2win800x200

Судир на генералните секретари Зечевиќ и Сајкоски во Петката?

Март 12, 2024

БИТОЛА – Сѐ поизвесен изгледа судирот на генералните секретари на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Миле Зечевиќ и Ѓорѓија Сајкоски, во Петтата изборна единица за претстојните парламентарни избори, објави nezavisen.mk

Извори од двете најголеми партии од македонскиот блок во Битола, брифираат дека Петтата изборна единица најверојатно ќе биде арена за генералните секретари, кои по својот политички багаж најмногу „тежат“ меѓу гласачите во овој регион и се присутни на овој терен. 

Вчера претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски,  ги најави носителите на пет од шесте изборни единици, оставајќи го отворено прашањето за петката, но по се изгледа се чека потегот на СДСМ, дали Зечевиќ ќе биде носител или пак „играта“ ќе се препушти на стружанецот Јован Митрески.

Ако СДСМ се одлучи за Зечевиќ, дефинитивно спроти него ќе биде Сајкоски. Оваа битка ќе биде еднакво интересна како и онаа меѓу Мицкоски и Ковачевски во првата изборна единица, велат политичари од Битола.

Ако биде Митрески тогаш наспроти него ќе биде или Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид, или градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, велат познавачи на политичките состојби во градот, напоменувајќи дека и двајцата градоначалници уживаат поддршка од членството. 

Зечевиќ, во периодот наназад во повеќе наврати е меѓу своите сопартијци во Битола, а последното собирање беше пред две недели, кога имаше состаноци и кога на „куп“ ги собра сите досегашни раководства на ОО на СДСМ во Битола и ги отворил проблемите на маса. Зечевиќ ги ставил досегашни претседатели и секретари на партијата откако СДСМ е на власт, заеднички да го водат општинскиот штаб. Партиски извори велат дека Зечевиќ барал „мир во куќата“ и обединување за победа на претстојните избори.  

Сајкоски, пак е како одомаќинат во Битола, држи партиски состаноци, отвора штабови на Широк Сокак, суптилно ги промовира кандидатите за пратеници и прави обиколка и партиска промоција на сите проекти на локалната власт.

Битката за пратеничко место во Битола исто така е неизвесна.

Кај СДСМ се споменува актуелната министерка Бисера Костадиновска-Стојчевска, иако во игра се уште неколку женски имиња, меѓу нив и Јадранка Павловска, претседателка на Форумот на жени. Дел од женските кандидати според партиски извори се „елиминирани“ по обвинувањата за непотизам и партиски вработувања како секретарот на партијата Гордана Анастасова и советничката Мирјана Захариева-Ралевска.

За кандидат за пратеник од СДСМ во добитна комбинација се посигурен е координаторот на советничката група Методија Илиевски. Тој ја води битката во Советот на општина Битола како главен играч за пресвртот и одземањето на мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ. Илиевски во Советот покажа конструктивност, советничката група да гласа за буџетот и завршната сметка на општината и да поддржи проекти важни за општината, од друга страна е остар критичар на локалната власт.

ВМРО-ДПМНЕ од Битола и за овие избори сѐ поизвесно е дека ќе даде поддршка на досегашните пратенички, Олга Лозановска и Силвана Ангелевска, а во добитна комбинација се споменува и координаторот на општинскиот комитет, Пеце Милевски, актуелен директор на ЈКП „Водовод“ Битола.

Познавачите на приликите велат дека уште се мерат рејтинзите на можните кандидати и стравуваат од она што го покажуваат анкетите – висок процент на неопределени во Петтата изборна единица, над 30 проценти од анкетираните.

„Петтата изборна единица е една од најважните за партиите, и затоа останува да виси прашањето за носителите и кандидатите. Анкетите покажуваат висок процент на неопределени во овој регион, граѓаните што се анкетирани или не знаат за кого ќе гласаат, или не гласаат, или се разочарани… Оттука јасно им е на партиите дека освен работа и трчање на терен, мора да предложат саглам личности. Ова што и двете партии би оделе со исти кандидати како на претходните избори е нож со две острици – гласачите имаат право да побараат отчет што сработиле од ветеното, и од министерката за култура Костадиновска-Стојчевска и од пратеничките Лозановска и Ангелевска. Реалноста не е охрабрувачка“, вели поранешен политички функционер за состојбите во Битола.

И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во Битола стравуваат од одлевање на гласови во новоформираната ЗНАМ и во Левица. Десницата стравува дека младите гласачи полесно се наклонуваат кон Левица, заради реториката на партискиот лидер, а пак повозрасните социјалдемократи има опасност да се приклучат кон веројатната носителка на листата на ЗНАМ, Весна Бендевска, поранешен пратеник на СДСМ која со работата во парламентот остави белег.  

Битолчани се најмногу разочарани од лошата патна инфраструктура. Се чекаше на рехабилитација на патот од Плетвар до Битола, влезот на Битола е во катастрофална состојба, како и патот за Охрид. Потоа, тука се тешката економска слика, отсуство на капитални проекти, криминал, корупција, партиски вработувања, непотизам…

 

Анета Блажевска 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани