
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На големо задоволство на сите вљубеници во шахот денеска во Битола успешно беше реализиран третиот по ред меѓународен шаховски турнир „Штајниц-2025“.
На еднодневниот турнир учествуваа 84 натпреварувачи од повеќе земји, од Македонија, Грција, Србија, па дури за турнирот во Битола допатува и шахист од Азербејџан. Турнирот се одвиваше во хотелот „Милениум“ на Широк Сокак во одлично подготвени услови за игра во 9 кола, Швајцарски систем, и со темпо на играње 10 минути.
Пеце Богдановски, претседател на шаховскиот клуб „Штајниц“ Битола вели дека клубот е формиран пред три години и во континуитет се одржуваат три турнири.
„ Шаховскиот клуб „Штајниц“ е единствен прволигаш во шах од Битола, покрај останатите два клуба. На големо задоволство и во одлична атмосфера денеска реализиравме нов меѓународен турнир каде покрај наши шахисти од Битола, Скопје, Охрид, Прилеп, учество зедоа шахисти и од соседните земји Србија и Грција, како и учесник од Азербејџан. Целта на овој турнир е промоција на шахот, на логичкото размислување каде нема ограничување по пол и возраст. Денеска на турнирот учествуваат и деца и повозрасни, а нашата цел е да привлечеме и да создадеме нова генерација на шахисти, да ги мотивираме децата да почнат да играат шах. Да оставиме наши наследници со цел да живее шахот во Битола“, изјави претседателот Богдановски.
На турнирот учество зеде и тринаесет годишната Алиса Вера Брнс, американка која живее во Скопје.
„Шах почнав да играм пред две години со сестра ми, а потоа решив да одам во клуб и да го проширам моето знаење, да се натпреварувам. Играв за забава, но сега веќе играм сериозно. Кога сум пред шаховската табла напочеток чувствувам нервоза, а потоа како се внесувам во играта, шахот ми ја олеснува таа состојба и чувствувам задоволство“, вели младата Брнс.
Во шаховскиот клуб „Штајниц“ Битола членува и 22 годишниот Лазар Александар Насков, или познат како Алекс, кој е роден во САД а веќе десеттина години живее во Битола. Алекс вели дека шахот е начин на комуникација кога двајца соговорници не можат да се разберат со зборови.
„Почнав да играм шах пред 7-8 години кога од Америка моето семејство се пресели во Македонија. Мојот дедо по татко во Скопје не знаеше да зборува англиски, а јас не знаев македонски. За да не молчиме почнавме да играме шах, тогаш почнавме да се разбираме, јас учев од мојот дедо и напредував. Тој на почеток беше ‘појак’ од мене, а јас имав желба да го ‘тепам’ во шах. Шахот е спорт, уметност, тој е како цртање, како музика и е одлична дружба и за млади и за возрасни“, вели Алекс.
Шаховскиот клуб „Штајниц“ е ценет и поддржан од општествено одговорни компании за професионално организирање на меѓународниот турнир. На турнирот ќе бидат доделени 4 награди и дополнително награда за најдобриот играч од Битола. Фондот за награди изнесува 28 000 денари.
текст и фото А.Блажевска