АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последната нуркачка истражувачка експедиција на пелистерското Големо Езеро што ја спроведоа нуркачите од „Врело“, им донесе големо изненадување. За првпат снимија и документираа растение на дното од езерото, кое како што вели нуркачот Александар Ацев, во експедициите изминатите години, никогаш не го забележале. Според извршените снимања, во водата има две до три грмушки кои се наоѓаат во најдлабоките делови на езерото, а достигнуваат висина до половина метар и не се совпаѓаат со вегетацијата околу езерото.
-Изгледа многу интересно, затоа што езерото освен алгата друга флора нема. Ова е единственото растение што досега сме го виделе на дното на езерото. Карактеристично е што грмушката ја има на длабочина од 12 до 14 метри, што е максимална длабочина на езерото, Претпоставуваме дека можно е таа да опстојува во езерото, а можно е да е заробена во водите многу години, можеби и од последниот глацијален период. Таа не е затрупана во седиментот“, вели нуркачот Александар Ацев.
За да се утврди што претставува грмушката потребни се дополнителни истражувања, па од клубот аплеираат да се приклучат други експерти, пред сè оние од Хидробилошкиот завод од Охрид со цел да се разјасни енигмата.
Нуркањето во водите на Големото езеро е вистински предизвик, затоа што се изведува во потешки услови и бара поголеми подготовки вели Ацев, кој учествувал во голем број меѓународни и домашни подводни експедиции, од кои дел се во истражувачки цели. И покрај напорите, нуркачите и овој пат не видоа ниту едно ендемско ракче и велат дека тоа е загрозено од рибите со кои пред неколку децении вештачки е порибено Големото езеро.
-Во соработка со Националниот парк Пелистер следната година планираме да направиме една акција за да се исчисти езерото од пастрмката која ја има прилично многу. Сметаме дека таа го нарушува езерскиот екосистем“, вели Ацев.
Но, дното пак е како музеј под вода затоа што крие голем број артефакти од двете светски војни, дури и шишиња со вино што Француските војници ги носеле на бојното поле.
-Во крајбрежниот дел на езерото гледаме бомби од Прва и Втора светска војна, заостанати куршуми, гранати. Најверојатно војската ги фрлала во езерото за да не ги носи по планината кога се повлекувала. Има и шишња од вино, дел се скршени, но , има и зачувани. Можно е шишињата да се француски од Првата светска војна, а и наликуваат на оние што ги имаме видено, а се вадени претежно од Мариовско вели Ацев.
Големото Езеро е глацијално езеро, се наоѓа на надморска височина од 2218 метри и е едно од најатрактивните места во Националниот парк Пелистер Ова истражувачка нуркачка експедиција спелеонуркачкиот клуб Врело ја реализираше во соработка со НП Пелистер, а целта е мерење на седиментацијата на дното на езерото и следење на флората и фауната.