2win800x200

Професорката Фанија Наумовска ја доби наградата - „Наставник на годината“ признание за претприемнички дух и посветеност кон младите од Џуниор Ачивмент Македонија

Мај 12, 2025

Наставникот кој ги инспирира идните лидери: Признание за претприемнички дух и посветеност кон младите Џуниор Ачивмент Македонија која е една од 123-те организации членки на Junior Achievement Worldwideи е посветена на финансиска едукација и претприемничкото образование во средните училишта во земјава, годинава ја додели наградата „Наставник на годината“ на Фанија Наумовска - наставник во СОУ Гимназија „Јосип Броз-Тито“ која со својата визија, ентузијазам и посветеност игра клучна улога во развојот на претприемничкиот дух кај младите.

Фани 2

Ова признание не само што е потврда за индивидуалниот успех, туку и за важноста на претприемничкото образование како алатка за градење на самоуверени, иновативни и одговорни млади граѓани. Добитничката на оваа престижна награда се истакнува како ментор кој преку различни иницијативи и проекти обезбедува поддршка, насока и инспирација за учениците, поттикнувајќи ги да веруваат во сопствените идеи и способности. Таа верува дека претприемничкото образование не е само учење за бизнис, туку и развој на критичко размислување, креативност и решавање проблеми – вештини неопходни за 21-виот век.

Меѓу најзначајните активности што придонеле за доделување на наградата на професорката Фанија Наумовска е нејзината улога како ментор на тимот AI Demetra, чии ученици ја развија најдобрата идеја од Македонија и учествуваа на престижниот Форум на жени и девојки во Будимпешта во октомври 2024 година.

Fani 2

Овој настан овозможи афирмација на женското лидерство и технолошката иновација, а тимот, под нејзино менторство, беше препознаен по својата иновативност и општествена ангажираност. Исто така, наставничката активно се вклучи во проектот PlayJet, каде покрај менторирањето ученици, учествуваше и на регионалната конференција, споделувајќи добри практики и градејќи мрежа на едукатори од регионот. Дополнително, нејзината посветеност кон одржливиот развој се покажа и преку ангажманот во проектот „Зелена младина, зелен раст“, каде што ги охрабрува учениците да размислуваат еколошки и да развиваат зелени деловни идеи. Преку својата енергија и посветеност, таа редовно ги води учениците на натпревари за најдобри ученички компании, каде што тимовите под нејзино водство се истакнуваат по својата креативност и претприемнички пристап. Оваа награда е повеќе од личен успех – тоа е признание за улогата на наставниците како двигатели на промени. Таа ја потсетува јавноста дека вложувањето во младите преку претприемничко образование е една од најдобрите инвестиции во иднината на секое општество.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани