Над 200 деца во Македонија живеат без родителска љубов, во Битола има само 4 згрижувачки семејства

Јули 30, 2018

Над 200 деца во Македонија секоја ноќ легнуваат и на утро се будат без родителска љубов . Тие живеаат во институции, иако згрижувачките семејства се најдобра алтернатива во услови кога  биолошкото семејство не е во можност да им ја пружи грижа.

 

Токму за да се поттикнат граѓаните да станат згрижувачи на деца без родителска грижа, Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ ја отпочнаа кампањата    „На секое дете му треба семејство“, која вечерва беше промовирана во Битола.

-Во Битола има една институција, а секој од вас кој што живее тука кога поминува покрај таа институција чувствува неудобност, а најчесто тоа што го чувствуваме е сожалување. Токму целта е трансформација на овие институции, а трансфорацијата треба да се случи и кај нас, кога поминуваме покрај оваа институција во Битола да размислуваме тие деца ги згрижиме  во семејство. Главната заложба е  што помалку деца да  има во институциите. Сакаме секое семејство во Македонија, па и секој поединец кој што има љубов за давање, да згрижи дете пред тоа да влезе во институција. Битола ќе ја трансформираме затоа што сакаме до 2020 година да нема ниту едно дете на возраст од 0 до 3 години во институција. Очекувам дека битолчани  ќе ги отворат  своите срца. Но сакам да посочам и дека ниту еден вработен во таа институција по нејзината трансформација нема да остане без работа, рече министерката за труд и социјала, Мила Царовска.

Во битолскиот Центар за социјални работи во Битола регистрирани се само 4 згрижувачки семејства, од кои три  во Битола и едно во Демир Хисар.

-Сакам да ве потсетам колку на едно дете му е потребно семејство и љубов. Тагата ќе ја дели со вас, а неа ќе ја има. Но и во неа ќе има радост, затоа што ќе ве има вас, затоа што ќе почувстува дека се грижите за него. Сетете се на неколку убави спомени од вашето детство кои вредат злато во вашиот живот. Нека тие сеќавања ве поттикнат да подарите љубов, да станете згрижувач. Поради тоа и јас без двоумење ја давам таа љубов и грижа кон лице кое нема родители, изјави Роман Идиќ од Битола.

Градоначалничката, Наташа Петровска, рече дека локалната самоуправа ќе донесе одлуки со кои ќе им се овозможи на згрижувачките семејства да имаат услови со кои ќе може да одговорат на предизвикот.

- Нам ни требаат здрави генерации. Нам ни треба иднина, а таа е во децата. Затоа, кога зборуваме за децата и за тоа како од нив да направиме здрави личности, со силен дух и кои ќе умеат да се изборат со предизвиците на животот, потребна е топлина, љубов, грижа и посветеност. Токму тоа е поврзано со поимот семејјтво и дом, рече Петровска.

И претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, Бенџамин Перкс ги повика битолчани да им дадат љубов на децата без родителска грижа. 

-Семејството не е нешто што ни дава само грижа и чувство на припадност, туку е нешто многу повеќе, место каде што имаме топлина, среќа, задоволство и чувство на идентитет. Но, во Македонија вечерва 200 деца ќе си легнат во кревет надвор од концептот на семејство исполнет со љубов. Да се погрижиме ова да биде последната генерација на деца која ќе живее во институции и да им овозможиме да бидат сместени во семејства. Знам дека во Битола има многу љубов за давање, рече  Перкс

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани