АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Привршува конзервацијата на архитектурата на црквата „Св. Ѓорги“ во Курбиново, македонскиот црковен бисер од 12 век. Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, денеска, како дел од посетата на преспанскиот регион, ја посети и црквата „Св. Ѓорѓи“. При тоа, на премиерот Ковачевски му беа презентирани тековните градежни активности за заштита на овој храм кој претставува несекојдневен пример на византиската уметност од XII век.
Црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново е позната по најстарото сочувано ѕидно сликарство кое претставува несекојдневен пример на византиската уметност од крајот на XII век (1191 година), особено по оригинални фрески меѓу кои и фреската на Ангелот Гаврил од Курбиново (како дел од композицијата Благовештение), која е отпечатена и на банкнотата од 50 денари.
За жал, црквата долго време беше со распукани ѕидови и пожолтени фрески чекајќи конзервацијата да излезе од административните лавиринти. Во втората половина на 2019 година беше изработен Основниот проект за архитектурата и статиката, чија реализација поради глобалната здравствена криза, отпочна во 2021 година. Најголем дел од конзерваторските работи се завршени до крајот на 2022 година.
Мери Стојанова, директорка на Завод и музеј од Битола, соопшти дека се работеше на зацврстување на ѕидовите и поставување на нова кровна конструкција. Отстранет е времениот покрив над црквата, а поставени се црни платна на фасадата за да се изврши заштита на фасадното ѕидно сликарство. По однос на конзерваторските зафати на архитектурата, преостанати се уште двете фази, односно изработката на потпорниот ѕид и дренажниот канал од северната страна на објектот, како и поставување на подните керамички плочки во внатрешеноста на објектот.
Од битолскиот Завод и музеј, институција задолжена за заштита на спомениците, се надеваат дека наскоро ќе се отпочне и со конзервација на ѕидното сликатство кое датира од 12 век. .
„Проектот за конзервација на ѕидносто сликарство кој го работиме заедно со Европскиот центар за византски и поствизантиски споменици е во завршна фаза и во моментот се наоѓа на стручна контрола во Националниот конзерваторски центар. Откако ќе се заврши постапката таму ќе следи добивање на конзерваторско одобрение и се надеваме дека во првиот момент кога временските услови тоа ќе го дозволат, заедно со тимот од Грција, ќе се започне и со конзервација на ѕидното сликарство“, рече Стојанова.
Црквата во Курбиново во моментов се наоѓа на тентативната лиса (листа за чекање) на УНЕСКО со интенција да се изработи комплетен предлог за поставување на репрезентативната или на некоја од останатите листи на УНЕСКО во зависносат од понатамошните активности на самите проектни апликации.
Почнувајќи од 2013 година, реализирани се неколку проекти за заштита и конзервација на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, како што се конзерваторски истражувања, анализи, реконструкција и активности за конзервација на црквата, за што досега се исплатени над 360.000 евра, буџетски средства.