АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Од петок па се̍ од недела битолчани ќе можат да уживаат во концерти на исклучителни и светски познати музички имиња во рамките на Фестивалот на музика од светот во организација на Центарот за култура од Битола. Ова 14 издание ќе биде отворено во петок, 17.11.2022, со концерт на светски познатата португалска уметничка Јоана Амендоеира која го негува правецот на новата фадо генерација. Во Битола доаѓа заедно со нејзиниот бенд.
Во сабота (18.11.2022) ќе прозвучи музика што е блиска на овие простори, балканска. Организаторите дадоа простор и на домашните уметници со тоа што концерт ќе одржат групата „Фонтана“ заедно со Камерниот оркестар IWCONNECT музика која ќе кокетира со сите балкански етно звуци, а специјални гости се Даница Крстиќ , вокал од Србија, Ангел Демирев, гитара од Бугарија и Џамбо Агушев на труба од Македонија. Овој концерт е распродаден и тоа во рекордно време, а билетите и за другите концерти веќе се при крај.
Недела односно третата фестивалска вечер на 20 ноември е резервирана за концертот на „Лилит“ кои за време на пандемијата издадоа свој авторски материјал и на Фестивалот ќе го промовираат.
„Ова е еден од фестивалите кои имаат за цел да ја воспитаат публиката, да го почитува и слуша она што не често во последно време онака како светот функционира, имаме можност да го чуеме. Многу често зборуваме дека сите големи работи ни се случуваат во Скопје и дека ако сакаме да чуеме некој квалитетен музички концерт на светски квалитетно име мора да патуваме. Јас се радувам што овој фестивал има можност тоа музичко уживање на битолчани да им го донесе дома“, рече Маја Андоновска- Илијевски, директорка на Центарот за култура во Битола.
Благојче Трајковски кларинестист од „Фонтана“ се осврна на специјалните гости што ќе настапат на саботниот концерт. Тој рече дека Даница Крстиќ важи за еден од најекспонираните и најдобрите вокали на Балканот, дел е од бендот „Балканика“ кој неоадмана ја претставуваше Србија на Евровизија. Вклучена е скоро во сите важни национални проекти каде се презентира српската култура.
„Но, она поради кое најмногу заслужува да биде тука е што секогаш кога излегува на настапи без разлика каде е, дел од нејзиниот репертоар се македонски песни. Таа секогаш покажува сериозно почитување кон македонската народна музика, јавно покажува почитување кон Македонија и македонската музичка култура. Таа со особено задоволство ја прифати поканата“, рече Трајковски.
На саботниот концерт ќе преовладува музиката од Балканот, а акцент ќе биде ставен на македонската и тоа на инститирање на Даница која кажала дека пред македонската публика досега немала соло настап, па сака да го изваде тоа што е во нејзината душа. Отаму, ќе биде презентирана македонска традиционална музика со посебни аранжмани, но и патување со звуците кон Истокот и Западот. Инаку, другиот гостин, Ангел Демирев од Бугарија е еден од најпознатите гитаристи во светот и оваа недела ја заокружува со посета на овој престижен фестивал, а претходно беше на фестивали во Швајцарија и Египет.
Концертите се од 20 часот во Центарот за култура во Битола.