2win800x200

Недостоинствен живот или достоинствена смрт? (Пишува Даниела Петровска)

Мај 16, 2024

Автор м-р професор Даниела Петровска  

Во колумната се изразени личните ставови на авторката и тие немаат тенденција да навредат ничии религиски, филозофски или медицински стојалишта кои се различни од нејзините

 

Кога би можела, би гласала за легализација на евтаназија за болните во терминална фаза

          Оваа колумна се бави со одбрана на правото на човекот (оној кој е неизлечиво болен и се наоѓа во терминална фаза) да одлучи да побара смрт од милост поради желбата да си ги скрати „маките“ во претсмртната агонија, а истовремено да го надмине чувството на немоќ и долготрајна несреќа. Мое лично уверување е дека евтаназија е единственото решение за пациентите  кои пред себе немаат виталистичка визија. Оправданоста да се побара нејзино легализирање во нашата земја (засега тоа е само хипотеза) ја наоѓам во новите концепти на модерната биоетика во кои се нагласува дека човекот сам по себе е смртоцентричен, па затоа треба да може да бира како и кога  ќе умре, се разбира ако се имаат предвид само болните во терминална состојба за кои крајот на животот поминат во неподносливи маки е извесен и неодминлив.

Постмодерното време укажува на потребата да се прифатат новите концепции на биоетиката и на биомедицината кои се насочени кон ревидирање на Хипократовите премиси, односно кон афирмирање на идејата дека евтаназијата има хуманистичка димензија и дека таа треба правно да се регулира во секоја држава за да не се злоупотребува. Искуството на многу европски држави (меѓу кои прва е Холандија) од  легализирањето на евтаназијата (смрт од милост; хумана смрт; добра смрт; привилегирана смрт) покажува дека пациентите што се тешко, безнадежно болни, може да одберат прекинување на терапијата во насока на спас од неподносливите болки. Чинам дека и Македонија треба да го прифати хуманиот европски ветер кој најавува дека сѐ повеќе социјални, медицински, етички, па дури и религиски кругови го прифаќаат новиот евтаназичен дискурс кој сугерира хуман третман на тешко болните, можност за избор меѓу непосакуван живот и посакувана смрт како достоинство на битието само по себе. При тоа, треба да се нагласи дека евтаназијата не треба, не смее да се дозволи да се спроведува без правна и медицинска оправданост, без строга  регулатива и без етичка логика. Евтаназијата треба да се дозволи затоа што:

  • човекот има неприкосновено право на живот (загарантирано со закон). Тој исто така има и право на достоинствена смрт, право на избор да одлучи кога ќе настапи моментот на прекинување на неговите витални функции;
  • автономноста на пациентот во донесувањето на одлуката мора да биде почитувана;
  • мора да постојат правни, материјални и процедурални услови за да се „кренат раце“ од пациентот и при тоа медицинскиот персонал да биде правно и морално ослободен од кривична одговорност за вршење на убиство.

Во Парламентот на Советот на Европа потврдено е и загарантирано неприкосновеното право на живот, но исто така и неприкосновеното право на смрт, право на човекот сам да одлучува за самиот себе.

          Чувството за правда и начелото за еднаквост меѓу луѓето бараат постоење на можноста за евтаназија и нејзино воведување како легализиран институт. Заправо, ако витално здравиот човек може да најде излез во самоубиството, нема причина тоа исто право да не му се овозможи на човекот болен, кој објективно или субјективно не можел или не сакал да изврши самоубиство, зашто е веќе хендикепиран со својата болест и со општата состојба воопшто. Тоа е природна неправда и се поставува прашање зошто сега и правно да се хендикепира со одземањето на правото на смрт, во чијашто власт е само номинално, а не и фактички.

          Евтаназијата и самоубиството се акти на израз на слободната волја на човекот кој е овластен да располага со својот живот, така што може да го заврши на соодветен начин според сопствен избор. Додека самоубиството не може да се казни, евтаназијата сѐ уште е забрането дејство и се квалификува како привилегирано или обично убиство, во крајна линија како злосторство.

          Значи, евтаназијата е елиминирање на болките и патолошката осаменост што ѝ претходи на смртта. Болките и страдањето треба да се прекинат ако не се во функција на лекувањето.

