како се дојде до идејата за формирање Фонд за реновирање на домаќинства на ромското население во населбата Баир, Битола? Кои придобивки ќе ги донесе овој фонд за населбата?
К.Ѓ: Заложбите на италијанската невладина организација COSV со речиси пет и пол децениска традиција е меѓу другото да помага во подобрување на социјалните услови за живот на маргинализираните групи граѓани. Оттука и идејата да аплицира до фондовите на Европската Унија заедно со Фондацијата за одржлив економски развој ПРЕДА Плус - чијашто цел е континуирана инвестиција во развој на институционален и човечки капитал - и Општина Битола како релевантен институционален чинител за реализација на проект кој што генерално е насочен кон инклузија и подобрување на условите за живот на граѓаните од ромска националност во населба Баир во Битола.
-Знаеме дека условите за живот во битолски Баир не се на завидно ниво. Колку проектот може да придонесе за нивно подобрување?
К.Ѓ.: Како што е познато, дел од жителите во оваа населба се соочуваат со недостиг на елементарни егзистенцијални услови. Комуналните како и социјалните проблеми предничат. Оваа состојба не се случила сега, ниту во последната деценија, таа е резултат на една социо-економска рамка, без видливи флуктуации во позитивна насока, од моментот на нејзино создавање. Оттука стартната позиција за придвижување на процесите од урбан и комунален аспект е изработката на ДУП. Поточно три детални урбанистички планови за северна станбена зона Баир, Фондот за реновирање домаќинства, како и изработката на нов ГУП за град Битола се носечките проектни активности. Сите се реализирааат со континуирана и синхронизирана соработка со Општина Битола. Со реализација на проектот „Баир “ нашите заложби се создавање на институционална база – значи легализација на објектите, куќите, домаќинствата што треба да бидат во рамките на ДУП-овите, коишто мора да бидат дел од новиот ГУП. Тоа пак, ќе овозможи и во иднина имплементација на други развојни проекти, кои ќе донесат нови бенефити за жителите на населбата Баир. Знаете кога има темел, далеку полесно е да се гради куќа. Во очекување на изработка на ГУП, а потоа и ДУП-ови, проектните активности во овој момент ќе се фокусираат на подобрување на условите за живот на ромските домаќинства со легализирани куќи/објекти.
-Откријте ни повеќе детали околу фондот. Од каде финансии и колку средства се во прашање?
К.Ѓ.: Фондот за реновирање на домаќинства е целосно финансиран од ЕУ проектни средства, а вкупната сума изнесува 150.000 евра. Од овој износ 135.000 евра ќе бидат директно наменети за градежни интервенции, додека 10 % или 15.000 се предвидени за изработка на предмер/проекти за предложените реновирања. Граѓаните кои успешно ќе аплицираат и ќе бидат селектирани нема да добијат финансиски средства, туку испорачани градежни интервенции (поставување на ПВЦ дограма, обновување на фасада и реконструкција на кровна покривка). За ова ќе биде распишан тендер. Според планот овие активности треба да почнат во пролет, 2023 година.
-Каква ќе биде процедурата и критериумите за да се добијат средства од HRF?
К.Ѓ.: Фондот ќе се реализира во неколку фази. Првата е изработка на дата база, за што се преземаат теренски активности. Преку тековната кампања за легализација, Тимот за поддршка на Баир (БСТ) активно работи на терен во населбата Баир и комуницира со жителите, со цел сите да располагаат со точни информации за критериумите за аплицирање. Оние домаќинства кои имаат легализирани куќи поточно имотен лист, ќе може да аплицираат. Освен оваа основна документација, апликантите треба да достават нотарска изјава дека се граѓани од ромска националност со живеалиште во населба Баир, копија од лична карта, фотографии од надворешниот изглед на објектот. Апликацијата треба да биде целосно пополнета, со сите останати согласности за учество.
-Кога ќе биде објавен огласот?
К.ЃПовикот за аплицирање ќе биде објавен на 21-ви септември (среда) во 10:00 часот. Ќе може да се аплицира секој работен ден од 10:00 до 14:00 часот во просториите на месната заедница „Димитар Влахов“ на Баир, сė до 7 октомври (петок), до 14.00 часот. Што се однесува до критерумите, најголем акцент е ставен на физичката состојба на објектот. Приоритет ќе имаат домаќинства на самохрани родители, многучлени семејства, домаќинства што се состојат само од повозрасни лица (социо-економски критериуми). Скалата за бодирање ќе биде транспаретно објавена на денот на објавувањето на Повикот за апликации во месната заедница. Изборот на домаќинствата ќе се прави според веќе дефинираните критериуми од страна на седумчлена Комисија на Фондот за реновирање, составена од стручњаци во бараните области, како и претставници на проектните партнери и претставници на ромската заедница во населбата Баир.
