2win800x200

Гревот на СДСМ и гневот на битолските социјалдемократи (пишува Анета Блажевска)

Јуни 24, 2025
СДСМ Битола - собир на Тумбе кафе СДСМ Битола - собир на Тумбе кафе

Битола - Венко Филипче и битолските социјалдемократи решија Битола да ја остават за последна и до крај да мерат и одмеруваат кој ќе биде кандидат за градоначалник и кој ќе застане спроти ривалот Тони Коњановски.

Партиски извори потврдуваат дека Битола ќе остане за крај и во изборот за кандидат за градоначалник и за советничката листа, каде се води битка кој да обезбеди „пласман“ до првите пет места.

Со една мисла кажано, партиските сеирџии велат дека битолските социјалдемократи ја потпевнуваат познатата мелодија од Здравко Чолиќ „Те чувам за на крај“, каде поентата е дали ќе направат вистински избор или ќе кажат – можевме и подобро!

 

Венко во Битола

Венко Филипче во Битола 

 

Всушност се повеќе се зборува дека високи партиски функционери се на добар пат да ја убедат екс градоначалничката Наташа Петровска да прифати кандидатура за градоначалник, иако по објавувањето на 19 кандидати за градоначалници на СДСМ од страна на лидерот Венко Филипче, реално најголем дел од нив се претседатели на општинските организации, ама има и актуелни и поранешни градоначалници (актуелниот градоначалник Томе Христовски во Крушево и екс градоначалникот Љубе Кузманоски во Новаци).

Во разговор со актуелни и поранешни партиски функционери преовладуваат неколку мислења околу изборот за кандидат за градоначалник на СДСМ на претстојните локални избори, што треба да ги земе предвид лидерот Венко Филипче.   

 

IMG 33558c766381018a8357702bb5bf10ce V

Горан Милевски - ЛДП и Наташа Петровска - СДСМ 

 

„Најголемата грешка СДСМ ја направи во 2017 година, кога не го поддржа Горан Милевски (ЛДП коалиционен партнер) за градоначалник според резултатите од мерењата на рејтинзите, со што го свртија против себе еден од највлијателните  битолски политичари. А, втората грешка ја направија во 2021 година, кога наместо да и дозволат на Наташа Петровска да се бори за втор мандат тие го предложија бизнисменот Христо Кондовски, со што предизвикаа внатрешна поделба која трае до ден денес“, велат наши соговорници, и додаваат дека така внатрешно поделени на овие избори тие, ниту имаат кандидат кој може да му се спротивстави на Коњановски и ВМРО-ДПМНЕ ниту пак, лице да бараат и да очекуваат глас повеќе од битолчани.

Во една ваква политичка слика, сегашното раководство предводено од Методија Куновски, поранешниот новинар, само ќе ги сноси последиците од погрешните одлуки од минатите врхушки на СДСМ.

Размислувањето на нашите соговорници е дека претстојните избори се шанса за екс градоначалничката Наташа Петровска да ја прифати кандидатурата и да излези на мегдан да види колку гласови „тежи“. Оти вака скратена да ја одмери силата по втор пат, како кандидат на СДСМ во 2021 година, се создаде фама во градот, воопшто во јавноста дека ако беше Петровска кандидат, наместо Кондовски, ќе го победеше Тони Коњановски во 2021 година. Е токму затоа поранешни сопартијци на Петровска сметаат дека треба да влезе во политичката арена и да го прифати предизвикот, оти како тргнала работата СДСМ Битола ќе се мачи во изборот, особено кога предничи мислата – „Треба да прифати кандидатура тој што ја доведе партијата на ова дереџе.“ 

СДС на тумбе кафе

СДСМ Битола 

 

Размислувањата одат дотаму дека кандидат за градоначалник треба да се бара во локалните политичари од последните општински раководства на СДСМ, во Златко Ќурчиевски, Жаклина Наумовска, Драган Крајовски и Гордана Анастасовска, од кога партијата во Битола нижи неуспеси и пад на рејтингот, иако СДСМ ја имаше централната власт. Тука не е исклучена ни актуелната пратеничка, екс министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, како „ороводец“ во целиот овој изминат период на локалните и централни политики на СДСМ.

Всушност гневот на членството, како што велат нашите соговорници, е што сега во една ваква политичка клима со пошироки негативни размери за партијата во Битола, никој од раководството на општинската организација не се осмелува да се огради од дејанијата на поранешни и актуелни партиски функционери, на чело со бегалецот од правдата Васко Ковачевски, државни функционери, особено оние од РЕК „Битола“ и ЕСМ седнати на обвинителна клупа.

„Сите лојални и честити членови на СДСМ се доведени во ситуација да се поистоветуваат со грст партиски профитери и инкриминирани ликови. Петно што тешко се чисти од лицето на партијата во Битола“, велат нашите соговорници.     

 

Маја

Маја Андоновска -Илијевски (во средината) на партиски состанок 

 

Што се однесува до листата за советници, тука ОО на СДСМ Битола е во подобра позиција, иако меѓу аспирантите се води битка кој да биде во првите неколку места на листата, што остава впечаток дека и самите не веруваат во повеќе освоени советнички мандати.

За предводник на советничката листа сега се размислува за две имиња: за актерката Маја Андоновска-Илијевски, поранешна директорка на Центарот за култура во Битола и за поранешниот пиар стратег на партијата, актуелен претседател на општинската, Методија Куновски. Во предност е актерката со оглед на тоа што во изминатите 7 години успеа со својата работа да го задржи вниманието на битолчани, да не ја доживуваат како партиски лик, додека Куновски како новинар во провмровската телевизија „Орбис“ е обременет од минатото, во перцепцијата на социјалдемократите во градот, особено повозрасните членови. Во битката за добитна позиција заради обезбедување на континуитет, се споменуваат и актуелните советници Борче Корлевски и младиот Петар Николовски, кој успеа да излобира да биде координатор на советничката група на СДСМ во актуелниот Совет.

 

Менде Габири Васко

Габриела Илиевска -кампања со СДСМ 

 

СДСМ во Советот последните години делува со поддршка на „Поинаку“, независна листа, а претседателското место во Советот го води Габриела Илиевска. Таа уште во првиот мандат влезе во Советот преку листата на СДСМ, како предлог на ВМРО-Народна, потоа формира независна листа и си обезбеди уште два мандати. Во 2021 година се доближи до ВМРО-ДПМНЕ за по една година подоцна се раздели и се наклони кон старото јато на СДСМ. По 12 години членство во Советот, за Илиевска е извесно дека ќе сака уште нови 4 години, и ако успее да ги добие, ќе го надмине во годините по политичкиот ангажман и екс градоначалникот од ВМРО-ДПМНЕ Владимир Талески. Но, од досегашното делување на Илиевска, неизвесно е кој правец ќе го фати по овие избори.

Деновиве своја независна листа најави и бодибилдерот Зоран Лазаровски-Паљо, предводник на протестите „Стоп за депонија во Пелагонија“, а веќе се зборува дека граѓански активисти од Битола ќе исфрлат своја независна листа со ликови без политички беграунд. Изненадување што допрва ќе следува.  

 

Коментар на Анета Блажевска

фото интернет 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани