АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Прололжува оштетувањето на археолошкиот локалитет Влахово кај битолското село Живојно од страна на багери кои вршат ископ на јаглен, реагираат повторно од Центарот за истражување на предисторијата. Предупрдуваат дека во најстаро неолитско наоѓалиште во земјава веќе целосно е уништена источната периферија на локалитетот со што е оневозможено негово истражување и трајно се изгубени битни информации поврзани со животот во неолитот. При девастирачките работи со багери оштетени се неколку ровови и повеќе неолитски куќи, а исфрлени се и илјадници остатоци од керамички садови, фигурини, алатки и др.
Дознаваме дека ископувањата не ги врши РЕК „Битола“. Оттаму соопштија дека немаат апсолутно никаква поврзаност ни со ископувањата, ни со приватната компанија која ги спроведува на терен.
Од приватанта компанија кој врши ископ за свои потреби на интернет нема ни нејзина адреса, ни мејл конкаткт, ни телефонски број за да ги исконтактираме. Сепак, името на компанијата се споменува во записникот од 85 седница на Влада од 27 септември 2022 година кога била донесена олдука да се прифати иницијативата на приватната компанија за експропријација на земјоделско земјиште во Општина Новаци, КО Живојно, во приватна сопственост заради обезбедување на јавна услуга од областа на енергетиката и минералните суровини.
Од Центарот за истражување на предисторијата обвинија дека и покрај укажувањата на Управата за заштита на културно наследство и Завод и музеј - Битола да се запре оштетувањето на локалитетот до негово истражување, противзаконски се продолжи со копањето за јаглен во рамки на оваа значајна неолитска населба.
„Благодарение на резултатите добиени од геомагнетното скенирање може да се увиди кои делови од локалитетот се уништени и оштетени, што претставува несовесно и намерно остранување на евидентни археолошки содржини. Направениот ископ за јаглен во источниот дел на локалитетот ќе предизвика натамошен одрон на археолошките слоеви што се наоѓаат до него, како и континуирано оштетување на локалитетот“, реагираат од Центраот.
Од таму нагласуваат дека ваквото неодговорно однесување е недозволиво, особено што Македонија е потписничка на Фаро конвенцијата, иницирана од Советот на Европа, при што државите се заложуваат да го заштитат културното наследство.
Инаку, поради своето големо значење и екслузивност, најновите сознанија за локалитетот Влахо неодамна беа публикувани во угледното научно списание Антиквити кое го издава Универзитетот во Кембриџ. На тој начин, на врвно светско ниво се афирмираа извонредните обележја на оваа неолитска населба, односно нејзиното основање околу 6400 години п.н.е. и присуството на десетина ровови, што го прави овој локалитет еден од најстарите во неолитот во Европа и мошне редок поради својата просторна организација. Од тие причини, велат од Центарот, неопходно е Влахо кај Живојно да се заштити и да се прекине неговото целосно уништување во иднина, а воедно и да се овозможи негово темелно истражување поради значењето што тој го има.