2win800x200

Битола од темел изгради две нови градинки што ќе бидат отворени следната година, нова градинка е отворена во поранешниот „Дом за доенчиња“

Ноември 21, 2025

Во Битола од темел се изградија две нови градинки и уредувањето е во финална фаза, а една градинка се адаптира во функционален објект и се отвори пред еден месец.

Новите градинки што се очекува да се стават во функција во 2026 година, се со вкупен капацитет од 460 деца. Градинката што се отвори неодамна веќе згрижува плус 76 дечиња.

Ова е начинот на кој Битола ќе го решава проблемот со згрижување на деца од предшколска возраст.

Во Општина Битола има две јавни установи кои стопанисуваат со детските градинки: во ЈОУДГ „Естреја Овадија Мара“-Битола се згрижени 799 деца, во ЈОУДГ„Мајски Цвет“-Битола заклучно со месец октомври се згрижени 697 деца.

Сепак се бара слободно место плус и вкупно во двете установи на листата на чекање се над 1.000 деца (ЈОУДГ „Естреја Овадија Мара“-Битола чекаат 454 деца, додека во ЈОУДГ„Мајски Цвет“ 592 деца).

На есен секогаш расте притисокот кај родителите дали ќе се најде место за децата за згрижување во градинките.

„Чекавме згрижување во градинка, не бираме во која дали блиску или далеку од населбата, само да има место да ја згрижат ќерката, оти веќе има три години и треба да се социјализира“, вели родител.

Од Општина Битола велат дека - Со изградбата на двете нови градинки во АРМ и наспроти ОУ„Св. Климент Охридски“ во Нова Битола, како и со адаптацијата на делот од поранешниот Дом за деца без родители во градинка, односно со новите капацитети, се очекува да се надмине проблемот со  бројот на деца на листите на чекање.

нова занимална

Пред нецел месец, ден по завршувањето на локалните избори, градоначалникот Тони Коњановски отвори градинка со капицитет за згрижување 76 деца во објектот на поранешниот „Дом за доенчиња и мали деца“ во Битола. Во адаптацијата на објектот беа потрошени над 10 милиони денари, од кои 70% од Министерството за социјална политика и 30% од страна на општината.

„Со отворањето на оваа детска градинка, очекуваме да се релаксира во еден дел потребата од згрижување на дечињата во градинките. Наскоро очекуваме отворање на уште една нова детска градинка, со која ќе ја ублажиме состојбата со огромната листа на чекање за упис“,изјави градоначалникот Тони Коњановски.

Во градинката што се гради во старата касарна ќе бидат згрижени 260 деца во 13 занимални и сопствена кујна. Градинката во Нова Битола е со капацитет од 150 деца.

Во битолскиот Совет се отвори дебата околу капиталните инвестиции, условите за работа и згрижувањето на деца во градинките во Битола. Двете установи се корисници на блок-дотации од Министерството за социјална политика и за 2025 година таа сума изнесува 201 милион денари, наменети за плати, додека нивните активности од самофинансирање се над 1 милион евра.  Софија Ристевска-Петрушева, советник од СДСМ реагираше на одлуките да се зголеми бројот на деца во групите во градинките со забелешка дека е потребно вработување и на дополнителен персонал.

Советничката рече дека од Советот се бара во моментот групите во градинките што работат со 8 до 10 деца да работат со 24 деца. Групите што работат со 10 до 12 деца и тие да работат со 24 деца, групите од 12 до 15 деца да се прошират на 27 деца. Групите од 15 до 18 деца да работат со дури 32 деца.

„Сите гледаме дека тоа е двојно зголемување на бројот на деца што е екстремно зголемување како за воспитно-образованиот персонал, така и за техничкиот персонал во градинките. Во јаслите се бебиња од 8 до 18 месеци старост, ние тука треба да го зголемиме персоналот оти грижата за овие бебиња е многу голема, а не да ги зголемуваме групите. Од друга страна занималните се многу мали и тие немаат технички услови за да примат толку големи групи, ќе нема воздух за децата“, рече советничката на СДСМ, Ристевска-Петрушева.

Од градинките во Битола велат дека со Одлуката за добивање согласност за работа во воспитни групи со поголем и помал број на деца во детските градинки не се надминува проблемот, но се намалува бројот на деца кои се на листа на чекање.  

Според советниците од власта праксата да се намали или зголеми бројот на деца во групите во градинките во Битола е процес кој трае 15 години наназад и е законски определено.

„Не сме ние прв состав на Совет кој што носи ваква одлука. Не се работи само за формирање на групи со поголем број на деца, туку и формирање на групи со помал број на деца, што е случај за градинките што работат во руралните средини, а кои се во склоп на двете јавни установи во Битола. Ова што го правиме е законско решение“, истакна Наташа Марковска, советничка на ВМРО-ДПМНЕ.  

нова

Опозицијата побара одговор зошто досега не се отворени двете нови градинки.

„И двата проекти се оставени во наследство на оваа локална самоуправа од минатата локална власт (СДСМ). И оваа актуелна власт не успеа да ги отвори двата објекти во изминатите четири години. Исто и објектот што се гради кај ОУ ’Св.Климент Охридски’ ако не се отвори ќе биде подложен на забот на времето. Доаѓаме до очајниот факт, во ситуација кога не е реализиран ниту еден капитален објект во градинките во Битола ние мора да ги зголемуваме групите на деца“, критуваше советничката Ристевска-Петрушева.

Претседателот на Совет, Бојан Бојкоски возврати на критиките со контра аргументи и кажа дека бившата власт на СДСМ оставила проблематични ситуации во изведбата на двете градинки, па новата власт морала да ги решава ситуациите на терен за да дојде до изградба надва комплетно нови објекти.  

нова градинка

„Градинката во АРМ беше посебна приказна бидејќи кога во 2021 година беше преземена од тогашната власт на СДСМ, беше еден отворен базен. Техничкото решение беше несоодветно и не можеше да се продолжи со изградбата. Договорот беше раскинат од Општина Битола со изведувачот за кој што беа наплатени и ‘пенали’ од околу 60 илјади евра. Отпочна постапка за да се догради детската градинка, со изнаоѓање на ново техничко решение понудено од Градежниот факултет во Скопје. Во моментот во објектот се изведуваат внатрешни занаетчиски работи со цел да биде во функција во 2026 година“, објасни Бојкоски, претседател на Советот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. 

Што се однесува до изградбата на втората нова градинка во Битола кај ОУ „Св.Климент Охридски“, Бојкоски кажа дека договорот за изведба бил раскинат од самиот изведувач на работите бидејќи фирмата паднала под стечај. По ова лани бил склучен нов договор од страна на Министерството за труд и социјала со изедувач со цел градинката да се стави во функција. Оваа градинка е комплетно изградена со опремени занимални. Според него останува да се уреди холтикултурно дворот на градинката и да се постави ограда, пред да се стави во функција.  

Анета Блажевска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани