АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Велика Новевска од општина Новаци на 91 година излезе да гласа. На гласачкото место 161 се појави заедно со снаата која пак со штаки дојде на гласање зашто ја имала повредено ногата.
„За години не прашувајте, девеесетката ја заминав, но должност ми е да си го оставрам своето гласачко право. Гласаме и за помладите и за нас да биде добро“, рече баба Новевска.
Новаци е една од општините со најголема површина во Македонија, но се вбројува и меѓу најретко населените. На површина од 753 километри квадратни има 2977 гласачи на 23 избирачки места. Најоддалечени се гласачките места во Мариово и тоа во селата Будимирци, Градешница и Старавина каде има уште по десетина до дваесет жители.
„Во Новаци навреме беа отворени сите изборачки места, гласањето тече без проблеми, нема никакви забелешки. Малку е покомплицирано имајќи го во предвид теренот во општината, распространета е на голема површина и разни географски предели, но со добра организација немавме проблеми во транспортот на материјалот и отворањето на местата за гласање“, рече Стевче Стефановски, претседател на ОИК во Новаци.
Излезноста во Новаци до 13 часот беше 13 проценти.
Соседната пелагониска општина Могила од ДИК ја посочија меѓу општините со најмала излезност до сега. Таму до 13 часот гласале 7,04 проценти од 5385 гласачи. Се очекува процентот да се зголеми во попладневните часови зашто ова е рурална општина, па претпладне жителите работат по нивите.