АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Навидум непромислен потег на претседателката на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска од независната листа „Поинаку“ го извади од колосек Битолскиот Совет и сега таа молчи. Вчера Илиевска, иако е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, даде пауза на седницата на Совет, откако советниците на СДСМ си заминаа незадоволни од работата на јавните претпријатија, па ВМРО-ДПМНЕ си избраа нов претседавач и ја продолжија работата. Зошто Илиевска даде пауза на седницата по заминувањето на СДСМ остана нејасно за јавноста..
Сепак, потегот на Илиевска го втурнува во правен вакум Советот, а со тоа и работата на градоначалникот Тони Коњановски. Нејзините изјави дека е во коалиција само со граѓаните и работи за доброто на битолчани се покажаа како празни флоскули, со оглед на фактот што не излегува јавно да каже што понатаму со Советот, дали ќе продолжи во „брак“ со ВМРО-ДПМНЕ или ќе излезе од коалиција и ќе си даде оставка од претседателското место, или пак, ќе крои ново мнозинство со СДСМ и ќе ја зачува првата фотелја во битолскиот Совет. Илиевска вчера на Фејсбук поставувајќи емотикони со смеење, потврди дека целата ситуација што се создаде во Советот и реакциите потоа, се повеќе за потсмев.
„Ниту бев спречена, ниту бев отсутна, само ја прекинав седницата согласно Деловникот за работа. А ВМРО, ДУИ и Левица се собрале и си играле совет, спротивно на Деловник и Статут. Ама ДУИ на крајот сепак си замина и нема седница. Сега како стои во Деловникот и Статутот? Имаше седница или немаше седница? То е сѐ шо треба да знајте за локалната самоуправа во Битола“, напиша Илиевска.
За жал, незиниот обид да ги изедначи ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и таа да поентира, не вроди со плод, па битолчани јавно ја прашуваат во коментари под нејзините објави дали „Поинаку“ како „иницијатива е уште дел од владејачкото мнозинство во Советот и што мислите наредно да направите по тоа прашање?“
Тука се отвора и прашањето кој ја кочи работата на Општина Битола и градоначалникот Тони Коњановски?
Не направи само Илиевска, „циркуз“ во битолскиот Совет, претходно тоа го направија советниците од СДСМ, а после тоа и советниците од ВМРО-ДПМНЕ со Левица и ДУИ.
СДСМ со политички маневр среде седница, сатирично подели пофалници за јавните претпријатија кои работат со загуби и си замина после гласање на неколку точки од дневниот ред.
„Ако успеавте од позитива како што ги презедовте јавните претпријатија за една година да ги доведете до загуба, што ќе се случи со нив доколку продолжите со истото темпо по една или две години? Ќе треба да ги затворите и да прогласиме стечај!“, рече координаторот на советничката група на СДСМ Методија Илиевски.
Откако 11 советници на СДСМ си заминаа, по нив патот го фатија и тројцата независни советници од „Поинаку“, па ВМРО ДПМНЕ за да ја продолжи седница на која веќе беше утврден дневниот ред, избра нов претседавач и обезбеди кворум од 16 советници, така им се придружија двајцата советници на Левица и советничката на ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ ја истера работата повеќе од половина од точките, и тогаш ДУИ ја повлече својата советничка, па без кворум, седницата мораше конечно да биде прекината и остана недозавршена.
„Бидејќи не беше донесена одлука формално и правно да се прекине седницата, а требаше да биде донесена, согласно Деловникот за работа на Советот, ни беше укажано дека седницата треба да продолжи со работа и ние постапивме согласно Член 56 од Деловникот за работа на Советот и ја продолживме седницата со која претседава најстариот член во Советот“, рече координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и заменик градоначалник Бојан Бојкоски.
Толкувајќи го Деловникот за работа на Советот на општина Битола, и двете страни ја збунија јавноста кој бил во право, дали претседателката Илиевска што сама ја паузира седницата и се повика на член 65 или пак ВМРО-ДПМНЕ што ја продолжи и се повика на член 56 од Деловникот.
По оваа ситуација „Независен“ ги праша и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ дали се подготвени за прекројување на советничкото мнозинство и нов претседател на Советот.
„СДСМ е во коалиција со сите политички партии и граѓански иницијативи што и мислат добро на Битола. Во изминатиот период на владеење на ВМРО-ДПМНЕ покажавме дека ги поддржуваме сите планови и проекти за развој на градот“, велат од советничката група на СДСМ.
Кога и да има избори ВМРО-ДПМНЕ ќе биде победник, и тоа со голема разлика и апсолутно мнозинство во Советот, велат од владеачката партијата.
„Проектите веќе се реализираат и во овој момент нема потреба од нови локални избори за Совет, но доколку некој сака избори има законски прописи како тоа може да се случи“, изјави Бојкоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Извесен период наназад градоначалникот Тони Коњановски е мета на напади од советниците на „Поинаку“, кои час се однесуваат како дел од власта, час како опозиција, па снимаат видеа и ја критикуваат општинската администрација. Коњановски за „Независен“ вели дека „најголема поддршка за реализација на зацртаните проекти е општинската администрација, па не можам да разберам, како некој може да си дозволи да ја критикува општината и администрацијата“.
„Во овој момент, верувам во свесноста и совесноста на сите советници, кои како избраници од граѓаните не смеат да дозволат да биде закочен ниту еден проект, затоа што сите тие се проекти за Битола. Моја обврска е како градоначалник, преку добро управување со локалната самоуправа да не дозволам, функционирањето да го нарушат некакви партиско-политички интереси. Излезот го гледам, во доброто управување кое го спроведувам и кое очекувам да го следат и сите советници, доколку навистина сакаат Битола да напредува“, ни изјави градоначалникот.
Накрај главното прашање е кој ќе ги потпише одлуките донесени на седницата на која заседаваше ВМРО-ДПМНЕ и дали градоначалникот ќе ги објави истите. Прашање е дали седницата ќе продолжи во понеделник на 24 април и како во кој состав?
Во исто време додека Илиевска не одговара за медиумите, едно е извесно дека СДСМ официјално ќе побара инспектори за локална самоуправа да влезат во Советот на општина Битола и да ја утврдат законитоста на последната седница на Совет. Сметаат дека сите одлуки донесе на седницата на ваков начин се ништовни..