
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
БИТОЛА – РЕК „Битола“ го чека вештачењето од криминалистичката полиција на СВР- Битола за да потврди или отфрли, дали имаше саботажа, односно кои се причините за пожарот во Термоблокот 2 што настана пред осум дена, објави https://nezavisen.mk
Но, додека се чека извештајот од МВР, РЕК „Битола“ веќе ја утврди штетата од пожарот.
Официјално од Комбинатот за „Независен“ потврдија дека: „Според увидот кој го направи осигурителната компанија по настанување на пожарот, првичната проценка е дека станува збор за штета од 100-130 илјади евра“, изјави портпаролот на РЕК „Битола“, Оливера Михајловска.
Од Комбинатот уште велат дека по излегувањето на терен на полицијата со вешто лице, се чека извештај од вештачењето на лице место и не откриваат дали веќе има осомничени и дали можеби сомнителниот настан е снимен на интерните камери со образложение дека не сакаат да задираат во истрагата.
По пожарот, од Комбинатот известија дека вработените напорно работеле на санација на штетите предизвикани врз ормарот за електро управување.
Термоблокот 2, веќе три дена е во функција, Блок 3 е вклучен во системот од прексиноќа. Термоблокот 1 е во редовен годишен ремонт.
„Како што и беше најавено завчера, поради очекуваниот зголемен конзум за време на најавениот топлотен бран, Блок 3 по претходни пуштачки операции во 03:18 часот вчера утро е синхронизиран на мрежа. РЕК Битола моментално работи со две третини од својот инсталиран капацитет односно во погон се Блок 2 и Блок 3“, соопшти Михајловска за „Независен“ и додава: „Во однос на прашањето за производството на електрична енергија, морам да нагласам дека количеството се проектира на дневна основа согласно конзумот и моментално произведуваме над 3.000 MWh по блок.“
Анета Блажеска за https://nezavisen.mk/