АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Бугарскиот политичар Красимир Каракачанов пред три години на прослава во Битола рече дека околу 100 000 Македонци имаат извадено бугарски пасоши. Тој тогаш присуствуваше на одбележувањето на петгодишнината од постоењето на Здружението за македонско-бугарско пријателство во Битола заедно со уште 200 Македонци.
Новинарите го запрашаа колку Македонци имаат извадено бугарски пасоши, а тој одговори: „Бугарија создаде услови сите граѓани на Македонија кои сакаат да имаат бугарски пасош да го добијат. Бројката пред една година беше 90 илјади граѓани, а сега можно е да се и 100 илјади“, рече Каракачанов.
Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, кој беше заедно со него во Битола, изјави дека тоа се Македонци кои имаат бугарска национална свест.
Иако расте бројот на Македонци со бугарски пасоши, досега на прсти се бројат оние кои јавно се изјасниле како Бугари. Повеќето граѓани велат дека се одлучуваат на ваквиот чекор зашто со пасошот на земја членка на Европската Унија им се овозможува полесно да дојдат до работа во европските земји и за тоа не му треба посебна работна дозвола.
Ако доттогаш биле 100 000 како што спомна Каракачанов, се наметнува прашањето колку Македонци денес се со бугарски пасоши?
Според истражување на порталот Призма.мк последните 10 години (опфатен е периодот од 2006 до 2016 година) вкупно 57.627 Македонци успеале да докажат бугарско потекло и да добијат државјанство и пасош како „работна виза“ за иселување. Податоците ги добиле од Министерството за правосудство во Софија, од каде им било кажано дека освен јазична подготвеност, морало да ги изговорат напамет и најзначајните национални бугарски празници, да покажат познавање на бугарската историја и на хартија да докажуваат крвни врски со подалечни роднини од Бугарија.
Призма.мк во истражувањето се повикува на податоците на статистичкото биро на Европската унија, Евростат кои покажуваат дека уште 48.589 Македонци од 2005 до 2014 година добиле државјанство од некоја друга европска земја од Унијата или Шенген зоната. Со тоа, од 2005 година до 2016 година вкупно 106.216 Македонци станале Европејци со државјанство и пасош. Според порталот, тоа е колку жителите на Битола и Струмица заедно.