2win800x200

Се вжештува политичкиот амбиент во Битола на релација Совет - градоначалник

Март 20, 2023

Неочекувано се вжешти политичкиот амбиент во Битола на релација Совет на Општина Битола и градоначалник без да има реална причина за тоа на прв поглед. Во центарот на превирањата се претседателката на општинскиот Совет, Габриела Илиевска, и градоначалникот Тони Коњановски, значи клучните луѓе во политичка Битола.

Претседателката на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска од независната група „Поинаку“, деновиве јавно на телевизија ја критикуваше работата на градоначалникот Тони Коњановски и општинската администрација и рече дека нема намера веќе да молчи. И таман сите помислија дека незадоволна од ситуацијата ќе си даде оставка и ќе излезе од коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ како мнозинство во Советот, Илиевска кажа дека нема да поднесе оставка, туку ако сакаат да ја сменат да обезбедат поддршка од 16 советници. Значи, настрана од обвинувањата, Илиевска останува со ВМРО-ДПМНЕ чија работа ја критикува.   

Инаку, ваквите искричења на Илиевска доаѓаат само еден ден по посетата на Христијан Мицкоски во Битола и неговата изјава дека според анкетите повеќе од две третини од битолчани се задоволни или се делумно задоволни од работата на градоначалникот и од локалната самоуправа. Според Мицкоски, тоа претставува историски највисок резултат. 

Нема достапен опис

Само пред две недели во Советот се усвои завршната сметка на Општината, со 18 гласови „за“, од кои 13 на ВМРО-ДПМНЕ, три од „Поинаку“, еден од ДУИ и еден од ДОМ. Двајца советници беа против и 9 воздржани. Доколку не се усвоеше завршната сметка, постоеше опасност за исполнување на условот за распуштање на Советот и нови избори за советници. 

Според распоредот на силите во Советот, ни ВМРО ДПМНЕ, ни СДСМ немаат мнозинство да раководат со Советот без поддршка од тројцата советници на „Поинаку“, па според познавачите на политичките состојби во Битола можеби затоа Илиевска се обидува да се наметне како фактор, но во исто време да си ја тргне одговорноста од својот грб за ветеното пред битолчани во предизборната кампања. Оти таа и нејзините советници секогаш ќаруваа поени критикувајќи ја (не)чистотата во градот и накотените бездомни кучиња.

Илиевска сега обвинува дека нема соработка меѓу Советот на Општина Битола и градоначалникот Коњановски, па вели ниту градот е почист, ниту течат проектите донесени во Советот.    

„Во оној момент кога видовме дека не се спроведуваат одлуките на Совет, онака како што се донесени од администрацијата и градоначалникот, реагираме. Голем дел од одлуките во Советот се носат едногласно, но новина е што голем дел од одлуките се носат различно, внатре имаме 6 советнички групи“, изјави Илиевска за „Независен“ и негира дека ваквите нејзини потези имаа цел да ѝ обезбедат место на листата за пратеници на следните парламентарни избори.

„Фокусот на ‘Поинаку’ е локален, не е централен. Тоа со пратеничките аспирации е само дефокусирање за сѐ ова што го кажав претходно“, вели таа.    

Градоначалникот на Битола Коњановски не реагираше на обвинувањата на Илиевска искажани во петокот на ТВ 24.

Во изјава денеска за „Независен“ Коњановски е категоричен дека „комуникацијата со Советот е на многу високо ниво и на барање на советниците направена е измена и дополнување во неколку општински програми, каде што се внесени проекти кои на иницијатива на советнички групи ќе ги реализира градоначалникот во соработка со општинската администрација“.

„Обвинувањата се целосно се неосновани. Да, за некои проекти потребно беше време да се изготви документацијата, но тоа е така токму поради периодот на пасивност кој претходеше во изминатите 4 години и за многу работи мораше да се почне целата процедура од почеток. За политичка криза не можам да зборувам, дотолку повеќе што не гледам конкретно изнесен став“, возврати градоначалникот на обвинувањата.

