АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битолската филијала на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во Битола кубури со кадар. Таму моментално има само седуммина вработени, иако по систематизација треба да бидат 27. Дел од граѓаните реагираат дека секојдневните барања на странките не можат да бидат задоволени навремено зашто недистигаат вработени.
„Во Фондот во Битола од 36 вработени пред шест-седум години, сега работат само седуммина. Ако има архивар, нема записничар, ако има записничар, нема друг потребен профил. Нивната работа е така организирана што доколку недостасува персонално решение на некое работно место, секојдневните барања од страна на граѓаните не можат да бидат задоволени. Како последица на тоа од Нова година наваму, граѓаните кои го оставриле правото на пензија, не можат да ја добијат истата зашто нема кој да им ги изготви решенијата за работа. Прашањето е зошто не примаат нови вработени на испразнатите работни места“, реагираат битолчани.
Од Фондот на ПИОСМ- Филијала Битола одговорија дека се соочуваат со недостаток на кадар и дека имаат четири пати помалку вработени од предвидените места по систематизација.
„Во Фондот во Битола за 2023 година се планирани четири нови вработувања. Со кадарот што го имаме моментално се трудиме да ги решаваме сите барања на странките“, соопштија од ПИОСМ –Битола.
На прашањето дали се доцни со изготувањето на решенија за пензија одговорија дека со ограничени ресурси вработените во филијала Битола прават максимални напори за осигурениците да можат да ги остварат своите права навремено.