          Во европскиот регистар на општите права и слободи спаѓа и правото на хумана смрт. Основен дел на сите човекови права и слободи е правото на смрт, избор што се донесува кога животот губи секаква субјективна смисла и објективна вредност за општеството. Болниот е тој што има право да одлучи дали ќе престане животот на кој му е одземен секаков квалитет. Во спротивно, државата недопусно, недемократски и на морално дубиозен начин се меша во животот на поединецот кој изгубил секаква смисла, а сето тоа во име на некакви државни причини или сомнителни етички определби кои главно се оправдуваат со воопштени и клиширани причини што не се темелат на каква било научна или морална аргументација. Да не му се дозволи правно на некого да умре  ако тој веќе сака, а животот не му е достоен за живеење, е своевидно насилство кое со текот на демократизацијата на светот и со новите цивилизациски придобивки ќе исчезне.

Пациентот има автономно право да одлучи дали ќе се прекине неговиот медицински третман со оглед на бесперспективноста на лечењето. Тој донесува одлука за достоинствена смрт, ако веќе не може да живее живот достоен за човек. Евтаназијата не го поставува прашањето дали човекот му е достоен на животот, туку дали тоа што останало од животот му е достојно на еден човек.

          Човековото достоинство, правата и основните слободи мора да се почитуваат, со тоа што интересот  на поединецот треба секогаш да биде над интересот на науката и општеството. Тоа значи дека должност на медицинскиот персонал е да ја спроведе на дело неотповикливата одлука на пациентот. При тоа, поборниците на евтаназијата не признаваат легитимност на некакви „општи“ или „виши“ интереси што ги порекнуваат и ги дискриминираат индивидуалните интереси.

Мора да постојат правни, материјални и процедурални услови за да се „кренат раце“ од пациентот. Тоа значи дека лекарот направил сѐ што било можно  да го спаси него и дека во моментот на донесувањето на одлуката за пациентот нема никаква надеж. Сепак, таа одлука треба уште еднаш да биде преиспитана и потврдена од лекарска комисија, при што на тој начин одлуката станува целосно издржана и оправдана, со обележје на хумани мотиви.

             На тој начин, евтаназијата може да се спроведе пасивно, со прекин на терапијата и со истовремена максимална борба против болките, како и активно, што исто така е борба против болките, со давање палијативни средства што постепено го внесуваат болниот во состојба на сон, вечен сон.

             Убиството од милост треба да се декриминализира, а евтаназијата да се дозволи само во строго определени правни и медицински услови. Тоа значи дека медицинскиот персонал треба да се ослободи од товарот дека при ваков чин прави привилегирано убиство, туку дека постапува во согласност со новите принципи на биоетиката, каде декриминализацијата на евтаназијата се поврзува со правото на секоја личност да донесе одлуки што се однесуваат на нејзиниот живот. На тој начин, со овозможувањето на правото на убиство од милост може да се помогне, во крајна линија, и да се намали зачестеноста на евтаназијата.

          На крај, би рекла дека на разбрануваното море на современата (нова) медицина, не може во ера на навигација доверливо да се плови само со помош на стариот Хипократов компас. Да се остане при старата хипократска теза дека лекарите  се повикани да го чуваат животот, а не да прават нешто против него и да заговараат само „право на живот“, а при тоа да се заборава или да се игнорира „правото на достоинствена смрт“, би значело да се едри спротивно од хуманистичките цели на биоетиката.

          Постмодерниот свет ја преживеа шокантната промоција на хомосексуалноста, на еднополовите бракови, на трансвестизмот, на хируршката промена на полот како хумани вредности и како апел за прифаќање на другоста не како разлика, туку само како поинаква даденост на појавите  во светот околу нас, како иманентност на другоста. Значи во законски рамки е срушен стереотипот на отпамтивек утврдената социјална, правна, етичка, религиска прагма и светот пак остана егзистентен. Тогаш зошто евтаназијата да се доживува како стигматизирање на лекарите како џелати, ако тие конзилијарно утврдиле дека болниот нема среќни очекувања за излекување, ако тоа е автономна одлука на болниот. Кого загрозува тој со своето барање за милосрдна смрт, ако се знае дека во својата еднодаденост е независен субјект.

          Затоа, евтаназијата му дава избор на човекот застанат очи во очи со смртта да може да одлучи сам за својата терминална состојба. Значи, оправдано е тој да го даде конечниот збор за себе.

          Евтаназијата не го негира човековото достоинство, зашто токму со нејзината примена битието не е сведено на обичен умирачки објект или на заменлива единица, туку е автономен субјект во чии раце стои моќта за одлука: да се биде или да не се биде мртов. Да се биде – значи да се држи судбината во свои раце. Свесниот субјект го одбира овој концепт на намерно прекинување на бесперспективниот живот, станувајќи сам сопствен праведен и единствен судија.

(Во колумната се изразени личните ставови на авторката и тие немаат тенденција да навредат ничии религиски, филозофски или медицински стојалишта кои се различни од нејзините)

м-р професор Даниела Петровска

 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите) 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани