
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Иван Куковски е новиот координатор на РЕК Битола, додека Владимир Пејоски во РЕК Осломеј. Ова подразбира дека во двата комбинати има времени координатори.
„Во насока на динамизирање на инвестициските планови и интензивирање на активностите за обезбедување стабилно производство на електрична енергија во зимскиот период, Управниот одбор на АД ЕСМ донесе одлука за времено именување на координатори во двата клучни енергетски капацитети во државата. За координатори со целосни овластувања за раководење со комбинатите се именувани Иван Куковски во РЕК Битола и Владимир Пејоски во РЕК Осломеј“, потврдуваа од прес службата на АД ЕСМ за АПЛА.
Од таму наведуваат дека -„Иван Куковски е истакнат стручен кадар со исклучителен придонес во работата на компанијата и потврден професионалец кој изминатите децении остави траен белег во развојот на македонскиот електро-енергетски сектор. Во неговата богата кариера тој извршуваше високи и одговорни функции, меѓу кои во ХЕС Маврово, како директор на производство во АД ЕЛЕМ до 2017 година, а до јуни минатата година ја извршуваше и функцијата претседател на Надзорниот одбор на АД ЕСМ.“
Што се однесува до РЕК ОСломеј, од прес службата наведуваат дека -„Владимир Пејоски, кој воедно е актуелен директор за развој и инвестиции и член на Управниот одбор на АД ЕСМ, е докажан експерт со титула магистер по технички науки и дипломиран машински инженер. Најголемиот дел од својата професионална кариера го помина токму во РЕК Осломеј, каде во детали ги познава сите оперативни и технички процеси. Под негово водство, Секторот за развој и инвестиции иницираше сериозни проекти за енергетска трансформација по долг период на стагнација, при што Пејоски одигра клучна улога во забрзувањето на проектите за фотонапонски електрани и реализацијата на втората фаза од ветерниот парк Богданци како дел од стратегијата за „зелена“ транзиција на компанијата.“
Од РЕКБитола накрај потенцираат дека „Одлуката на Управниот одбор се темели на уверувањето дека долгогодишното искуство и познавање на состојбите во РЕК Битола и во РЕК Осломеј на новоименуваните координатори значително ќе придонесат за зголемување на доверливоста на комбинатите. Нивниот ангажман ќе биде примарно фокусиран на успешна реализација на енергетскиот биланс и одржување на стабилен енергетски систем во претстојните зимски месеци“, информираа од АД ЕСМ за АПЛА.
Автор Анета Блажевска
