2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

Миграција за убикација на Битола Пишува: Жанета Здравковска

Август 30, 2018

Битола се помалку е мојата Битола, а веќе четириесетина години ги газам истите улици. Градот тој, а лицата на Широк Сокак непознати. Некогаш од средби со пријатели еден час го минував Корзото. Денес одвај и да имам кому да мавнам. Миграција збриша цели генерации. Дел се блиску, во метрополата, па доаѓаат преку викенд. Но, многу повеќе се оние распрскани низ белиот свет, со стотици километри далеку од местото кое некогаш го нарекуваа дом.

 

Додека на избори се заминававме со бугарски воз, бугарските пасоши ни го испразнаа градот. Почнаа да вадат во периодот уште кога бев на факултет, пред 18 години, кога никаде не можевме да мрдниме без виза. Во тоа време моја блиска личност која студираше во Бугарија, ми рече дека таму на големо вадат бугарски пасоши. Ми понуди да извадиме и за заминеме во странство. Негов пријател така се пресели во Шведска и трипати повеќе заработуваше. Автоматски го одбив таквиот предлог. Непоимливо ми беше да имам државјанство од држава со која немам никаква врска, нити некогаш сум живеела таму. Тогаш сонував дека сонцето ќе ме огрее во сончевата Македонија.

Низ годините, колку што животот во Македонија стануваше понеиздржлив, толку растеше листата на Македонците со бугарски пасош. На почетокот постапката беше едноставна, посебно за битолчани кои и конзултатот го имаа во својот двор, за во последно време да стане се покомплицирана. Паметам дека пред три години Красимир Каракачанов, на бугарска прослава во Битола ми одговори дека во Македонија има над 90 000 Македонци со бугарски пасош. Кој знае колку се до денес.

Јасно ми е дека никој не заминал од убавина. Сите од мака. Сите за подобар живот кој тука под родната стреа не го најдоа. Немаше работни места, на цена беа врските, партиските книшки, не се ценеше квалитетот... Но, последиците ни останаа. Умирам од копнежот да ја видам Битола полна живот како некогаш, со драги и познати лица. Да тргнам по Широк Сокак и да запрам во разговор барем со дваесетина сограѓани, роднини, школски другари, пријатели, познаници. До срце ме здоболува секоја вест дека уште некој заминал во Софија, Стокхолм, Копенхаген, Сиднеј, Чикаго и каде уште не. Сега веќе и со македонски пасоши.

Секој ден на социјалните мрежи гледаме по некое познато лице кое заминало. Си велиме „зарем и овој отиде?“ Мои роднини веќе одамна работат низ Европа, во комшилукот половина од куќите се испразнети, во улилиштето на ќерка ми семејства се отселуваа и на среде учебна година. Веќе ме фаќа страв, од оваа ескалација на миграција. Со кого оставува да живееме во Битола, да работиме, да скрстуваме мислење, да пиеме кафе, да се вљубуваме, посватуваме?

На почетокот на милениумот археолозите вршеа убикација на средовековна Битола, да се знае од каде до каде се протегала. Ако демографите направат убикација на денешна Битола, што мислите до каде ќе биде?

Ни остана Широк Сокак полн само преку лето, за Велигден и Божиќ. Во есен и зима брканица да играме низ него, а некогаш беше претесен да не збере сите.

Само со подобра живеачка, работа, стандард, инфраструктура, ќе запре миграцијата. Како граѓани на Македонија ќе мора да го изживееме овој процес. Ќе треба да помине долго време за да се сврти бројчаникот на наталитетот и популацијата. Но, мора да се избориме за подобар живот во градот под нашиот Пелистер, сите ние кои немаме друга адреса на живеење. Тоа ни е единствената шанса зашто Битола на конзулите, на серенадите, на градските фаци, на навивачите, спортистите, на оние кои некогаш излегувале пред Краш, Бел Ами, Паладиум, Отекс, Тетекс, 2Ф и многу други, се помалку ја има. Неповратно изгуби дел од своите деца. Снегот и оваа зима ќе прокрие трагите.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани