2win800x200

Најголемата битка за локалните избори во Битола ќе се води за Советот (пишува Анета Блажевска)

Јуни 10, 2025
Битола - Широк Сокак Битола - Широк Сокак

Најголемиот проблем за партиите во Битола на претстојните локални избори е која ќе го освои Советот!

Битола е пред продолжена политичка неизвесност околу локалните избори наесен, освен извесноста дека актуелниот градоначалник Тони Коњановски ќе трча за втор мандат, како кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ.

Неизвесно кој ќе биде кандидат за градоначалник на опозициската СДСМ, дали Левица ќе исфрли кандидат за градоначалник или само советничка листа? Дали независните ќе се „фатат“ на јадица да имаат и тие кандидат за градоначалник? Кои ќе бидат носители на советничките листи и кој се ќе се најде на добитно место на листите?

Всушност, најголемата неизвесност на претстојните локални избори е структурата на идниот Совет на општина Битола, дали победничката партија ќе го има потребното мнозинство за да запрат блокадите и како што велат битолчaни -„да тргне еднаш работата на Советот“.  

Иако изборите имаат локален карактер, Битола отсекогаш имала и национално значење, бидејќи онаа политичка клима која ќе се создаде во Битола во следниот период е потенцијален индикатор за широката политичка слика во државата, за победникот и губитниците на локалните избори - 2025. 

Во ова предизборие во Битола наместо локални теми веќе почнаа да се кршат копјата и за пошироките национални интереси. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче сега пред членството во Битола зборуваше за британскиот кредит.  

Во локалната арена почна и политичкиот „инает“ околу потребата дали да се земе грантот од државата, од европскиот заем (за кој веќе се плаќаат камати), за реконструкција на водоводи и инфраструктура. Ова е веќе видена слика со одбивањето на европските пари за изградба на велопатеките во Битола.  

 

протести 800x369

(фото- демонстранти - Против депонија во Пелагонија) 

 

Во истовреме едно е јасно дека плановите за изградба на новата депонија во Пелагонија ќе исфрли нова политичка слика во битолскиот Совет. Факт е дека ќе влијае на изборните резултати и засега е очекувано да изроди нова независна листа од поборниците „Стоп на депонија во Пелагонија“, а за носител на листата не е исклучено да биде бодибилдерот Зоран Лазаровски, поранешен кандидат за градоначалник.  

Во одбрана на депонијата, пак, лично застана премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека проектот е од СДСМ и дека таа партија дала гаранции пред меѓународните финансиски институции дека ќе се реализира проектот.

Мицкоски

(фото- ВМРО-ДПМНЕ митинг 2021)

 

Мицкоски за актуелниот градоначалник Коњановски рече дека „ја прероди Битола“. Овие зборови на премиерот, за многумина од политичката јавност во Битола наликуваа на зборовите на Зоран Заев во пролетта 2021 година, кога ептен ја испофали тогаш актуелната градоначалничка Наташа Петровска, па кусо потоа наместо неа го предложи за кандидат бизнисменот Христо Кондовски.

Но, Мицкоски си остана на зборот и го предложи Коњановски.

Кандидатурата на Коњановски за втор мандат беше очекувана. Прашањето е дали тој ќе победи во првиот круг или ќе има втора трка по гласови?  

Најголемата главоболка за ВМРО-ДПМНЕ е дали ќе имаат мнозинство во Советот за да се избегнат блокадите во работата на општината во наредните 4 години. За носител на листата за советници како најсигурен играч останува заменик градоначалникот Бојан Бојкоски.

 

Весна

(фото - Весна Бендевска) 

 

Од друга страна, пак, јасно е дека и партијата ЗНАМ со битолската пратеничка  Весна Бендевска ќе даде поддршка за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, а ќе одат независно со листа за советници и пост изборна коалиција со владеачката партија.

Најголемата „лотарија“ е кој ќе прифати да биде кандидат за градоначалник на СДСМ. Се зборува дека социјалдемократите единствено сакаат да бидат на листа на советниците и тоа во првите пет добитни места. За носител се зборува дека ќе биде актуелниот претседател на општинската организација Методија Куновски. Битолчани велат дека поради „тепачката“ кој да фати советничко место, лидерот Филипче се досетил на идејата да ги ротира советниците на две години, за да ги смири незадоволните.     

 

сдсм Битола

(фото - СДСМ Битола)

 

За кандидат за градоначалник се зборува дека СДСМ наводно ја убедуваа Наташа Петровска, а паралелно и екс-директорката на Центарот за култура Маја Андоновска-Илијевски. А според извори од СДСМ, не е исклучено обединување на опозицискиот блок во Битола со кандидат за градоначалник Габриела Илиевска од независната „Поинаку“. На крај муабетот по битолски е - кој би прифатил за да загуби?

За битолчани овие избори, многу наликуваат на времето на Владимир Талески за втор мандат, кога на пораз се нафати лекарката Дијана Ѓоргиевска.

Всушност партиски извори од СДСМ велат дека на есен се очекува сите кои се противници на политиките на Зоран Заев да го бојкотираат актуелното раководство за кое сметаат дека имаше доволно време да ја консолидира партијата. 

На овие избори неизвесно е како ќе се однесуваат Албанците од Битола. Во овој состав ДУИ има еден советник, но ако се поделат гласовите (околу 2.000) со ВЛЕН, прашање е дали албанскиот електорат во Битола воопшто ќе земе место во Советот.

 

габриела

(фото - Габриела Илиевска и Тони Коњановски) 

 

Факт е дека пред овие избори нема еуфорија за независните листи како што беше во 2021 година. 

Меѓутоа, ако поддржувачите на протестите против депонија настапат со своја листа ќе ги одвлечат гласовите на независната листа на „Поинаку“ која во 2021 година освои три мандати. „Поинаку“ го имаат претседателското место во актуелниот Совет на Битола, но грешката кај нив беше што прво се „побратимија“ со ВМРО-ДПМНЕ, а потоа се приклонија кон СДСМ формирајќи неформално мнозинство во Советот за наводни клучни одлуки за градот.

Оттука, не е исклучено бодибилдерот Лазаровски и неопределените граѓани да ги десеткуваат гласовите на „Поинаку“ и тие да се борат за едно место во Советот.

 

Горан и Молина

(фото - Горан Милевски и Моника Зајкова) 

 

И ЛДП во Битола веќе не е за споменување, и нема шанса да освои советник со самостоен настап, иако во 2021 година имаа 1 советник со 2.500 гласови и кандидат за градоначалник Горан Милевски со освоени 3.300 гласови. Сега заради внатрепартиските кавги во Битола, на приврзаниците на Милевски со оние на Моника Зајкова, партијата тешко дека ќе има самостојна листа.  

 

levica

(фото - Левица Битола)

 

Накрај во бројки битолчани пресметуваат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе стартува со бројка од 24 илјади гласови,  плус 3.000 гласови на ЗНАМ, слика од последните парламентарни избори. Односно 9.500 гласови на СДСМ и 5.000 гласа на Левица. 

Преточено во советници, се очекува 14 до 15 советници на ВМРО-ДПМНЕ, 5-6 на СДСМ. ЗНАМ еден советник, исто толку и противниците за депонијата. Најповолна е климата за Левица, сега имаат двајца советници, а се очекува да добијат гласови најмалку двојно повеќе, за 4-5 советници поради нивниот критички однос кон двете најголеми партии од македонскиот блок. По ваквата слика битката во Советот ќе биде за едно до две советнички места, кој ќе успее да ги привлече гласовите на неопределените битолчани на свое конто.

 

Коментар - Анета Блажевска    

фото интернет 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани