АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Советот на Општина Битола ги разреши управните и надзoрните одбори на јавните претпријатија кои работат со загуба. Советниците од ВМРО –ДПМНЕ ја напуштија седницата. Останатите советници кои ги изгласаа шесте точки за пад на управните и надзорните одбори најавија граѓански управни тела. За разрешување гласаа СДСМ, Поинаку, Левица, ДОМ и ДУИ. Разрешени се управувачките тела на Водовод, Комуналец, Пазари, Паркинзи, Жабени и КИЦ.
„Уште еднаш е прекршен деловникот за работа на Советот на Општина Битола, а уште потрагично прекршен е и Законот за јавни претпријатија и на седница на Советот влегоа точки што се надвор од закон. Укажавме во процедурална забелешка, беше одржана и Комисија за статут, но некое ново мнозинство очигледно сака да ги крши законите и како и пред некоја седница, да се ставаат точки на дневен ред кои не се во согласност како со законот и со деловникот. Ние, доколку овие точки бидат усвоени, се надеваме дека градоначалникот нема да ги потпише и нема да бидат валидни“, рече Ѓорги Ѓоргоевски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.
Управните и надзорните одбори беа разрешени по иницијатива на советникот Методија Илиевски од СДСМ.
„Да имаме во Општина Битола граѓански управни одбори. Јавните претпријатија имаат завршни сметки со долгови откако пред една година на сила ги променија управните одбори. ВМРО-ДМПМЕ и коалицијата доживува фијаско, заборувам како советник повеќе од 10 години и во три мандати, ова е триумф, колеги ви се поклонувам на храброста и мудроста и обврската што ја имаме пред граѓаните. За првпат претпријатијата да бидат претставени од граѓаните во одборите што ќе ги одбереме, ентузијасти и интелектуалци да ги водат кои ние ќе ги избереме“, рече Илиевски.
Горан Велковски од Левица изрази увереност дека со шареноликоста во Советот ќе се преслушаат одговорните лица и ќе го сменат курсот на делување во насока на заеднички интерес на битолчани, а во спротивно ќе остават белег како раскалашена команда и неспособен Совет.