-Со кои механизми ќе се потрудите процесот на избор да биде што потранспарентен?
К.Ѓ.: Најпрвин, Комисијата ќе спроведе административнa проверка на комплетноста и легитимноста на доставената документација. Потоа ќе се врши бодирање на доставените пријави, т.е. ќе биде донесена техничка оценка. Во следната фаза, ќе се изврши теренска контрола со посета на домаќинствата, коишто прелиминарно ќе имаат најмногу поени. Ова, со цел да се направи реална проценка на состојбата на објектите. Конечно, ќе бидат предложени конкретни интервенции во куќите на домаќинствата кои што ги исполнуваат критериумите. Извештајот од теренската контрола ќе му биде презентиран на секое домаќинство поединечно. За да се усогласат активностите, и да се добие одобрение за потребната градежна интервенција. Со секое домаќинство ќе биде потпишан и договор, којшто ќе ги содржи сите детали за реновирање.
-Кој ќе им помага на жителите од Баир околу обезбедувањето на документи и запазувањето на пропишаната процедура?
К.Ѓ.: Во населбата Баир од почетокот на реализацијата на истоимениот проект „БАИР “ работи Тимот за поддршка на Баир (БСТ) составен од тројца жители на населбата, коишто стојат целосно и секојдневно на располагање на граѓаните. За сė што имаат потреба, тие може да се обратат до тимот, да разговараат, остварат информативни средби, за да може навреме и правилно да аплицираат, за што повторно ќе ја имаат поддршката на тимот. Тие се наша логистика во населбата, со една конечна цел, што поголема ефикасност за успешна реализација на овој Фонд.
-Ова е дел од проектот „Баир-здружена акција на Битола за вклучување на Роми“ кој започна да се имплементира од јануари 2021 година. Колку работите се променија кон подобро?
Како што рековте, проектот почна во јануари 2021, а ќе трае до декември 2023 година. Се реализира во три проектни компонентни, а придобивките се повеќекратни. Во делот на јакнење на заедницата, целта е приближување на носителите на одлуки до граѓаните од населба Баир. Затоа се остваруваат лидерски средби, на кои се детектираат и лоцираат дел проблеми, кои потоа се адресираат до релевантните чинители. Исто така, се реализираат и културни и спортски активности еднаш годишно за приближување на ромската култура и традиција до граѓаните кои не се Роми, со цел постигнување на што поголема инклузија. Во однос на урбаната компонента, како што кажав, тука се бенефитите од изработката на ГУП и ДУП-овите, легализацијата на објектите во кои живеат овие граѓани. Бенефитите на Фондот за реновирање веќе ги образложивме. Крајно, во делот на социјални права, во месната заедница функционира едношалтерски сервис систем. Неговата улога е да им пружи социјални, образовни, комунални и правни услуги и информации на жителите на населбата Баир, да им го олесни пристапот, со цел, тие непречено да ги остваруваат своите социјални права. Досега, најголем е интересот за бесплатните правни услуги, коишто им ги пружа Правната клиника при УКЛО „Климент Охридски“ од Битола.
-Најчесто луѓето немаат слух за проблемите на Ромите на Баир. Што Ве поттикна Вас да се вклучите во оваа мисија ?
К.Ѓ:Смислата на сечија активност ја подразбирам како несебичен придонес кон општото добро. Личниот успех, задоволство и среќа може да се живее само доколку околината, опкружувањето дели исти или слични вредности. Оттука за мене како граѓанин на оваа земја е особено битно сите луѓе, целото население да има приближно исти барем предуслови за живот, инфраструктурна, урбана, комунална база која што ќе овозможи натамошен повисок напредок и развој. Принципот на еднаквост за кој се залагам, ме мотивираше да се ангажирам во овој амбициозен, комплексен, но и племенит проект што го реализираме со синхронизирана акција и соработка со партнерите од Општина Битола и фондација ПРЕДА Плус, а ефектите ќе ги уживаат жителите на населбата Баир, но посредно и сите ние.