АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
После неуспешното спроведување во 2020 година, повторно се обновува постапката за проектот „Изградба на пречистителна станица и реконструкција и надградба на канализационата мрежа во Општина Битола”, со кој Битола треба да добие пречистителна станица со која е предвидено собирање и третирање на отпадните води во градот и околината. Тендерската постапка ја објави Министерството за финансии, преку единицата за централно финансирање и склучување на договори, а крајниот рок за доставување на понуди е 21.02.2023, информираат од Општина Битола
Работите на канализационата мрежа ќе опфатат:
- изградба на околу 9 километри нова канализациона мрежа
- реконструкција на околу 13 km постоечка канализациона мрежа
- проектирање и изградба на две пумпни станици и потисни цевки од околу 5,6 km, и
- проектирање и изградба на главен канализациски колектор на улица Широк сокак и Солунска со метод на микротунелирање со приближна должина од 325 m.
Вкупната вредност на овој проект кој е финансиран од ИПА 2 Програмата, преку Секторот за заштита на животната средина и климатски промени изнесува 27,8 милиони евра.
Со реализацијата на проектот ќе се реши проблемот со отпадните води кои во моментот се испуштаат во реката Драгор и Петтиот канал, како и излевањето на канализацијата на повеќе локации во градот.