Тој ѝ порачува на Илиевска: „Пристапот на претседателката на Советот, Габриела Илиевска, преку јавно изнесените ставови, сепак отвора повеќе насоки за размислување, но јас верувам дека сите ние како избрани претставници на народот ќе продолжиме конструктивно да работиме во интерес на Битола, доброто за граѓаните секогаш ќе биде на прво место, наспроти било каков личен или партиско–политички интерес“, ни изјави Коњановски.

Впечатокот на јавноста во Битола е дека популарноста на независните советници опаѓа откако се на власт. Обидот да се биде на власт, на чело на Советот, а да се критикува градоначалникот и администрацијата многумина го толкуваат како нејзино политиканство.

Илиевска не знае за некакви рејтинзи, но вели: „На секој кој е избран, рејтингот би му паѓал ако не се реализираат проектите кои ги ветил. И многу е коректно секој кој излегол пред граѓаните со ветување да чувствува морална одговорност и нив да ги реализира. Нормално е да паѓа рејтингот, ако ги кочи некој што треба да ги прави тие проекти“, вели Илиевска за „Независен“. 

Битолчани често на социјалните мрежи пишуваат дека „Поинаку“ сака да критикува и од позиција на опозиција и од позиција на власт, но не сака да преземе одговорност. Па најчесто коментарите одат во таа насока дека пример, ако не се задоволни со чистотата во градот треба да го преземат „Комуналец“ со свој кадар и да покажат како се работи, а со тоа да понесат и одговорност.

Илиевска  на ова вели дека не прифаќа политички пазарања, туку секаде треба да работат луѓе што си ја познаваат работата.

Нема достапен опис

Политичките партии поделени околу состојбите во битолскиот Совет. Според Бојан Бојкоски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, во изминатите 16 месеци комуникацијата помеѓу членовите на Советот, општинската администрација и градоначалникот е како никогаш досега во позитивна насока.

„Сите донесени одлуки на Советот доследно се спроведуваат од општината, бидејќи истите се во интерес на сите граѓани, а ние сме избрани да работиме за Битола. Меѓусебна соработка и разговори за реализација на проекти за граѓаните секако дека се повеќе од потребни, помеѓу сите чинители во спроведување на локалните политики. Во моментот Советот функционира без никакви проблеми, односно согласно деловникот за работа се закажуваат седници и се носат одлуки“, смета Бојкоски по новонастанатата ситуација во битолскиот Совет.

Методија Илиевски, координатор на советничката грипа на СДСМ и коалицијата  вели дека проблемот во Советот е во нефунционалната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и „Поинаку“.

„Од она што го слушаме и гледаме изминатите неколку денови и според јавното признание на претседателката на Советот, нема политичка криза во Советот, туку криза на релација Совет – градоначалник. Советот функционира редовно, се одржуваат седници, комисии, се носат одлука. Јас би рекол дека повеќе се работи за криза меѓу поединци или советнички групи кои изминатите 16 месеци ветуваа многу, а резултати сега гледаме дека нема. Ние како советничка група и како политичка партија на централно ниво остануваме поддржувачи на сите проекти и активности што се во насока на подобар живот на битолчани“, вели Илиевски од СДСМ.

За двајцата советници од Левица, пак политичката криза во Советот постои од самиот почеток поради препукувања помеѓу локалната и централната власт, а излезот од ситуација е нови избори.

„На сите проекти кои се пласирани од наша страна, им се врши опструкција со изговор дека се чека документација од министерство кое е намерно сценарио за закочен процес или се нема пари во општината. Граѓаните ги трпат овие последици за задоволување на личните суети. Единствена излезна ситуација моментално се избори и реконструкција во Советот“, вели советникот Горан Велевски од Левица. 

Анета Блажевска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани