
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Д-р Бране Грамбозов, специјалист радио-онколог е наш битолчанец, наша гордост кој е успешен и ценет лекар во Европа.
Грамбозов е добитник на Првата награда за истражување од Австриското здружение за радио-онкологија, радио-биологија и медицинска радио-физика (ÖGRO), едно од најпрестижните признанија во неговата област во Австрија.
Роден во Битола, тој го завршува своето средно образование во Гимназијата “Јосип Броз - Тито” во својот роден град. По матурата, го продолжува своето образование на Универзитетот во Хајделберг, и Медицинскиот универзитет во Инсбрук. Својата медицинска кариера ја започнува како Turnusarzt (лекар по општа специјализација-задолжителна во Австрија) на Кеплер Универзитетската Клиника во Линц, Австрија. Неговата стручност и посветеност кон медицината го носат во Универзитетската клиника за радиотерапија и радио-онкологија во Салцбург, каде што започнува специјализација во областа на радио-онкологијата.
По успешно завршената специјализација, тој станува Facharzt (специјалист) за радио-онкологија, а само неколку недели подоцна е унапреден во Oberarzt (виш лекар). Наскоро по ова унапредување, д-р Грамбозов ја презема и функцијата Arbeitsgruppenleiter (Раководител на работна група).
Во 2022 година, д-р Грамбозов ја добива Првата награда за истражување од Австриското здружение за радио-онкологија, радио-биологија и медицинска радио-физика (ÖGRO), едно од најпрестижните признанија во неговата област во Австрија. Во 2025 година, на само 37-годишна возраст, д-р Грамбозов ја стекнува хабилитацијата и титулата Privatdozent на Парацелсус Медицинскиот Универзитет во Салцбург, со што станува најмладиот доктор во историјата на Универзитетската клиника за радиотерапија и радио-онкологија во Салцбург кој го постигнал ова значајно академско признание. Оваа титула претставува највисока академска квалификација во академскиот систем на германското говорно подрачје.
Со своите иновативни истражувања, особено во областа на ре-иррадијацијата и терапија на белодробниот карцином, д-р Грамбозов значително придонесува за подобрување на третманите во онкологијата.
Во Австрија, хабилитацијата бара сериозно научно портфолио (многу публикувани статии, цитираности, водечки истражувачки проекти) го објаснува доктор Грамбозов патот до успехот.
Хабилитацијата е филтер за врвни експерти, па откако ќе ја стекнеш стануваш Privatdozent или професор.
„Освен посветеноста на науката, успехот се мери уште повеќе преку подадената рака на пациентите. Деноноќното размислување и наоѓање начини да им се помогне за да живеат поубаво и здраво“, објаснува овој Македонец којшто ги допре височините во медицинската наука во Австрија.